Вести
12 загинати во бомбашки напад во Ирак
види ги сите денешни вести
Таканаречените руски избори на Крим немаат правно дејство, порачуваат од ЕУ
Европската унија (ЕУ) остро го осуди руското одржување на таканаречените „избори“ на украинска територија“, наведувајќи дека тие претставуваат уште еден чин на кршење на меѓународното право и дека не можат да произведат никакви правни ефекти.
Русија организираше регионални и локални избори од 6 до 8 септември во повеќе области, вклучувајќи го и украинскиот полуостров Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година и нејзиниот најголем град Севастопол.
Портпаролот на ЕУ Петер Стано изјави дека изборите „претставуваат уште еден чин на кршење на меѓународното право, Повелбата на ОН и суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина“.
„ЕУ не ги признава овие таканаречени „избори“ или нивните резултати на Крим. Тие се ништовни и не можат да произведат никакви правни ефекти. Раководството на Русија и одговорните за организирање на овие незаконски дејствија ќе бидат повикани на одговорност и ќе се соочат со последици“, рече Стано на 9 септември.
Во писмена изјава објавена на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стано наведе и дека ЕУ, и после повеќе од една деценија по руската инвазија и обидот за нелегална анексија на Крим, ја повторува својата позиција дека Крим е Украина.
„Повикувајќи се на Резолуцијата на Генералното собрание на ОН од 27 март 2014 година, ја повикуваме Русија да престане со своите активности кои го поткопуваат националното единство и територијалниот интегритет на Украина“, рече Стано.
„Има еден јасен излез од оваа војна: Русија веднаш да стави крај на својата незаконска, неиспровоцирана и неоправдана агресија против Украина и да ги повлече сите сили и воена опрема од територијата на Украина, во нејзините меѓународно признати граници“, додаде Стано.
Вулин во Москва со секретарот на Советот за безбедност на Русија, Косово една од темите
Вицепремиерот на Србија Александар Вулин на 9 септември во Москва се сретна со секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација Сергеј Шојгу, соопшти Владата на Србија.
На средбата Вулин му се заблагодари на Шојгу за поканата да учествува на состанокот на високи безбедносни претставници на БРИКС и земјите партнери во Санкт Петербург организиран од Советот за безбедност на Русија.
Самитот на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка) ќе се одржи од 22 до 24 октомври во рускиот град Казан.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во септември изјави дека ќе донесе одлука за поканување на рускиот претседател Владимир Путин на состанокот на БРИКС на 10 или 15 октомври.
На средбата меѓу Вулин и Шојгу, како што се наведува, се разговарало за „широк спектар на теми од заеднички интерес за Србија и Руската Федерација“.
Една од темите била ситуацијата на Косово, а Вулин на средбата рекол дека тaa е „на работ на конфликт“ и се заблагодарил на Русија за почитувањето на територијалниот интегритет на Србија.
Претходните денови беа затворени граничните премини меѓу Србија и Косово, по блокадите на српскиот дел од границата.
Блокадите на територијата на Србија првично беа организирани како одговор на одлуките на Владата на Косово за затворање на паралелните српски институции на северот на таа земја. Граничните премини се отворени од 7 септември.
На 4 септември, Вулин се состана и со рускиот претседател Владимир Путин на маргините на Источниот економски форум (ЕЕФ) во Владивосток.
По повод овој состанок од Европската унија (ЕУ), пред медиумите во Србија беше соопштено дека „одржувањето врски со Русија за време на нејзината агресивна војна против Украина не е компатибилно со вредностите на ЕУ и со процесот на пристапување“.
Вулин во своите изјави често го критикува Западот, а меѓу српската владејачка елита важи за еден од најсилните поддржувачи на Кремљ.
Венецуелскит опозициски лидер Гонзалес пристигна во Шпанија да бара азил
Претседателскиот кандидат на венецуелската опозиција Едмундо Гонзалес долета во Шпанија на 8 септември за да побара азил, соопшти Мадрид.
Соопштението дојде неколку часа откако тој ја напуштил неговата земја во услови на политичка и дипломатска криза поради спорните избори во јули.
Гонзалес, кој го оспори прогласувањето на победата на претседателот Николас Мадуро, пристигна во воената база Торехон де Ардоз со неговата сопруга, се вели во соопштението на шпанското Министерство за надворешни работи.
Излегувањето на 75-годишникот, којшто го сметаат САД, ЕУ и другите сили во регионот како победник на спорните избори -- дојде една недела откако венецуелските власти издадоа налог за апсење за него.
Тие го обвинуваат за заговор и други кривични дела.
Тројца Израелци загинаа во напад на граничениот премин меѓу Западниот Брег и Јордан
Тројца Израелци беа застрелани и убиени на 8 септември на граничниот премин меѓу Западниот Брег и Јордан, соопштија израелските власти.
Нападот е поврзан со 11-месечната војна во Газа.
Израелската војска соопшти дека напаѓачот со камион се приближил до преминот Аленби мост од јорданската страна.
Откако се приближил отворил оган кон израелските безбедносни сили, кои го убиле во престрелката.
Израелската спасувачка служба Маген Дејвид Адом соопшти дека тројцата Израелци се мажи на возраст од 50 години.
Војската соопшти дека унените се цивили.
Курти разговараше со претставници на локалните власти на Лепосавиќ
Косовскиот премиер Албин Курти на 9 септември во Лепосавиќ разговараше со претставници на локалната власт за „новите“ услуги што ги обезбедуваат агенциите кои функционираат во рамките на централните косовски институции.
Оваа посета на Курти на општина Лепосавиќ доаѓа откако на крајот на август косовските власти ги затворија српските институции во четири општини на северот на Косово, со образложение дека нивната работа ги крши Уставот и законите на Косово.
По средбата, Владата на Косово соопшти дека локалното раководство „воспоставило добра практика“ кога станува збор за давање услуги на граѓаните во рамките на косовскиот систем, а била понудена и помош од Владата.
„Се разговараше и за предизвиците и потребата од капитални инвестиции, пристап до вода за пиење, јавно осветлување и инфраструктура, особено во селата од оваа општина“, се вели во соопштението по средбата на Курти со градоначалникот Лулзим Хетеми и други претставници на локалната власт.
Хетеми, кој победи на изборите поради бојкотот на српската заедница, на чело на оваа општина е од мај минатата година.
Оттогаш, покрај Лепосавиќ, уште три општини со српско мнозинство на северот на Косово, Северна Митровица, Звечан и Зубин Поток, ги водат градоначалници од албанска националност.
На средбата во Лепосавиќ на 9 септември присуствуваа и министерот за заедници и враќање Ненад Рашиќ и министерот за локална самоуправа Елберт Красниќи.
Во српските заедници низ Косово има институции кои работат во српскиот систем, но Владата на Косово почна да ги затвора од почетокот на оваа година.
Досега беа затворени неколку привремени општински органи северно и јужно од Ибар: Пошта Србија и Банка Поштенска штидиница.
Во меѓувреме, западните земји и Европската унија ги осудија овие дејствија на затворање на српските паралелни институции бидејќи, како што наведоа, тие не биле извршени во координација со западните партнери.
Тие наведуваат и дека ваквите постапки имаат последици за малцинските заедници, главно српските, и дека може да дојде до зголемување на тензиите на терен.
Србија и Кина ги зајакнуваат врските, беше истакнато на средби во Белград
Србија и Кина продолжуваат да го зајакнуваат стратешкото партнерство, соопштено е по средбите на претседателот Александар Вучиќ и претседателката на Собранието Ана Брнабиќ со кинескиот претставник во Белград.
„Разговаравме за најважните прашања од билатералните односи и за бројни аспекти од стратешкото партнерство на двете земји“, рече Вучиќ по средбата со секретарот на Комитетот на Комунистичката партија на Кина од провинцијата Шандонг, Лин Ву.
Тој истакна дека посебна тема на разговор биле актуелните проекти за брзи патишта и планови за развој и модернизација на инфраструктурата во секторите патен и воздушен транспорт.
Соработката меѓу Србија и Кина се зајакнува и во областа на образованието, науката, истражувањето и развојот, изјави претседателката на Народното собрание на Србија по разговорот со кинескиот претставник и се заблагодари за ставот за Косово. Кина не ја призна независноста на Косово.
Лин Ву истакна дека „во Србија е забележлив голем развој“ и дека тоа отвора нови полиња за соработка меѓу Србија и Кина, беше соопштено по средбата.
Србија ги зајакнува односите со Кина откако на власт дојде Српската напредна странка (СНС) на Александар Вучиќ во 2012 година.
Кинескиот претседател Си Џинпинг го посети Белград во мај, на 25-годишнината од НАТО бомбардирањето на кинеската амбасада во Белград, што беше негова втора посета во последните десет години.
Кина и Србија, која повеќе од една деценија е кандидатка за членство во Европската унија, во 2016 година потпишаа декларација за стратешко партнерство на двете земји.
Седум години подоцна, Пекинг и Белград потпишаа договор за слободна трговија.
Во последниве години, Кина направи бројни инвестиции во Србија, од кои најголеми се во фабриката за железо и челик Смедерево, рударството и топилницата Бор и фабриката за гуми Линглонг во Зрењанин.
Во Србија, Кина го изгради белградскиот мост Пупин на Дунав, дел од автопатот Милош Велики и ја реконструираше термоцентралата Костолац.
Ганц: Воениот фокус на Израел треба да се префрли кон Либан
Поранешниот член на воениот кабинет Бени Ганц на 8 септември изјави дека Израел треба да го насочи својот фокус кон Хезболах и либанската граница, предупредувајќи дека земјата „доцни со ова“.
Израел и Хезболах поддржан од Иран разменуваат оган речиси секојдневено преку границите.
Либанската милитантна група вели дека дејствува во тековната војна во Газа како поддршка на својот палестински сојузник Хамас - организација која САД и ЕУ ја назначија за терористичка.
„Имаме доволно сили да се справиме со Газа и треба да се концентрираме на она што се случува на север“, рече Ганц,
Тој говореше во Вашингтон на форумот на Блискиот Исток, каде исто така рече дека Иран и неговите застапници се „вистинскиот проблем“.
Шестмина убиени во руски воздушни напади во Украина
Во руските напади во текот на ноќта убиени се и ранети неколку украински цивили на различни локации, објавија украинските власти на 8 септември.
Извештаите дојдоа набргу откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина продолжува со „решенија од долг дострел“ чија цел е да ги спречи руските воздушни напади во Украина.
Во видео објавено доцна на 8 септември, Зеленски рече дека во текот на минатата недела, руските сили ја нападнале Украина со „повеќе од 800 противтенковски проектили, речиси 300 беспилотни летала Шахед и повеќе од 60 балистички ракети“.
„Теророт може сигурно да се запре само на еден начин - со удари врз руските воени аеродроми, врз нивните бази и врз логистиката на рускиот тероризам“, рече тој.
Според воздухопловните сили на земјата, Русија во текот на ноќта на 8-ми и 9-ти септември нападнала со четири наведувани ракети истрелани од регионот на Белгород, како и со 23 беспилотни летала Шахед од иранско производство.
Пожар на истокот на БиХ, изгореа три куќи во селото Лука кај Сребреница
Три куќи изгореа во селото Лука кај Сребреница, во пожар што веќе осум дена беснее во источна Босна и Херцеговина.
Пожарот со денови гори во националниот парк Дрина, а на 9 септември се прошири кон самото село и зафати три куќи кои биле најблиску до боровата шума.
„Со огнената стихија се бориме веќе осми ден, а последните три дена беа најкритични за нашето село. Се обидовме на секој начин да спречиме пожарот да се спушти во селото, но за жал денеска, [понеделник] околу 10 и пол пожарот зафати три куќи кои беа целосно изгорени“, изјави за Радио Слободна Европа Хамо Зулановиќ, поранешен претседател на Месната заедница Лука.
Тој посочи дека бараат „итна интервенција на институциите и раководството на општината за да се реагира, за да не се прошири пожарот на целото село“.
Тој додаде дека мештаните заедно со пожарникарите и припадниците на цивилната одбрана исекле голем број дрвја и направиле „брана“ за да ги спречат пламените јазици да стигнат до селото.
Но, ни тоа не функционирало бидејќи огнената стихија, носена од ветерот, брзо се проширила.
Зулановиќ додава дека претходните денови со хеликоптери бил гаснат и пожарот во Националниот парк Дрина и околу селото Лука, но денеска бил известен дека, поради лошото време, хеликоптерите нема да оперираат.
„Правиме се за да го изгаснеме пожарот, но поради непристапноста на теренот нашите можности се мали. Водата се доставува со цистерни и потоа пожарникарите и припадниците на цивилната заштита, како и мештаните ги полнат ранците со вода и да направат се што можат. За среќа немаме повредени работници или мештани, но изгореа три куќи“, изјави за РСЕ Мујо Хасановиќ, командант на Територијалната противпожарна единица во Сребреница.
Поради пожарот кој уништи голем шуми, општина Сребреница прогласи вонредна состојба.
Пожарот во моментов се заканува да зафати и други објекти и имоти во самото село.
Во последните недели пожари зафатија неколку области во Босна и Херцеговина, како што се Националниот парк Сутјеска, околината на Билеќе, Маглај и Какањ.
ЕУ ќе ги укине санкциите против Никита Мазепин и мајката на Пригожин
Оваа недела се очекува амбасадорите на Европската унија (ЕУ) да ги симнат од листата на санкции Никита Мазепин и Виолета Пригожина, велат извори на Радио Слободна Европа (РСЕ).
ЕУ ги замрзна средствата и воведе визна забрана за 2.300 луѓе и ентитети од почетокот на руската војна врз Украина во февруари 2022 година.
На секои шест месеци санкциите против овие лица мора да се продолжуваат со консензус на 27-те земји-членки.
Рокот за продолжување на санкциите е 15 септември.
Кога гласаше претходно за санкциите, Унгарија бараше некои луѓе да бидат отстранети од списокот за Будимпешта да ги одобри.
Естонија, Латвија, Литванија и Полска го повикаа блокот да усвојува санкции на годишна основа наместо на секои шест месеци, но Будимпешта се спротивстави.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата влада постојано се спротивставуваа на санкциите и го обвинија Брисел дека со овие мерки ѝ штети на економијата на Унгарија и другите земји-членки.
Унгарија во моментов претседава со ЕУ.
Дипломати од ЕУ за РСЕ изјавија дека е постигнат компромис за продолжување на санкциите против споменатите лица, освен за две лица.
Беше предложено Мазепин и Пригожина да бидат отстранети од списокот, бидејќи правната служба на ЕУ, која ги следи правните аспекти на политиката на санкции на Брисел, ги смета за „слаби случаи“.
Мазепин, поранешен возач на Формула 1 и син на рускиот олигарх Дмитриј Мазепин, го доби судскиот спор на почетокот на оваа година за укинување на санкциите против него.
Сепак, тој остана на списокот, бидејќи ЕУ тврдеше дека судската одлука се однесува само на претходниот период на санкции и дека Брисел оттогаш ги обновил списоците со нови критериуми.
Пригожина, мајката на починатиот руски олигарх, поранешен шеф на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, минатата година победи во судска битка, но и понатаму е под санкции.
Пригожин, долгогодишен близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, загина заедно со уште девет лица во авионска несреќа во август 2023 година, два месеци откако Вагнер започна бунт против руското раководство.
Пригожина е уметник и сопственик на уметничка галерија.
Следната фаза за одобрување на санкциите е во март 2025 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете