Достапни линкови

Вести

На кошаркарските репрезентативци „Медал за заслуги за Македонија“

Пречек на македонските кошаркарски репрезентативци
Пречек на македонските кошаркарски репрезентативци
Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов денеска со „Медал за заслуги за Македонија“ ќе ги одликува македонските кошаркарски репрезентативци кои го освоија четвртото место на Европското првенство во Литванија. Високото признание им се доделува за афирмација на Република Македонија во светот со постигнатите врвни резултати во кошарката на меѓународен план и за исклучителен придонес за развој и популаризација на овој спорт во нашата земја.

види ги сите денешни вести

Гласањето помина мирно, излезноста во дијаспората е околу 50 отсто до 17 часот

Илустрација
Илустрација

Мирно помина денешниот изборниот ден на кој гласаа болните и изнемоштените, затворениците во казнено-поправните домови и лицата во притвор, во старските домови и македонските државјани во странство, оцени Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК), пред утрешните избори за претседател на Северна Македонија.

„Денеска мирно помина денот на гласање. Се отворија сите избирачки места. Имаше малку тешкотии во некои планински средини бидејќи никој не очекуваше дека денеска ќе биде толку лош ден, оти ќе биде прилично ладно, дожд, па на планински места и снег. Но се отворија сите места и сите овие категории што требаше денеска да гласат гласаа“, рече Даштевски во гостување на телевизија „Сител“.

До 17 часот гласале вкупно 6.953 немоќни и болни лица. Во казнено-поправните установи гласале 2 147 лица и 534 лица сместени во посебни центри. Правото на глас го оствариле и две раселени лица.

Даштевски информира дека до 17 часот излезноста на македонските државјани во дијаспората е повеќе од 50 отсто.

На седмите претседателски избори во Северна Македонија, според податоците на ДИК, право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи.

Утре, на денот на изборите, избирачките места ќе се отворат во 7 часот. Гласањето ќе трае до 19 часот. Ќе се гласа на вкупно 3.480 избирачки места.

На 8 мај во Северна Македонија ќе се одржат и парламентарни избори.

Агелер: Ништо нема да се постигне со негласање

Северна Македонија - Анџела Агелер, амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија
Северна Македонија - Анџела Агелер, амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија

Амбасадорката на Соединетите Американски Држави(САД) во Северна Македонија, Анџела Агелер, преку официјалниот профил на амбасадата на мрежата Фејсбук упати порака до граѓаните да излезат на гласање и да го дадат својот глас за кандидатот кој ги одразува нивните очекувања за иднината.

Утре во Северна Македонија ќе се одржи првиот круг од претседателските избори, на кои учествуваат седуммина кандидати.

„Граѓаните и гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа тие гласачи... мора да гласаат. Тие мора да излезат таму и да го изберат кандидатот што ги одразува нивните соништа за иднината, и ништо нема да се постигне со негласање“, пишува во пораката од Агелер.

На седмите претседателски избори во Северна Македонија, според податоците на ДИК, право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи.

Денеска гласаат болните и затворениците во Казнено-поправните домови и лицата во притвор, во старските домови и државјаните во странство.

Утре, на денот на изборите, избирачките места ќе се отворат во 7 часот. Гласањето ќе трае до 19 часот. Ќе се гласа на вкупно 3.480 избирачки места во целата држава.

Ова се седми претседателски избори во Северна Македонија, на кои има седуммина кандидати за претседател на државата.

Украина ги ограничи конзуларните услуги за воено способните мажи кои живеат во странство

Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина, 29.3.2024 година
Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина, 29.3.2024 година

Украина ги ограничи конзуларните услуги во своите дипломатски претставништва за мажи на возраст за регрутирање (од 18 до 60 години) кои живеат во странство, додека Киев се обидува да го зголеми бројот на војници во борбата против руската инвазија.

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, на мрежата Икс (поранешен Твитер) напиша дека наредил ограничувања затоа што „престојот во странство не го ослободува граѓанинот од должностите кон татковината“, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

„Како изгледа сега: човек на воена возраст оди во странство и ѝ покажува на својата земја дека не се грижи за нејзиниот опстанок. Потоа се враќа и сака да добива услуги од оваа земја. Тоа не функционира така. Земјата е во војна“, напиша Кулеба.

Кулеба додаде дека во наредните денови ќе го разјасни процесот за легално добивање конзуларни услуги во странските дипломатски претставништва на Украина за мажи на воена возраст, бидејќи стапува на сила законот за мобилизација што го потпиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на 16 април.

Според тој закон, сите мажи на возраст меѓу 18 и 60 години мора да ги ажурираат своите информации во воените центри за регрутирање низ целата земја.


Непознат број Украинци избегаа од земјата откако Русија почна неиспровоцирана инвазија на Украина во февруари 2022 година, и покрај потегот на Киев да им забрани на мажите на воена возраст да ја напуштат Украина.

Стотици илјади Украинци кои работат во странство како работници - мигранти, исто така, не се вратија во Украина.

„Обврската за ажурирање на документите во воените центри постоеше и пред донесувањето на новиот закон за мобилизација. Ако некој верува дека додека едни се борат далеку на бојното поле и ги ризикуваат своите животи за оваа земја, други можат да останат во странство и да добиваат услуги од оваа земја, тогаш не, тоа не функционира така“, напиша Кулеба.

Новиот закон ги обврзува Украинците на возраст меѓу 18 и 60 години да ги информираат воените власти за нивните лични податоци, така што канцелариите за регрутирање ќе можат полесно да видат кој во кој регион може да се мобилизира.

Воено способните мажи се законски обврзани во секое време да носат документ за регистрација издаден од воената канцеларија. Службениците за регрутирање смеат да го побараат документот на улица.

Поради воена состојба, на мажите на воена возраст им е забрането да одат во странство, но нема процедура за повикување на украински мажи кои се надвор од државата.

Сепак, новиот закон предвидува од Украинците на кои им се потребни конзуларни услуги, како што е обновувањето на пасошот, да може да се побара да приложат документи за воена регистрација.

МОН: Нема да се учи во саботи, наставата ќе се надомести во работни денови

Северна Македонија - ученици пред училиште во Скопје
Северна Македонија - ученици пред училиште во Скопје

Во работни денови наместо во сабота ќе се надомести наставата од 24 април и 8 мај, деновите на изборите и од 30 ноември 2023 година за учениците од Скопје, кога беше организиран Самитот на ОБСЕ, соопштија од Министерството за образование и наука(МОН).

Учебната година нема да биде продолжена и ќе заврши согласно календарот за настава, но во денови од работната недела учениците ќе престојуваат подолго за да го надоместат пропуштеното. За организирањето се задолжени директорите на училиштата, соопштија од МОН.

Министерството за образование и наука потсетува дека наставната година за учениците од средните училишта ќе трае до 10 јуни, а за учениците од основните училишта до 17 јуни.

Училиштата нема да работат утре, за претседателските избори и на изборниот ден на 8 мај.

Училиштата каде утре ќе биде организирано гласање, поради подготовките, денеска работеа со скратени часови.

И Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) потсети дека утре е неработен ден за сите граѓани, согласно заклучокот на техничката влада донесен на 16 април.

„Работодавачите не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние работодавачи каде работните процесите заради својата природа не можат да се прекинат“, соопштија од Државниот пазарен инспекторат.

Пазарните инспектори со засилени контроли ќе проверуваат дали работодавачите го почитуваат заклучокот на техничката влада.

Даштевски: Подготвени сме за утрешните претседателски избори

Aлександар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК)
Aлександар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК)

Државната изборна комисија (ДИК) е целосно подготвена да ги спроведе утрешните претседателски избори, рече Александар Даштевски, претседател на ДИК, на седницата на комисијата на 23 април.

Даштевски кажа дека нема проблеми со гласањето денеска на болните, затворениците, во дијаспората и лицата во старските домови.

„Гласањето добро се одвива и трае и тие податоци ќе ги имаме до вечер. Некаде е завршено, но гласањето трае до 19 часот. По завршувањето на гласањето денеска, ДИК ќе објави информации за излезноста на гласачите, додека резултатите ќе бидат сублимирани и објавени утре“, рече Даштевски.

Граѓаните ќе можат да го остварат правото на глас со важечки документ за лична идентификација, лична карта и патна исправа со старо уставно име на Република Македонија, како и со лична карта и патна исправа чија важност истекла девет месеци пред денот на одржувањето на изборите, а за утре тоа е 24 јули 2023 година.

Вкупно 1601 набљудувачи ќе ги набљудуваат утрешните претседателски избори во Северна Македонија, откако на денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК) беа акредитирани нови набљудувачи.

Од нив, 915 се домашни набљудувачи, 544 се меѓународни набљудувачи, има 84 преведувачи и 58 странски новинари.

Акредитираните набљудувачи и странски новинари и медиуми добиваат беџови од ДИК за да можат да ги следат изборите. Домашните новинари, фоторепортери и сниматели ќе можат да известуваат и да ги посетуваат избирачките места од изборите само со своите прес-легитимации.

Дозволено е да се снима и да се слика во избирачките места, но не е дозволено да се снима и да се слика зад параванот за да не се наруши тајноста на гласањето, појасни Борис Кондарко, член на ДИК.

На седмите претседателски избори во Северна Македонија, според податоците на ДИК, право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи.

Денеска гласаат болните и затворениците во Казнено-поправните домови и лицата во притвор, во старските домови и државјаните во странство.

Утре, на денот на изборите, избирачките места ќе се отворат во 7 часот. Гласањето ќе трае до 19 часот. Ќе се гласа на вкупно 3.480 избирачки места во целата држава.

Ова се седми претседателски избори во Северна Македонија, на кои има седуммина кандидати за претседател на државата.

Секој месец ќе се објавуваат податоци за бројот на гласачи во Србија

Србија - Собрание на Република Србија, Белград
Србија - Собрание на Република Србија, Белград

Податоците за бројот на гласачи во секоја единица на локалната самоуправа во Србија ќе се објавуваат еднаш месечно, наместо на секои три месеци, што беше пракса досега, соопштија од кабинетот на претседателката на собранието на Србија, Ана Брнабиќ.

Како што се наведува во соопштението од српското собрание, тоа е „директен резултат на парламентарниот дијалог инициран од претседателот на српскиот парламент за подобрување на изборните услови и спроведувањето на препораките на ОДИХР“.

„На овој начин сите граѓани на Србија ќе можат месечно да ги следат промените во бројот на избирачи во единствениот избирачки список во секоја единица на локалната самоуправа“, се вели во соопштението на Собранието на Србија.

Објавувањето на точниот број на гласачи во секоја општина е овозможено со измените на Упатството за спроведување на Законот за единствен избирачки список.

Претходно, пратениците во српското собрание ги усвоија измените на Законот за локални избори, со кои се овозможи локалните избори во градовите каде што не беа одржани во декември да се одржат со веќе најавените избори за градската власт во Белград на 2 јуни.

Формирање комисија за ревизија на избирачкиот список, одржување на Белград и локалните избори во ист ден и почитување на законот за медиуми се трите основни барања на опозицијата за учество на тие избори.

Опозицијата претходно ја обвини власта за изборна кражба на декемвриските избори, што владејачката Српска напредна партија и државниот врв ги отфрлија.

Изборни нерегуларности констатирале и меѓународни набљудувачи.

Мисијата на ОДИХР, Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ, по констатираните нерегуларности на изборите на 17 декември, на властите во Србија им испрати 25 препораки за подобрување на условите за избори.

На 17 декември се одржаа вонредни парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини низ Србија.

Украински градоначалници во посета на Мостар

Босна и Херцеговина - украински градоначалници во посета на Мостар
Босна и Херцеговина - украински градоначалници во посета на Мостар

Обновувањето на уништената инфраструктура и одржувањето на тоа што не беше уништено од војната е причината поради која 18 градоначалници од Украина пристигнаа во посета на Мостар.

Градот на југот на Босна и Херцеговина претрпе големо уништување за време на војната во 1990-тите. Меѓу нив е и Стариот мост, симболот на Мостар, еден од најважните споменици на османлиската архитектура на Балканот, изграден во 1566 година.

Евгениј Кудод, заменик-градоначалник на Криви Рих, индустриски град на југоистокот на Украина,кажа дека Украина се соочува со она низ што помина Босна и Херцеговина пред три децении.

„Зградите се урнати и сега работиме на проект за да видиме колку можеме да ги обновиме, иако војната продолжува. Не беа гранатирани само станбени згради, туку и училишта и болници, фабрики и енергетска инфраструктура. Градот е сега само со половина од снабдувањето со енергија“, рече Кудот.


Градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, рече дека забележал сличности во уништувањето на инфраструктурата, но и во напорите за нејзино обновување.

„Ние им ги пренесовме нашите искуства, иако сето тоа беше одлична импровизација во воени услови, разговаравме за можноста за електрификација, поставување на соларни панели како алтернатива, беа заинтересирани и за водоснабдување и како се снајдовме“, рече Кордиќ.

Се разговараше и за реставрација на историското наследство, кое, како што изјавија домаќините од Мостар, е важно за зачувување на идентитетот и напредок во градењето на мирот.

Украинските градови се цел на бомбардирање од февруари 2022 година, кога Русија ја нападна Украина.

Европскиот парламент ја потврди визната либерализација за граѓаните на Косово со српски пасоши

Српски пасош, илустрација
Српски пасош, илустрација

Европскиот парламент (ЕП) изгласа визна либерализација за граѓаните на Косово кои поседуваат српски пасоши. Со ова гласање е завршена процедурата во Европскиот парламент.

Известувачот за визи во ЕП, Матјаж Немец, по гласањето рече дека продолжувањето на визната либерализација на ЕУ за српските жители на Косово е важно за да се спречи дискриминација врз овие граѓани, кои се единствената категорија жители на Западен Балкан на кои сè уште им е потребна виза за патување до Шенген зоната.

„Оваа техничка одлука не е обид за решавање на спорот меѓу Србија и Косово, туку прагматично решение за обезбедување еднаков третман“, рече Немец.

Сепак, согласноста треба да ја потврди и Советот на министри на Европската унија(ЕУ), при што за гласање е потребно квалификувано мнозинство. Засега не се знае кога ова прашање ќе се најде на дневен ред на министрите на ЕУ.

За да биде конечна визната либерализација, по гласањето во Европскиот парламент и во Советот на министри, одлуката треба да биде објавена во Службен весник заедно со датумот кога стапува во сила.

Визната либерализација за Косово, која е во сила од 1 јануари годинава, важи само за имателите на косовски пасоши. Граѓаните на Косово со српски пасоши беа изземени од визна либерализација при укинувањето на визите за граѓаните на Србија во декември 2009 година.

По визната либерализација за граѓаните на Косово, граѓаните на земјата кои имаат само пасоши од Србија останаа единствените во регионот кои немаат слобода на движење во Шенген зоната.

Ова е причината поради која во ноември Европската комисија (ЕК) предложи да се укинат визите за носителите на пасоши на Република Србија кои престојуваат на територијата на Косово.


Од аеродромот во Приштина не може да се патува со пасош издаден од Координативната управа на МВР на Србија во Белград за државјани на Косово, бидејќи косовските власти сметаат дека тоа е нелегално.

Носителите на овие пасоши можат да патуваат од која било земја во регионот.

Во ноември 2023 година, Европската Комисија предложи да се укинат визите за сопствениците на пасоши на Република Србија, кои престојуваат на територијата на Косово.

ССМ го најави првомајскиот протест - минимална плата од најмалку 450 евра

Слободан Трендафилов, Претседател на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)
Слободан Трендафилов, Претседател на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)

Традиционално и годинава на 1 мај Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе организира протест за одбрана на работничките права, а како што најави денеска, 23 април, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, на овој протест тие ќе побараат враќање на трошоците за храна и превоз во висина од 20 проценти, како и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра уште во првите 100 дена по формирањето на новата влада.

Најавувајќи го првомајскиот протест, Трендафилов објасни дека работничкото движење е исправено пред сериозен предизвик поради, како што кажа, односот на креаторите на политиките кои во изминатиот период „докажале дека се грижат за себе, но не и за работниците“.

„Денеска работниците во Македонија се соочуваат со притисок за нивната егзистенција поради зголемените трошоци за живот, како и ниските плати. Работниците се премногу незадоволни од се’. Излегуваме на протест поради тоа што изминатиот период беа глуви на нашите барања. Денеска како никогаш досега имате работници во „Македонски шуми“ кои немаат примено плата три месеци, имате работници во „Водостопанство“ кои ја немаат примено последната плата. Вработените во културата преку протести се изборија за исплата на платата со зголемувањето на минималната плата и еден куп други работници кои се борат за нивната егзистенција според податоците на УЈП каде што јасно се кажува дека повеќе од 20 илјади работници примаат плата пониска од минималната“, рече Трендафилов.

Трендафилов објасни дека македонските работници константно стануваат посиромашни, нагласувајќи дека ова е вистински момент да го кренат гласот и да се појават на првомајските протести.

„За жал, работниците во Македонија од јануари до април се посиромашни месечно за некаде околу 3.000 денари или за 50 евра. Ако тоа не е доволна причина да ни се придружат на Првомајскиот протест и ако тоа не е доволна причина да излезат и да кажат дека се премали платите, а преголеми се трошоците, треба да размислат добро. Тоа што можам да кажам е дека психолошката бариера од 60 илјади денари новата пресметка на синдикалната минимална кошничка сигурно ја преминува и тоа треба да биде црвен картон за сите оние кои се сомневаа и во пресметката на синдикалната минимална кошничка, меѓутоа се сомневаа и укажуваа дека работниците во Македонија можат да преживеат со далеку помалку. Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“, потенцираше Трендафилов.

Првомајскиот протест ќе започне во 11 часот пред просториите на работничкиот дом, по што работниците ќе одат и пред Собранието, Стопанската комора, а протестот ќе заврши пред Влада.

ДИК: Гласањето на затворениците и болните лица се одвива без проблеми

Гласање, избори, илустративна фотографија
Гласање, избори, илустративна фотографија

Вкупно 2.147 гласачи во 14 казнено-поправни установи денеска во Северна Македонија од утрово го остваруваат своето право на глас за претседателските избори. Гласањето за нив започна утрово во 7 часот и ќе трае се до затворање на гласачките кутии во 19.00 часот.

Како што информираат од Државната изборна комисија (ДИК) до овој момент гласањето во сите казнено-поправни установи се одвива без проблеми.

Покрај затворениците, денеска своето право на глас можат да го остварат и двајца гласачи кои се водат како внатрешно населени, а исто така во текот на денешниот ден се спроведува и гласањето на болните и немоќните лица.

Ова значи дека вкупно 6.935 граѓани кои се пријавиле како болни или немоќни ќе можат да го остварат своето право на глас во своите домови, откако претходно до општинските изборни комисии доставиле известување за својата состојба со соодветна документација.

Исто така, од ДИК инфомираат дека денеска гласаат и 534 лица сместени во 20 центри за вонсемејна грижа кои своето право на глас ќе го остварат во центарот каде се сместени.

На седмите претседателски избори кои за сите други категории граѓани ќе се одржат утре според податоците на ДИК право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи.

Избирачките места утре ќе се отворат во 7, а гласањето ќе трае до 19 часот. Ќе се гласа на вкупно 3480 избирачки места во целата држава.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG