Достапни линкови

Вести

Франција побара поддршка од Русија за санкциите против Сирија

Францускиот министер за надворешни работи Ален Жупе денеска го обвини сирискиот претседател Башар Ал Асад за направени злосторства против човештвото. Тој по средбата со неговиот руски колега Сергеј Лавров во Москва изјави дека се надева оти Русија наскоро ќе се приклучи кон санкциите против Сирија. За време на разговорите Лавров не дал никакви индикации дека Москва ќе со смени ставот по тоа прашање. Минатиот месец Британија, Франција, Германиј и САД направија предлог резолуција за санкции против Асад и неговите соработници, но тоа наиде на отпор од Русија и Кина.
Во меѓувреме, активисти за човекови права тврдат дека сириските безбедносни сили денеска убиле уште 12 демонстранти во градот Хомс.

види ги сите денешни вести

Приватните специјализанти и утре ќе штрајкуваат

Штрајк на приватни специјализанти пред Министерство за здравство
Штрајк на приватни специјализанти пред Министерство за здравство

Приватните специјализанти и утре ќе го продолжат штрајкот што го почнаа денеска, 15 април, со барања за зголемување на платата, редовно вработување и право на здравствено осигурување.

„Ја информираме јавноста дека штрајкот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, сѐ додека Министерството за здравство после утрешната седница на Влада не излезе со официјален став и соопштение. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за своите понатамошни чекори“, објави Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари на мрежата Фејсбук, пренесувајќи соопштение од приватните специјализанти.

Нивни претставници попладнево имаа средба во Владата со министерот за здравство, Илир Демири, заменик министерката за здравство, Маја Манолева и професор Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања.

На средбата, на специјализантите им било кажано дека по утрешната владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот.

Повеќе од 400 приватни специјализанти изутринава стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и останатите болници и амбуланти низ државава.

Тие бараат надоместот од 26.000 денари што сега им се исплаќа да се зголеми на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување, како и решавање на статусот што сега им е со договор на дело.

Авионска линија Белград-Мостар воспоставена по повеќе од 30 години

Српскиот претседател Александар Вучиќ (лево) пристигнува на аеродромот во Мостар, придружуван од Борјана Кришто и Драган Човиќ (десно), 15 април 2024 година
Српскиот претседател Александар Вучиќ (лево) пристигнува на аеродромот во Мостар, придружуван од Борјана Кришто и Драган Човиќ (десно), 15 април 2024 година

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 15 април слета на аеродромот во Мостар, на југот на Босна и Херцеговина (БиХ), со што беше отворена директна линија меѓу Белград и Мостар, по повеќе од 30 години откако беше прекината во ноември 1991 година.

Вучиќ на аеродромот го пречекаа претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто и заменик-претседателот на Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ.

„Граѓаните на оваа линија ќе можат да летаат три пати неделно, по цена од 104 евра“, рече Вучиќ на прес-конференцијата што следеше по слетувањето.

Кришто рече дека оваа воздушна врска меѓу Мостар и Белград ќе отвори дополнителни врски за граѓаните до многу други светски дестинации.

Договорот меѓу Градот Мостар, компанијата „Ер Србија“ и аеродромот во Мостар беше потпишан на 2 февруари во градското собрание на Мостар.

Аеродромот во Мостар повторно прими повеќе авиокомпании, откако беше речиси без патници во годините по избувнувањето на пандемијата на ковид-пандемијата во март 2020 година.

За претстојната летна сезона, воспоставени се линии за Минхен, Загреб, Белград, Верона, Рим и Бари.

Овие летови ќе почнат од средината на април, со субвенции од властите на Босна и Херцеговина.

Инаку, српскиот претседател допатува во дводневна посета на БиХ, каде во вторник на 16 април ќе присуствува на отворањето на Меѓународниот бизнис саем во Мостар.

Израел ќе „одговори“ на нападот од Иран, предупреди началникот на штабот на израелските одбранбени сили

Израелски војници и воени возила во близина на границата меѓу Израел и Газа, 15 април 2024 година.
Израелски војници и воени возила во близина на границата меѓу Израел и Газа, 15 април 2024 година.

Началникот на штабот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Херзи Халеви, предупреди дека ќе има одговор на нападот од Иран.

Израелскиот воен кабинет во понеделникот, 15 април, го одржа третиот состанок за 48 часа, по што медиумите објавија дека целта на Израел е да му наштети на Иран без да предизвика сеопфатна војна.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека САД ги поминале изминатите 36 часа „координирајќи го дипломатскиот одговор за да се обидат да спречат ескалација“.

И ирачкиот вицепремиер Мухамед Али Тамим ги повика „сите страни“ да се „воздржат“ и „да ги почитуваат правилата и меѓународните норми што ги поставивме“.

Во исто време, Германија, Франција и Белгија ги повикаа на разговор своите амбасадори во Иран.

Светските сили повикаа на воздржаност откако Иран лансираше повеќе од 300 беспилотни летала и проектили врз Израел во саботата навечер, 13 април.

По иранскиот напад, Советот за безбедност на ОН одржа итен состанок во неделата, 14 април, на кој Израел побара нови санкции против Техеран, додека генералниот секретар Антонио Гутереш предупреди дека регионот е „на работ“ на војна.

„Ниту регионот, ниту светот не можат да си дозволат повеќе војни“, рече првиот човек на ОН.

Иранскиот претставник во ОН, Амир Саид Иравани, инсистираше на тоа дека Иран го користи своето „вродено право на самоодбрана“ за да одговори на нападот на 1 април врз конзуларната зграда во Дамаск, кој нашироко му се припишува на Израел.

Тој инсистираше на тоа дека Иран „не бара ескалација или војна“.


„Лидерите на Г7 го осудија иранскиот напад и повикаа на „воздржаност“ од сите страни, напиша претседателот на Европскиот совет, Чарлс Микеле на мрежата Икс (поранешен Твитер).

Првиот директен напад на Иран врз Израел, како одмазда за нападот во Дамаск на почетокот на овој месец, во кој загинаа седум членови на иранската револуционерна гарда, вклучително и двајца генерали, следеше по неколкумесечното насилство низ регионот во кое беа вклучени ирански прокси групи кои велат дека ги поддржуваат Палестинците во Појасот Газа.

По нападот на Хамас на 7 октомври во кој загинаа околу 1.200 луѓе, според израелските податоци, во израелската офанзива на Појасот Газа загинаа најмалку 33.720 луѓе, според здравствените власти во Газа под контрола на Хамас.

Советот на Сребреница усвои одлука за преименување на улиците

Гласање во Советот на Општина Сребреница, 15 април 2024 година.
Гласање во Советот на Општина Сребреница, 15 април 2024 година.

Собранието на Општина Сребреница на 15 април донесе одлука за промена на називите на улиците во Сребреница и во селото Скелани, кое е дел од Општина Сребреница.

Ниту една улица не е именувана по жртвите на геноцидот.

Бошњачките советници ја напуштија седницата пред гласањето

Според планот, плоштадот на Сребреница и дел од улицата се преименувани во „Република Српска“, по етничкиот српски ентитет на Босна и Херцеговина. Градскиот парк „Сребреница“ ќе се преименува во „Парк на мајорот Коста Тодоровиќ“ по четнички командант од Првата светска војна.

Контроверзниот предлог беше одобрен и покрај апелите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), која наместо тоа повика на „инклузивно и транспарентно решение“ за имињата на улиците во градот.

Во изборот на новите имиња не учествуваа претставници на бошњачкиот народ, а во собранието кое е надлежно за именување на улици, плоштади и делови од населени места, мнозинството се политички претставници на Срби.

Промените на имињата на улицата се во пресрет на локалните избори во Босна и Херцеговина, што треба да се одржат на почетокот на октомври.

Претходно градоначалникот на општината Младен Грујичиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека преименувањето е законска обврска, бидејќи „улиците немаа имиња“.

„И тоа ни создаде проблеми, а исто така законска обврска е сите улици да имаат свои имиња, а ќе влеземе во уште една голема задача, а тоа е да ги нумерираме сите куќи, сите станови, за полесно да ги одредиме адресите. од тие згради“, изјави Грујичиќ за РСЕ на 6 февруари.

Во Сребреница има дваесетина улици.

Повеќето од улиците ги добиле називите во средината на 20 век. Во 1996 година со одлука на локалното собрание, составено од советници од српска националност, била донесена одлука за промена на сите називи на улиците.

Минатиот месец, мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина го поздрави проектот „Улици за мир“, иницијатива на младите во градот за преименување на улиците користејќи неутрални, инклузивни имиња како „Улица на иднината“, „Улица на толеранцијата“ и „Децата од Сребреница“.

Лекар во Босна криел коски од жртви во Сребреница во неговиот двор
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:49 0:00


Овој потег, исто така, доаѓа кога Генералното собрание на ОН на 17 април треба да расправа за нацрт-резолуцијата на ОН со која 11 јули се прогласува за „Меѓународен ден на размислување и сеќавање на геноцидот во Сребреница во 1995 година“.

На резолуцијата се спротивстави Милорад Додик, лидерот на Република Српска, пријател на Русија, кој се закани дека доколку биде усвоена, „Република Српска ќе се повлече од процесот на одлучување во Босна“.

Додик, кој беше санкциониран од Соединетите Држави и Обединетото Кралство поради неговите напори да го поткопа Дејтонскиот мировен договор со кој заврши војната на оваа балканска земја во 1995 година, го повтори своето негирање на геноцидот во Сребреница.

Пред војната во 90-тите, во Сребреница живееле околу 37.000 жители, додека денес таа бројка е едвај 5.000 или 6.000.

Во петокот, на 12 април, Сребреница ја одбележа 31-годишнината од страдањата на 105 Бошњаци, убиени од гранати истрелани од позициите на војската на Република Српска на спортските терени на Основното училиште во Сребреница.

Настанот се случи за време на фудбалски турнир на 12 април 1993 година, кога 74 лица загинаа веднаш од експлозии на гранати, а повеќе од сто цивили беа ранети. Уште 31 лице починало на пат кон болницата и во болница.

Радован Караџиќ, првиот претседател (1992-1995) на Република Српска, еден од двата ентитета што ја сочинуваат Босна, беше осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница и за злосторства против човештвото. Ратко Младиќ, воениот командант на босанските Срби, исто така беше осуден на доживотен затвор за неговата улога во геноцидот.

Гир: Очекуваме спроведување на уставните измени, не коментирам политички прашања среде кампања

Дејвид Гир, евроамбасадор во Северна Македонија
Дејвид Гир, евроамбасадор во Северна Македонија

Евроамбасадорот Дејвид Гир не ја коментира изјавата на претседателскиот кандидат од Европскиот фронт, Бујар Османи дека уставните измени ќе бидат услов за формирање на идна влада, но повторува дека очекува спроведување на овие измени за продолжување на патот на земјата кон ЕУ.

Во одговор на новинарско прашање дали ваквиот услов ќе значи вовед во политичка криза, Гир рече дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе го продолжи патот на земјава кон Европската унија.

„Ние сме во среде изборна кампања и не одговорам на прашања за политички прашања. Се разбира, очекуваме спроведување на уставните измени, кои ѝ овозможуваат на земјата да напредува на својот пат кон Европската унија. Сакаме тоа да се случи што е можно поскоро, рече Гир пред почетокот на панел-дискусијата „Патот пред нас: консолидирање на вклученоста на граѓанското општество во Економскиот и Инвестицискиот план за Западен Балкан“ што се одржа на 15 април во ЕУ-Инфо центарот.

Дека уставните измени ќе бидат услов за формирање на идната влада претседателскиот кандидат на ДУИ и на коалицијата „Европски фронт“, Бујар Османи, кажа минатата недела во интервју за Радио Слободна Европа.

„Нема да може да има влада без договор за уставни измени. Тоа е јасна констатација на сите политички партии кои што сметаат дека Европската Унија е единствена алтернатива за нас. Така што, сите опции ќе бидат искористени, од можноста да се понуди и национална влада за спас“, рече Османи во интервјуто.

Албанскиот политички блок во земјава, како клучен услов за коалицирање со македонски партнер во Владата по изборите го наметнува донесување на уставните измени веднаш по конститутивната седница во Собранието која ќе треба да се одржи најдоцна до 29 мај.

Процесот за уставните измени во Собранието беше започнат на 18 август минатата година, но тогашниот собраниски спикер Талат Џафери ја прекина седницата затоа што вледејачката коалиција на СДСМ и ДУИ не успеа да го обезбеди двотретинското мнозинство неопходно за отворање на Уставот.

Украина повеќекратно го зголеми производството на дронови

Украина - Украински дрон „Вампир“, регион на Запорожје, 2 февруари 2024 година
Украина - Украински дрон „Вампир“, регион на Запорожје, 2 февруари 2024 година

Украина досега во текот на 2024 година испорача три пати повеќе беспилотни летала на своите вооружени сили отколку во цела 2023 година, изјави полковникот Вадим Сухаревски, командант на силите за беспилотни летала на Украина.

„Овој процес продолжува и само ќе расте“, рече Сухаревски.

Украина, која се бори против руската инвазија речиси 26 месеци, се обидува да го зголеми производството на домашно оружје и употребата на иновативни технологии за да се спротивстави на многу помоќниот и побогат непријател.

Сухаревски ја посети изложбата на која беа изложени беспилотни возила од украинско производство на копно, море и воздух, системи за електронско војување и оклопни возила.

„Не е тајна дека нашите ограничувања на ресурсите во артилерија се компензираат со беспилотни летала“, им рече Сухаревски на новинарите, мислејќи на нерамнотежата на артилериската огнена моќ меѓу Украина и Русија за која аналитичарите проценуваат дека е шест спрема еден во корист на Русија.

Зголемената употреба на беспилотни летала од двете страни го префрла конфликтот од бојното поле кон меѓусебни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура.

„Украинските беспилотни летала кои беа користени во Русија во последните месеци, сега можат да погодат цели оддалечени повеќе од 1.200 километри“, рече Сухаревски.

Олександр Камишин, министер за стратешка индустрија на Украина, рече дека украинските производители на оружје го поттикнале и воениот и економскиот напредок на земјата.

Воено-индустрискиот комплекс на Украина го зголеми бруто домашниот производ (БДП) за 1,5 отсто во 2023 година, што е значителен дел од вкупниот раст на БДП од околу пет отсто.

Камишин рече дека е убеден дека таа бројка ќе се удвои на три отсто од растот на БДП оваа година. Но, тој предупреди дека украинската влада не може да го купи целото производство на домашно оружје.

„Уверен сум дека во иднина ќе почнеме да купуваме од украински производители со странски средства“, додаде Камишин.

Кабинетот на министри на украинската влада одлучи да одвои дополнителни 5 милијарди гривни (129 милиони долари) за да купи повеќе беспилотни летала за вооружените сили, објави премиерот Денис Шмихал.

„Средствата ќе бидат насочени кон набавка на беспилотни летала кои им се потребни на нашите ветерани на првите борбени линии“, рече Шмихал.

Украина се обидува да го зголеми сопственото производство на оружје со цел да ја намали зависноста од испораките од западните партнери. Киевските трупи се борат со сериозен недостиг на артилериски гранати преку линијата на фронтот што се протега на повеќе од 900 километри во источна и јужна Украина.

Само еден македонски државјанин побарал евакуација од Израел

Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија
Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија

Еден македонски државјанин побарал да биде евакуиран од Израел по повикот упатен до наши државјани кои во моментов се наоѓаат во таа земја, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, по нападот на Иран врз Израел во саботата, на 13 април.

„Досега се пријавил еден наш граѓанин во Амбасадата во Израел којшто бара да се евакуира веднаш поради состојбата. Веднаш му е даден патен лист за да може да ја напушти државата. Исто така од една компанија се јавија на СОС телефонот овде во Скопје за четворица вработени кои се во Израел да ги имаме предвид во случај да се влоши состојбата и да имаат и контактни броеви каде да ги контактираме за да може да ги извлечеме“, рече Османи.

Тој оцени дека ситуацијата на Блискиот исток е „делумно стабилна“ и се придружи на повиците до Израел да не возврати на нападот на Иран за како што вели, да се спречи влошување на состојбите и спиралата на конфликти.


По нападите од саботата на Иран врз Израел во Министерството за надворешни работи беше формиран Кризен штаб чија примарна задача е да организира извлекување на македонските државјани од Израел и од поширокиот Блиски Исток доколку за тоа има потреба.

Покрај Амбасадата во Тел Авив на граѓаните на располагање им стојат и амбасадите во Каиро, Абу Даби и Катар.

Израел и неговите сојузници пресретнаа „огромно мнозинство“ од стотици беспилотни летала и проектили лансирани од Иран во раните утрински часови на 14 април.

Силни експлозии и блесоци на светлина можеа да се видат на небото над многу делови на Израел додека противвоздушната одбрана на земјата се обидуваше да ги собори дојдовните беспилотни летала и проектили што Иран ги лансираше само неколку часа откако заплени брод поврзан со Израел во Ормускиот теснец.

Земјите ширум светот ги осудија нападите на Иран врз Израел доцна во саботата, предупредувајќи дека нападот се заканува дополнително да го дестабилизира Блискиот Исток.

Азербејџан бара од Хашкиот суд да го отфрли обвинението од Ерменија за етничко чистење

Ерменија - луѓето се движат од Нагорно-Карабах кон Ерменија, септември 2023 година
Ерменија - луѓето се движат од Нагорно-Карабах кон Ерменија, септември 2023 година

Азербејџан побара од највисокиот суд на Обединетите Нации(ОН) да го отфрли обвинението против него поднесено од Ерменија за етничко чистење и кршење на декларациите за антидискриминација на светската организација.

Двете земји имаа несогласувања со децении, главно за сепаратистичкиот регион Нагорно-Карабах кој е дел од Азербејџан.

Силите на Баку повторно го зазедоа овој планински регион во септември, по години под контрола од страна на етничките Ерменци, поради што повеќето од нив побегнаа во Ерменија.

Ерменија ја поднесе својата прва жалба за дискриминација до Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг - исто така познат како Светски суд - две години по акцијата на азербејџанските сили во 2021 година, обвинувајќи го официјален Баку за кршење на Конвенцијата за елиминација на сите форми на расна дискриминација.

Ерменија го обвини Азербејџан дека го велича антиерменскиот расизам, дозволува антиерменски говор на омраза и уништува ерменски културни објекти - што Баку го негира.

Како војната во Нагорно-Карабах го смени тонот на ерменскиот дудук
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:33 0:00


Заменик-министерот за надворешни работи на Азербејџан, Елнур Мамадов, на 15 април изјави пред судот дека повеќето жалби на Ерменија се однесуваат на вооружениот конфликт околу Нагорно-Карабах и не спаѓаат во опсегот на договорот за антидискриминација.

Тој, исто така, ја обвини Ерменија дека не се вклучила искрено во преговори пред да го изнесе случајот на суд.

Во вторник, на 16 април, Ерменија ќе одговори на забелешките на Азербејџан.

Во ноември 2023 година, судот донесе итни мерки со кои на Азербејџан му наложи да дозволи враќање на етничките Ерменци кои избегаа од Нагорно - Карабах во септември.

Ерменија го обвинува Азербејџан за етничко чистење. Азербејџан вели дека е посветен на обезбедување безбедност на сите жители, без разлика на националното или етничкото потекло, и не ги принудува етничките Ерменци да го напуштат Карабах.

Тековните расправи се однесуваат само на правни оспорувања на јурисдикцијата на Меѓународниот суд на правдата и нема да навлегуваат во основаноста на тврдењата за дискриминација. Правосилната пресуда и во двата случаи може да потрае со години, а овој суд нема алатки за да ги спроведе своите пресуди.

Поранешните советски републики водеа две војни за контрола на планинскиот регион - последната во 2020 година и пред тоа во раните 1990-ти години, среде распадот на Советскиот Сојуз - што однесе илјадници животи од двете страни и предизвика егзодус од стотици илјади луѓе.

Селата од двете страни се уништени, а планинскиот регион е полн со нагазни мини по конфликтот.

Конфликтот, исто така, ги заостри односите меѓу Русија и поранешната советска Ерменија.
Ерменија официјално се приклучи на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во февруари, и покрај предупредувањето на Москва.

Од следниот месец деветвалентна вакцина против ХПВ вирусот, може да се вакцинираат и момчиња

Прес - конференција за вакцинација против ХПВ вирусот, Скопје, 15.04.2024 година
Маја Мојсова, заменик-министерка за здравство, Илир Демири, министер за здравство и Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација
Прес - конференција за вакцинација против ХПВ вирусот, Скопје, 15.04.2024 година Маја Мојсова, заменик-министерка за здравство, Илир Демири, министер за здравство и Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација

За еден месец сите вакцинални пунктови ќе ја добијат деветвалентната вакцина против хуман-папилома вирус (ХПВ), која од оваа година, покрај девојчињата на возраст од 12 до 15 години, може да ја примат и момчињата на иста возраст, најавија министерот за здравство Илир Демири и претседателката на Националниот комитет за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова на прес-конференција на 15 април.

Деветвалетнатата вакцина (Гардасил 9) ќе ја замени четиривалентната ХПВ-вакцина, што во Северна Македонија се користи од 2008 година. Една година подоцна беше ставена и во редовниот календар за имунизација.

„На возраст од 12 до 15 години се примаат две дози, а кај деца постари од 15 години ќе се примаат три дози. Целта за вакцинирање на момчињата е двојна: се спречува момчињата да ја пренесуваат ХПВ инфекцијата, но и самите да бидат заштитени бидејќи и кај нив се развиваат ХПВ асоцирани болести“, рече Грозданова.

Со вакцинирање на возраст помеѓу 12 - 15 години, како што додаде таа, се постигнува најдобар имунолошки одговор на организмот.

Според досегашните анализи, ракот на грлото на матката е петта водечка причина за смрт кај возрасната група од 18 до 49 години во Северна Македонија.

Се проценува дека ХПВ-вакцината спречува 70 отсто од случаите на цервикален карцином, 80 отсто од аналниот карцином и повеќе од 40 отсто од вулвеларниот карцином.

Набавени се 70 илјади дози на деветвалентната ХПВ вакцина за следните три години.

Сега, опфатот во Северна Македонија со ХПВ вакцинација е меѓу 52 и 54 отсто, што е многу понизок од препорачаниот опфат од 95 отсто за постигнување колективен имунитет.

Северна Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница во ОН

Бујар Османи, министер за надворешни работи на РСМ
Бујар Османи, министер за надворешни работи на РСМ

Северна Македонија заедно со Соединетите Држави, Германија и други држави е коспонзор на резолуцијата во Обединетите Нации за прогласување на 11 јули за меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година и одбележување на истиот секоја година, соопшти на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Резолуцијата ќе биде претставена на 17 април пред Генералното собрание на ОН, а ќе се гласа на 2 мај.

„Во пресрет на одбележување 30 години од геноцид кој се одбележува во 2025 каде најмалку 8372 животи беа изгубени и толку семејства беа уништени, ги повикуваме ГС на ОН да ја донесе следнат резолуција со која 11 јули секоја година ќе се одбележува како меѓународен ден за сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница од 1995 година, осудува без резерва секое одрекување на геноцидот и ги повикува сите членки на ОН да ги чуваат фактите и да ги шират преку образовниот систем развивајќи посебни програми за сеќавање и спречување на повторување на истото“, рече Османи.

На новинарско прашање како очекува ова да влијае на односите со Србија со оглед дека претседателот на Србија Александар Вучиќ најави дека некои земји потоа ќе ги нарекува партнери, а не пријателски, Османи вели дека усвојувањето на резолуцијата е посебно важна за Србија и не смета дека тоа ќе влијае на односите меѓу двете земји.

Според МНР, досега резолуцијата ја имаат подржано над 17 земји меѓу кои Словенија, Италија, Лихтенштајн, Ирска, Финска, Холандија, Албанија, Турција, Јордан, Малезија, Чиле и Нов Зеланд.

Резолуцијата, како што кажа Османи, меѓу другото се повикува на Повелбата на ОН, Универзалната декларација за човековите права, Конвенцијата за казнување на злосторства од геноцид, на Резолуцијата 827 на ОН во врска со формирање на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија, како и на осум пресуди на трибуналот за виновни за злосторства против босанските муслимани против Крстиќ, Младиќ и Караџиќ, како и одлуката на МСП од февруари 2007 година за одредување на злосторството во Сребреница како геноцид.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG