Достапни линкови

Вести

Милошоски се обрати на сесијата на ОБСЕ во Виена

Министерот за надворешни работи на Македонија, Антонио Милошоски во својство на преседавач со Комитетот на министри на Советот на Европа, денска имал обраќање пред Посотојниот комитет на ОБСЕ во Виена. Советот и ОБСЕ имаат разлики во мадатот, структурата, методите на работа, но споделуваат заеднички цели, како придонесот за демократска стабилност во Европа , зајакнување на правото и заштитата на човековите права, рекол Милошоски во своето обраќање.

види ги сите денешни вести

Пожар избувнал во галијата кај Холидеј Ин

Пожар во галијата во близина на хотелот Холидеј Ин во Скопје. 28.09.2021.

Пожар вечерва избувнал во една од галиите кои се наоѓаат во реката Вардар во центарот на Скопје.

Станува збор за првата галија која се наоѓа во близина на хотелот Холидеј Ин, а по дојавата интервенирала противпожарната единици по што пожарот бил локализиран и изгаснат.

Нема информации за жртви и повредени, ниту за тоа колкава е материјалната штета.

На терен интервенирале две противпожарни возила и девет пожарникари.

Командантот на противпожарната единица во Скопје Велимир Симоновски изјави дека пожарот е изгаснат, а дека се чека ЕВН да ја прекине електричната енергија до објектот, пренесува МИА.

Галиите беа посавени во реката Вардар како дел од проектот Скопје 2014, а некои од нив беа користени како угостителски објекти.

Во август во Скопје пожар избувна во ресторанот „Рагуза“, сместен на покривот на катната гаража „26 Јули“ во центарот на Скопје.

Во ресторанот имаше свадба кога избувнал пожарот.

Очевидци твредеа дека се слушнале и неколку експлозии кои наликувале на експлозии од плински боци.

Макрон: Француското здравство ќе ги плаќа трошоците за психотерапија

Архива- францускиот претседател Емануел Мкрон.

Француската државна здравствена служба треба да започне со плаќање на дел од трошоците за препишана психотерапија, а од 2022 година ќе отвори и 800 нови работни места во центрите за ментално здравје, изјави денеска претседателот на Франција Емануел Макрон, пренесува Ројтерс.

Во извештајот се вели дека граѓаните ќе добијат 40 евра за првата сесија и 30 евра за последователните сесии, нешто помалку од просечната цена која генерално се движи меѓу 50 и 70 евра под услов терапиите да ги препише лекар.

Изолацијата предизвикана од три заклучувања поради Ковид-19 и мерките за социјално дистанцирање во Франција, како и на други места, предизвика наплив на луѓе кои се жалат на стрес и осаменост како.

„Пандемијата ја откри важноста на менталното здравје. Ова е обврска за целата нација“, изјави Макрон на прес-конференција.

Во моментов, само некои приватни здравствени осигурители им надоместуваат на пациентите сесии за психотерапија.

467 новозаразени со коронавирус, 14 починати

Илустрација - тестирање за Ковид-19.

Регистрирани се 467 нови случаи на Ковид-19 во изминатите 24 часа од направени 3.512 тестирања, а починати се 14 лица, соопшти денеска Министерството за здравство.

Од новозаразените, во Скопје се 245, Куманово 47, Велес 27, Прилеп 21, Кавадарци 17...

Регистрирани се 496 оздравени пациенти.

Од починатите, петмина се од Скопје на возраст од 73, 72, 70, 61 и 57 години, по две лица од Тетово (88 и 72) и Кратово (73 и 66), по едно починато лице од Демир Капија на 69, Прилеп 90, Радовиш 55 и Штип на 74 годишна возраст.

Од почетокот на пандемијата досега во земјава се дијагостицирани 190.463 лица со Ковид-19, починаа 6.630 лица и 171.871 беа излекувани.

Бројот на активни случаи во моментов изнесува 11.962.

Захарова: Москва е загрижена поради тензиите на Косово

Архивска фотографија: Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. 1 јули 2021 година.

Москва со загриженост ја следи растечката тензија на Косово, „испровоцирана од неодговорните постапки на косовските власти“, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

„Денес е очигледно дека настаните се развиваат од лошо кон полошо“, рече Захарова во писмена изјава објавена на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи, пренесува агенцијата Бета.

Косовските Срби веќе деветти ден блокираат два гранични премини во северно Косово, Јариње и Брњак, поради одлуката за реципроцитет, но и поради одлуката табличките со градовите на Косово, издадени од Србија, да бидат одземени.

Според Захарова, Приштина го блокира сообраќајот меѓу северниот дел на Косово и Србија и „на терен се концентрирани полициски сили на (Косово), специјални единици, оклопни возила и тешко вооружување“.

Захарова оцени дека „постапките на приштинските стратези“ не биле критикувани ниту од Брисел, ниту од Вашингтон.

„Уште еднаш нагласуваме дека силите на НАТО за Косово и мисијата на Европската унија (ЕУ) ги имаат потребните мандати да спречат беззаконие и затоа сносат целосна одговорност за заштита на цивилите, обезбедувајќи мир и безбедност“, рече Захарова.

Портпаролката на руската дипломатија рече дека е време да се изврши „енергичен притисок врз администрацијата во Приштина, со цел да се повлечат полициските сили од северот на Косово и да се спречи ситуацијата да се претвори во отворен конфликт“.

Од почетокот на блокадата на граничните премини Јариње и Брњак, рускиот амбасадор во Белград, Александар Бокан Харченко, придружуван од српски претставници, ги посетува објектите на српската армија на самата граница меѓу Србија и Косово.

На 25 септември, претседателката на Косово, Вјоса Османи, ја повика меѓународната заедница да не ја игнорира, како што рече, тенденцијата на Русија и Србија да го дестабилизираат регионот и да наштетат на Европската унија и НАТО.

Граѓаните на Хрватска ќе патуваат во САД без визи

Илустрација: аеродромот во Загреб.

САД ја вклучија Хрватска во својата безвизна програма, која им овозможува на хрватските граѓани до 90 дена да останат во САД без виза, изјави денеска американскиот секретар за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас.

Како што е наведено, визите ќе бидат укинати најдоцна до 1 декември 2021 година.

„Електронскиот систем за овластување за патување (ЕСТА) ќе биде ажуриран најдоцна до 1 декември 2021 година, за да им биде овозможено на хрватските граѓани да аплицираат за патување во Соединетите држави за туризам или бизнис најмногу 90 дена без добивање американска виза“, се вели во соопштението.

Мајоркас нагласи дека „денешното назначување на Хрватска за нов учесник во Програмата за укинување на визите (ВВП) е важно признание за заедничките економски и безбедносни интереси на двете земји“.

„И честитам на Хрватска што стана 40-та членка на ВВП по исполнувањето на строгите услови и со нетрпение очекувам да ја продолжиме нашата тесна соработка за клучните приоритети“, рече Мајоркас.

ВВП е сеопфатно безбедносно партнерство меѓу САД и одредени земји што овозможува меѓународно деловно или туристичко патување во САД без визи до 90 дена.

За учество во оваа програма, државата мора постојано да ги исполнува барањата поврзани со борбата против тероризмот, спроведување на законите, спроведување на имиграцијата, безбедност на документи и управување со границите.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на почетокот на август ја номинираше Хрватска за укинување на визите. Хрватска работи на укинување на визите од 2007 година.

МВР на Косово: Србите одбија КФОР да ги замени специјалците

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља.

Градоначалниците во општините во северно Косово со мнозинство Срби ја отфрлија понудата на КФОР да го преземе надгледувањето на граничните премини Јариње и Брњак, наместо специјалната полициска единица на Косово.

Ова на денешна прес-конференција во Приштина го изјави министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља.

Во четири општини во северот на Косово: Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток - градоначалниците се од Српската листа - водечката партија на косовските Срби поддржана од официјален Белград.

Тие речиси секогаш се на барикадите со локалното население, кое веќе деветти ден ги блокира граничните премини Јариње и Брњак, барајќи да се повлече одлуката на косовските власти за српските регистарски таблички и да се повлечат специјалните полициски единици на Косово.

„Со оглед на тоа што КФОР понуди помош за нашата гранична полиција во форма на дополнителни сили на граничните премини, тогаш рековме дека Специјалните полициски единици не мора да присуствуваат на отстранувањето на барикадите“, изјави Свечља додавајќи:

„Меѓутоа, оваа понуда на командантот на КФОР беше одбиена од екстремистичките групи и со тоа докажаа дека не се загрижени, како што рекоа претходно, за присуството на специјалните сили, туку дека нивните цели се длабоко политички, со цел да му наштетат на суверенитетот на нашата земја “, рече Свечља по средбата со неговиот австриски колега Карл Нехамер.

Претходно во понеделникот на 27 септември, командантот на мировната мисија на КФОР во Косово, генерал -мајор Франко Федеричи, изјави дека мисијата на НАТО ги презела сите мерки за намалување на тензиите во северно Косово, за да се обезбеди мирна средина и слобода на движење за сите граѓани на Косово.

Во соопштението за медиумите Федеричи наведе дека КФОР ги засилил патролите по патиштата што водат до премините Јариње и Брњак.

