Достапни линкови

Анелка исклучен од репрезентацијата на Франција


Француската фудбалска репрезентација одлучи да го исклучи Никола Анелка од репрезентација бидејќи тој на полувремето на натпреварот меѓу Франција и Мексико го навредил селекторот Рејмонд Доменек а подоцна одбил да му се извини


Фудбалскиот репрезентативец на Франција, Никола Анелка е исклучен од нациналниот тим и нема да учествува повеќе на Светското првенство во Јужна Африка поради тоа што на полувремето на натпреварот меѓу Франција и Мексико го навредил селекторот Рејмонд Доменек со многу непријатни и вулгарни зборови, а подоцна одбил да му се извини, соопшти денеска Француската фудбалска федерација

Претседателот на Фудбалската федерација , Пјер Ескалат побарал од Анелка да му се извини на селекторот, но тој одбил.

„Соочени со фактот дека Анелка одби јавно да се извини, претседателот на Федерацијата со согласност од селекторот и комплетниот стручен штаб одлучи да го исклучи Анелка од репрезентацијата, се наведува во соопштението на федерацијата“.

Анелка уште вечерва ќе го напушти кампот на француската репрезентација.

Фудбалерот на Челзи на полувремето на натпреварот против репрезенатацијата на Мексико го навредил селекторот кој се обидел да му даде неколку совети. Потоа Анелка во второто полувреме не играше. Тој не се појавил ниту на денешниот тренинг.

Француската министерка за спорт Роселин Бансело изјави дека француските играчи се под голем притисок поради лошите резултати на Мундијалот , но тоа не може да биде изговор за лошото однесување на Анелка.

„Играчите треба да запаметат дека ги носат боите на Франција и со самото тоа се пример на младите. А тоа ги обврзува да се однесуваат достоинствено и воздржано“, изјави министерката.

Репрезентацијата на Франција на светското првенство се натпреварува во групата А со Уругвај, Мексико и со Јужна Африка.
Франција на првиот натпревар од првенството одигра нерешено против Уругвај, а во вториот меч изгуби од Мексико со 0:2. Третиот натпревар го игра на 22 јуни против Јужна Африка.
XS
SM
MD
LG