Министерот Свечља ја поздрави помошта на мисијата КФОР и ЕУЛЕКС, истакнувајќи дека косовската полиција е способна да го спроведе законот.

„Таму (на северот) ситуацијата е мирна и имаме контрола. Со помош на сојузничките држави и со помош на сојузничките мисии, мирно ќе ја надминеме оваа ситуација", рече Свечља.

Навални под нова истрага за „екстремизам“

РУСИЈА - Демонстранти маршираа за поддршка на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални во центарот на Москва. 23 јануари 2021 година.

Руските истражители денеска објавија дека е покрената нова истрага за „екстремизам“ против затворениот критичар на Кремљ Алексеј Навални и неговите најблиски сојузници.

Истражниот комитет, кој се занимава со висок криминал во Русија, издаде соопштение во кое се вели дека не подоцна од 2014 година, Навални „создал екстремистичка мрежа и ја насочил“ со цел „промена на темелите на уставниот систем во Руската Федерација“.

Истражителите велат дека Навални и неговите главни поручници, Леонид Волков и Иван Жданов, се осомничени дека воделе „екстремистичка мрежа“, додека Љубов Собол и голем број други негови сојузници се обвинети за учество.

Во изјавата, истражителите ги обвинуваат Навални и неговите сојузници дека создале голем број сметки на социјалните медиуми, како и веб -страницата ФБК „со цел да промовираат криминални активности“.

„Нелегалните активности на екстремистичката мрежа беа насочени кон дискредитација на државните органи и нивната политика“, соопшти Истражниот комитет.

Навални беше приведен во јануари, а неговата национална мрежа на политички канцеларии и Фондацијата за борба против корупцијата (ФБК) подоцна беше прогласена за „екстремистичка“ и беше забранета.

Во последните месеци, Навални - најгласниот домашен критичар на претседателот Владимир Путин, и неговите сојузници беа цел на бројни истраги.

Навални и неговите поддржувачи ја опишуваат кампањата против него како одмазда на Кремљ за оспорувањето на владеењето на Путин.

Доколку бидат прогласени за виновни, Навални, Волков и Жданов може да се соочат со затворска казна од шест до десет години, додека Собол и другите активисти може да бидат осудени на затворска казна од две до шест години.

Повеќето главни сојузници на Навални избегаа од Русија, вклучително Волков и Жданов.

Фон дер Лајен: Вие постигнавте напредок, сега ЕУ треба да испорача

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен на средба во Владата со премиерот Зоран Заев. 28.09.2021.

Претседателката на Европската комисија (EK) Урсула фон дер Лајен денеска по средбата со премиерот на Северна Македонија Зоран Заев изјави дека иднината на Северна Македонија е во Европската унија (ЕУ).

„Ве сакаме покрај нас. Европската комисија и јас стоиме на тоа. Вие постигнавте извонреден напредок и донесовте храбра одлука и сакам да ви честитам за тоа. Сакам да бидам јасна дека сега ЕУ треба да испорача“, рече Фон дер Лајен.

Средбата меѓу Заев и Фон дер Лајен прво се одржа во Владата каде пристигна претседателката на ЕК, а потоа двајцата заминаа во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Заев на заедничката прес-конференција рече дека соработката со ЕУ се одвива со интензивна динамика во многу различни полиња.

„На средбата во Владата ја изразив надежта дека лидерите на земјите членки на ЕУ ќе ја реафирмираат декларацијата од Брдо-Крањ кога Словенија го презеде претседавањето со ЕУ за цврстата заложба за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Блокадата на овој процес не е во духот на оваа определба“, рече Заев.

Заев додаде дека блокадата на „оперативниот старт на преговорите“ се одразила негативно на целиот регион и дека е закана за довербата кон Европската унија „како кредибилен партнер.“

По денешната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, утре во Скопје пристигнува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Косовските и српските преговарачи утре на средба во Брисел

Питер Стано - портпарол за надворешни работи на Европската унија.

Европската Комисија потврди дека утре ќе се одржи рунда преговори помеѓу Косово и Србија во Брисел. Портпаролите на Европската комисија денеска беа во можност да потврдат дека средбата ќе се одржи откако две недели ситуацијата на северот на Косово ескалира, јавува МИА.

Портпаролот за надворешни работи Петер Стано изјави дека деескалацијата е главен приоритет, а дека вториот е враќање на ситуација каде ќе се разговара за сите отворени прашања во рамки на дијалогот за нормализација на односите.

„Сите проблеми треба да се дискутираат во рамките на дијалогот што го олеснува ЕУ, позиција на целата ЕУ е дека двете страни треба да ги решат прашањата во рамките на дијалогот за да се постигне правно обврзувачки договор за нормализација на односите и да се избегнат вакви ситуации во иднина“, изјави Стано.

Тензиите во односите Белград-Приштина се зголемија минатата недела, кога специјалните сили на косовската полиција дојдоа на премините Јариње и Брњак во северно Косово за да ја спроведат одлуката на Приштина за одземање и замена на српските регистарски таблички.

Срби од северно Косово од тогаш ги блокираат патиштата кон Јариње и Брњак, по кои може да се помине само пеш.

ВМРО-ДПМНЕ: Фрчкоски не може да биде амбасадор во ОН

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на предлогот на Министерството за надворешни работи поранешниот министер за надворешни и за внатрешни работи, професорот Љубомир Фрчкоски да биде македонскиот амбасадор во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.

„Љубомир Фрчкоски е неприфатлив за амбасадор на САД и доби црвено светло од Вашингтон. Заев наместо да ја сфати пораката го предлага за амбасадор во ОН.Спасувачката мисија на Заев завршува со уште еден меѓународен блам. Заев сака да го прати Фрчкоски во Њујорк, на територија на земјата која веќе го одби. Тоа е дипломатски аматеризам и дилетантизам“, наведуваат од опозициската партија.

Пролетва во дел македонски медиуми излезе вест дека Фрчкоски бил предложен за амбасадор во Соединетите Американски Држави, но дека државата домаќин го одбила предлогот на македонската влада. Оваа вест не беше потврдена од официјални лица.

Денеска одговарајќи на новинарско прашање претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека Фрчкоски е предложен за амбасадор во ОН.

„Имам добиено материјал, од Министерството за надворешни работи доставени се тезите на дотичното лице, се работи за професорот Љубомир Фрчкоски. Во соодветна процедура министерството ги достави тезите на кандидатот и истите веднаш се доставени до претседателот на комисијата за надворешни работи но досега не е свикана седницата. Таа е во надлежност на претседателот на комисијата за надворешни работи, кога ќе реши тој да ја свика, тогаш би требало да биде“, рече Џафери.

Претседател на собраниската комисија за надворешни работи во која кандидатите за амбасадори треба да ги бранат тезите е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Од опозициската партија во соопштението наведуваат дека поранешниот политичар имал „сомнително криминално минато, учествувал во шверцот на нафта и цигари во 90-тите“, дека бил „обвинет од сопствената сопруга дека ја тепал и малтретирал“.

„Фрчкоски е човек кој што со своето насилно однесување ја скандализирал македонската јавност повеќе пати во минатото. Фрчкоски не може да биде амбасадор во ОН, најголемата организација која ги промовира и штити човековите права и мирот во светот“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, Фрчкоски, кој е професор по меѓународно право, е присутен на македонската политичка сцена од осамостојувањето на земјава во 1991 година. Во почетокот беше министер без ресор, а потоа во тогашната влада со која раководеше Бранко Црвенковски, беше министер за внатрешни, па за надворешни работи. Во 2009 година беше кандидат за претседател на државата предложен од тогаш опозициската СДСМ. На тие избори изгуби од претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов.

Саакашвили ќе се врати во Грузија, премиерот тврди ќе биде уапсен

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили кој се наоѓа во Украина најави враќање во Грузија

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили рече дека ќе се врати за да ја „спаси земјата“ на втори октомври, денот кога треба да се одржат локалните избори во Грузија. Саакашвили, кој во моментов се наоѓа во Украина, рече дека планира со авион да се врати во Тблиси иако се соочува со обвинувања за кои тврди дека се политички мотивирани.

„Се решава судбината на Грузија, загрозен е и опстанокот на Грузија и затоа купив билет за вечерта на втори октомври, за да бидам со вас и да ја штитам политичката волја со вас, за да можам да учествувам во спасувањето на Грузија“, рече Саакашвили во видео објавено на негобата страница на социјалната мрежа Фејсбук.

Грузискиот премиер Иракли Гарибашвили рече дека полицијата ќе го уапси Саакашвили ако тој се врати во земјата.

"Кога Саакашвили ќе стапне на наша земја ќе биде уапсен и однесен во затвор“, рече Гарибашвили.

Поранешниот грузиски претседател во јуни 2018 година беше осуден во отсуство на шест години затвор поради злоупотреба на службената положба и прикривање докази за тепање на опозициски пратеник. Тензиите во Грузија меѓу владејачката партија Грузиски сон и опозициската партија која ја поддржува Саакашвили се високо од парламентарните избори лани за кои опозицијата тврди дека се нерегуларни.

Република Српска забрани увоз на македонско грозје поради пестициди

Фитосанитарната инспекција на Република Српска во БиХ забрани увоз на пратка свежо грозје со потекло од Северна Македонија, во износ од 20.730 килограми, поради зголемената содржина на пестициди, јави дописникот на МИА од Белград.

„При редовниот преглед на пратка храна од растително потекло при увоз, надлежниот инспектор извршил земање мостри за лабораториска анализа со цел да испита остатоци од пестициди“, соопшти Инспекторатот на Р.Српска, пренесува РТРС.

Врз основа на извештајот за лабораториска анализа издаден од „Институтот за вода“ во Бјелина, во кој е испитано присуството на 180 активни супстанции, во анализираниот примерок открино е зголемено присуство на пестициди „фосмет“ над вредностите пропишани со Уредбата за максимално ниво на остатоци од пестициди во и на храна и храна за животинско и растително потекло.

Постапувајќи по резултатите од анализата, инспекторот донесе решение со кое се забранува увоз и нареди враќање на спорната пратка на испраќачот или уништување под надзор на надлежен инспектор.

Од Инспекторатот потсетија дека овој месец поради зголеменото присуство на пестициди беше забранет увозот на 6.842 килограма трпезно грозје од Албанија и 660 килограми свежа краставица од Северна Македонија, додека увозот на 24 тони компири со потекло од Полска беше забранет поради утврдено присуство на економски штетен организам.

Вучиќ ги откажа состаноците со амбасадорите на Кина и Русија, САД побараа намалување на тензиите

Претседателот на Србија Александар Вучиќ

Соединетите Американски Држави во соработка со Европската унија, НАТО и Белград и Приштина ќе се обидат да преземат итни чекори за да ја запрат ескалацијата на тензиите во северниот дел на Косово, да овозможат натамошен напредок на дијалогот под покровителство на ЕУ и да спречат негативно влијание врз секојдневниот живот, соопштоле од Стејт департментот, а јавува дописникот на МИА од Белград.

Во денешната заедничка изјава, известувачите и шефовите на делегациите на Европскиот парламент за Белград и Приштина, Владимир Билчик, Виола фон Крамон, Тања Фајон и Ромео Францу, изразија длабока загриженост поради тензиите на граничните премини Јариње и Брњак и повикаа на враќање кон дијалогот со посредство на ЕУ.

„Сакаме да видиме повлекување на специјалната полиција и сите армиски единици и отстранување на блокадите на патиштата. Еднострани акции и провокации и запалена реторика, кои ги зголемуваат тензиите и влијаат на благосостојбата на локалните заедници, треба да прекинат“, стои во заедничката писмена изјава.

Тие ја повикува ЕУ и нејзините партнери да продолжат да работат на деескалација на кризата, а лидерите на Белград и Приштина да ја користат платформата за дијалог со посредство на ЕУ за решавање на сите отворени прашања, вклучително и оние поврзани со слободата на движење.

Српскиот претседател Александар Вучиќ кој денеска требаше да се сретне со амбасадорите на Русија и на Кина во Србија ги откажа состаноците, без да информира за причината.

За утре во Белград е најавено доаѓањето на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која беше во официјална посета на Тирана, а од таму допатува во Скопје.

Рекорден број починати како последица од ковид-19 во Русија

Москва- здравствен работник со пациент заразен со ковид-19 пред болница

Русија денеска забележа рекорден број починати од ковид-19 за 24 часа. За тој период во земјата починаа 852 лица што е рекорд од почетокот на пандемијата досега. Бројот на заразени со Делта сојот на коронавирусот секојдневно расте, а стапката на вакцинација е ниска. Претходниот рекорд на починати, 828 за 24 часа, беше регистриран на 24 септември.

Со овие последни бројки, вкупно во Русија како последица на ковид-19 починаа 205 531 лице, што е највисока бројка во Европа. Во земјата се регистрирани повеќе од седум милиони инфицирани со ковид-19.

Само 28 отсто од руското население е целосно вакцинирано, а првичниот план на владата беше таа бројка да достигне 60 отсто до крајот на месецов. Последните проценки се дека тоа може да биде постигнато до почетокот на декември.

Лајен: Иднината на Албанија е во ЕУ

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, преку објава на Твитер го изрази своето задоволство што ја започнала балканската турнеја токму од Албанија.

Преку објавата по средбата со премиерот Еди Рама, таа истакна дека нејзината порака е јасна: иднината на Албанија е во ЕУ.

„Мило ми е што ја започнав посетата на Западен Балкан од Албанија. Мојата порака е јасна: иднината на Албанија е во ЕУ. Европската комисија силно се придржува кон оваа определба. Со добар напредок во реформите во правосудството, Албанија постигна успех. Сега ЕУ мора да го стори истото“, напиша таа.

По средбата со премиерот Еди Рама во Палатата на бригадите, во претседателската резиденција претседателката на ЕК, Лајен ја прими шефот на државата Илир Мета.

По посетата на Албанија фон дер Лајен се очекува да пристигне во Македонија. Во Скопје таа ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев на платото пред Владата, а потоа ќе заминат во Младинскиот културен центар во Скопје, кој е реновиран со европски пари. Таму ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Фрчкоски предложен за македонски амбасадор во ОН

Професорот Љубомир Фрчкоски

Поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи, професорот по меѓународно право Љубомир Фрчкоски е предложен за македонски амбасадор во седиштето на Обединетите нации во Њујорк. Ова денеска одговарајќи на новинарско прашање го потврди претседателот на Собранието Талат Џафери.

„Имам добиено материјал, од Министерството за надворешни работи доставени се тезите на дотичното лице, се работи за професорот Љубомир Фрчкоски. Во соодветна процедура министерството ги достави тезите на кандидатот и истите веднаш се доставени до претседателот на комисијата за надворешни работи но досега не е свикана седницата. Таа е во надлежност на претседателот на комисијата за надворешни работи, кога ќе реши тој да ја свика, тогаш би требало да биде“, рече Џафери.

Претседател на собраниската комисија за надворешни работи во која кандидатите за амбасадори треба да ги бранат тезите е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Фрчкоски е присутен на македонската политичка сцена од осамостојувањето на земјава во 1991 година. Од почетокот беше министер без ресор, а потоа во тогашната влада со која раководеше Бранко Црвенковски, беше министер за внатрешни, па за надворешни работи. Во 2009 година беше кандидат за претседател на државата предложен од тогаш опозициската СДСМ. На тие избори изгуби од претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов.

Грција купува воени бродови од Франција

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Набавка на три модерни француски фрегати „Belharra“ вклучува Договорот за воспоставување стратегиско партнерство за одбранбена и безбедносна соработка меѓу Франција и Грција, што утрово во Париз го потпишаа министрите за надворешни работи и за одбрана на двете земји, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Макрон и Мицотакис, на прес-конференцијата по потпишувањето ја истакнаа важноста на Договорот и блиските и зајакнати односи меѓу двете земји.
Францускиот претседател истакна дека Договорот е плод на 18-месечна интензивна работа и ја изразува заедничката волја на двете земји за зајакнување и интензивирање на соработката во одбраната и безбедноста врз основа на взаемните интереси, но и на солидарност, а намерата е „да се заштитат суверенитетот, независноста и интегритетот на двете земји“.

Грчкиот премиер изјави дека е историски ден за Грција и Франција, бидејќи двете страни решија да ја надградат билатералната одбранбена соработката, а двете земји „прават прв храбар чекор кон европска стратешка автономија“, но и дека овој договор го отвора патот за силна Европа во иднина.
Тој нагласи дека по 24 француски воени авиони „Rafale“, Грција ќе добие и три фрегати „Belharra“со можност да се набави уште една.

Јапонија планира да ги укине антиковид мерките

Луѓе со заштитни маски во Токио

Јапонија планира да ја укине вонредната состојба прогласена поради пандемијата со ковид19 до крајот на овој месец ако панелот владини советници одобри таков чекор. Премиерот Јошихиде Суга се очекува ова да го соопшти денеска по средбата со советниците.

Јапонија се бореше со Делта сојот на коронавирусот кој почна да се шири по Летните олимписки игри кои се одржаа во земјата. Поради тоа беше прогласена вонредна состојба во неколку региони, но сега бројот на новозаразени секојдневно опаѓа.

Ваквиот развој на настаните следува и откако Светската банка соопшти дека Источна Азија и Пацификот се соочуваат со побавен економски раст од тоа што се очекуваше претходно.

Искричења меѓу Киев и Будимпешта за унгарско-рускиот договор за гас

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска го повика украинскиот амбасадор во таа земја поради како што рече обидот на Украина да го блокира новиот долгоречен договор на Унгарија со Русија за снабдување со гас кој беше потпишан на 27 септември.

Сијарто во изјавата објавена на неговата официјална страница на социјалната мрежа Фејсбук наведува дека тоа претставува „сериозно прекршување на унгарскиот суверенитет“. Ваквата реакција следува откако Киев ја критикуваше Будимпешта за потпишувањето на 15 годишниот договор за снабдување со гас преку државната руска компанија Гаспром.

Договорот го потпишаа претставниците на Гаспром и на унгарската компанија МВМ во зградата на министерството за надворешни работи за време на посетата на директорот на руската компанија на Будимпешта.

Министерството за надворешни работи на Украина, која ќе изгуби милиони од парите кои ги добиваа за транзит, оцени дека договорот е „чисто политичка и економски неоправдана одлука“ која ќе нанесе штета на украинските национални интереси и на украинско-унгарските односи. Во соопштението се наведува и дека договорот ќе има сериозно влијание врз енергетската безбедност на Украина и Европа и дека ќе побараат од Европската комисија да одговори дали е тој е во согласност со европските енергетски закони.

Сијарто во својата порака на Фејсбук,пак, нагласува дека одлуката на украинската влада да го нападне договорот била „длабоко вознемирувачка“ и преставувала „непријателски чекор“. Според договорот Гаспром ќе испраќа 4,5 милијарди кубни метри природен гас во Унгарија годишно.

Односите меѓу двете соседни земји се тензични последните години поради спорот за јазичните права на околу 150 000 етнички Унгарци кои живеат во западна Украина.

МЗ:47 отсто од лицата над 18 години се вакцинирани со прва доза

Вакцинација против ковид-19 во Скопје

Од Министерството за здравство информираат дека заклучно со 26 септември со една доза вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 46,9 отсто од населението над 18 годишна возраст. Кај лицата над 40 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 55 отсто, кај лицата помеѓу 18 до 39 години опфатот со една доза на вакцина изнесува 31 отсто, соопшти Министерството за здравство.

Според последните податоци, како што се посочува, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во градовите Охрид (63,9 отсто), Кавадарци (64,3 отсто), Гевгелија (61,4 отсто) и Неготино (65,1 отсто).

Помеѓу 50 до 60 отсто опфат на вакцинирано население со прва доза има во градовите Битола, Демир Хисар, Ресен, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Валандово, Штип и Пробиштип. Помеѓу 40 до 50 отсто опфат на вакцининирани граѓани има во градовите Кичево, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Струга, Македонски Брод, Скопје и Тетово. Помеѓу 30 до 40 отсто, односно најмалку вакцинирани во моментов има во Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и Радовиш.

Од министерството информираат дека во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин.

Во американскиот Сенат сослушувања за Авганистан

Униформа на американската армија лежи меѓу другите објекти во воздухопловната база Баграм во Парван, Авганистан, 23 септември 2021.

Комитетот за оружени сили на американскиот Сенат денеска ќе ги сослуша секретарот за одбрана Лојд Остин, претседателот на Здружениот началник на Генералштабот генерал Марк Мили и генералот Кенет Мекензи, началник на Централната команда на САД. На 30 септември, комитетот ќе одржи сослушување за да ги разгледа американските воени операции во Авганистан со сведоци што допрва треба да се утврдат. Претседателот на Комитетот, демократот Џек Рид изјави дека останува загрижен за Авганистан, и покрај повлекувањето на американската војска.

САД загрижени за новата талибанска влада во Авганистан

„Иако го завршивме повлекувањето на американскиот воен персонал и над 100.000 цивили од Авганистан, останувам длабоко загрижен за настаните што го придружуваа нашето повлекување и тековната хуманитарна криза“, рече тој, додавајќи: „Должност е на Конгресот - и на Комитетот за вооружени сили на Сенатот особено - да одржува сослушувања за да извлече поуки од ситуацијата во Авганистан и да обезбеди одговорност на највисоко ниво. Според него, Комитетот ќе ги испита факторите и одлуките што се манифестираа во текот на четири претседателски администрации на двете политички партии за да го обликуваат исходот со кој сега се соочуваме во Авганистан.

По Авганистан, Бајден пред тешки домашни битки

Администрацијата на Бајден доби критики од демократите и од републиканците за хаосот и насилството што избија за време на евакуацијата на американската војска од Кабул, а брзиот колапс на авганистанската војска ги предизвика прашањата за вредноста на претходните администрации на напорите од 141 милијарди долари за поддршка на сега веќе поранешната влада во Кабул. Во меѓувреме, Конгресот доби овластување на Пентагон да репрограмира повеќе од 1 милијарда долари досега за да помогне во преселбата на бегалците од Авганистан.

Уште еден силен земјотрес го погоди Крит ден по вчерашниот

Нов земјотрес го погоди јужниот грчки остров Крит

Последователен земјотрес со сила од 5,3 степени го погоди јужниот грчки остров Крит, еден ден по земјотресот во кој загина најмалку едно лице. Геодинамичкиот институт во Атина денеска соопшти дека последователниот потрес, најсилниот од десетиците што го потресоа островот, бил со епицентар на 22 километри југоисточно од Ираклион, најголемиот град на Крит и четвртиот по големина во Грција. Грчкото министерство за климатска криза и цивилна заштита ги предупреди жителите на областа да избегнуваат згради кои се дури и малку оштетени и да ги следат упатствата на властите.

Вонредна состојба во регионот на Крит по земјотресот

Се верува дека стотици домови се оштетени од првичниот земјотрес со јачина од 5,8 степени по Рихтер на 27 септември, а илјадници луѓе мораа да ја поминат претходната ноќ во шатори или во своите автомобили поради оштетување на нивните домови. Областа околу селото Аркалохори, јужно од Ираклион, претрпе најтешка штета. Грција се наоѓа во високо сеизмички активен регион и доживува стотици земјотреси секоја година. Огромното мнозинство се мали и не предизвикуваат штета или повреди.

Убиствата во САД лани пораснаа за 30 проценти

Една жена држи мало знаме на кое се прикажани дупки од куршуми со крв за време на маршот против оружјето во Чикаго, Илиноис, на 31 декември 2020 година.

Бројот на убиства во Соединетите држави се зголеми за околу 30 проценти во 2020 година во споредба со претходната година, што е најголем скок од почетокот на водењето на ваква национална евиденција во 1960 година.
Биле извршени 21.570, што претставува зголемување од 4.901 во однос на 2019 година, според податоците објавени од Федералното биро за истраги (ФБИ). Податоците на ФБИ покажаа дека повеќето убиства биле извршени со пиштоли, односно 76 проценти во 2020 година наспроти 73 проценти во 2019 година.

Бајден ќе се бори против „пиштолите-духови“

Експертите не се сигурни што стои зад ненадејниот скок, при што можните објаснувања се економските и социјалните тешкотии за време на пандемијата на коронавирус и зголемената продажба на оружје. Други објаснувања се промените во полициското работење - вклучително и намаленото полициско присуство како одговор на критиките - и нискиот морал меѓу полицајците по смртта на Џорџ Флојд во Минеаполис.

Убиецот на Џорџ Флојд поднесе жалба на пресудата

Зголеменото насилство стана политичко прашање откако избија протести поради смртта на Флојд, што предизвика повици за полициска и судска реформа во времето кога стапките на убиства беа зголемени.

Москва: инфраструктурата на НАТО во Украина е преминување на „црвената линија“

претседателот на Русија Владимир Путин

Кремљ повтори дека секое проширување на воената инфраструктура на НАТО во Украина ќе ја премине една од „црвените линии“ на претседателот Владимир Путин, додека авторитарниот владетел на Белорусија Александар Лукашенко го обвини Вашингтон дека ги користи центрите за обука како маска за поставување бази за западната воена алијанса. Украина, која не е членка на НАТО, но долго време бараше поблиски врски со Западот и нејзините воени сили, веднаш одговори дека таа сама ќе ја одреди сопствената безбедносна политика и дека Москва треба да се грижи само за прашањата внатре во границите на Русија.

Зеленски: Војна со Русија е најлошото што може да се случи

Вчера Лукашенко рече дека Соединетите држави „градат бази“ во Украина и дека тој и Путин „се согласиле дека мора да се направи нешто за тоа“. Лукашенко, кој беше погоден со неколку рунди санкции од САД и неколку други западни држави за неговото брутално сузбивање на неистомислениците дома, откако опозицијата го обвини за фалсификување претседателски избори во август 2020 година, не прецизира што ќе направат Москва и Минск.

Путин: Русите и Украинците се како еден народ

Русија категорично се спротивставува на идејата за членство на Украина во НАТО, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков наведе дека Путин во неколку наврати го истакнал прашањето дека потенцијалното проширување на инфраструктурата на НАТО на украинска територија „ќе ги премине црвените линии“.

Северна Кореја истрела „неидентификуван проектил“ во морето

Тест на тактички насочен проектил од нов тип на непозната локација, 25 март 2021 година

Северна Кореја истрела најмалку еден „неидентификуван проектил“ кон морето во близина на нејзиниот источен брег, соопшти денеска јужнокорејската војска. Јапонското министерство за одбрана пак, соопшти дека Северна Кореја можеби истрелала балистичка ракета, но не даде повеќе детали. До ова дојде кога амбасадорот на Северна Кореја во ОН на Генералното собрание во Њујорк изјави дека „никој не може да ѝ го ускрати правото на нуклеарно вооружената земја да тестира оружје„.

МААЕ - Северна Кореја „со полна пареа“ напредува со својата нуклеарна програма

„Ние само ја градиме нашата национална одбрана со цел да се одбраниме и сигурно да ги заштитиме безбедноста и мирот во земјата“, рече Ким Сонг. На Северна Кореја ѝ е забрането со резолуции на Советот за безбедност на ОН да развива или тестира балистички ракети. Доколку се потврди дека најновиот тест е балистичка ракета, тоа би било трето вакво лансирање оваа година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG