Вести
Претставена новата јапонска влада
види ги сите денешни вести
Османи по српските реакции за резолуцијата за Сребреница: Најдобро за Србија е да ја залечи оваа рана
„Тоа што Северна Македонија е еден од коспонзорите на резолуцијата за геноцидот во Сребреница, не е однос кон Србија или однос кон српскиот народ, ова е однос кон едно злосторство кое веќе е направено и за кое меѓународните судови имаат констатирано дека се работи за геноцид и дека негирањето или продолжувањето на глорифицирањето на сторителите е продолжување на геноцидот во друга форма. Така што, мислам дека е најдобро и за Србија да ја залечи оваа рана, како што тоа го направија и Германците и другите народи“, одговори министерот за надворешни работи Бујар Османи, на новинарско прашање за тоа како ги коментира изјавите од српска страна за тоа што земјава е коспонзор на резолуцијата за Сребреница во ОН.
Османи вели дека во Министерството за надворешни работи(МНР) веќе имал средба со српската амбасадорка во Северна Македонија и нејзе јасно и бил пренесен ставот за ова прашање.
„Осуда на геноцид е универзална човекова должност и тоа не е поврзана со било која припадност. Јас апсолутно секаде каде што има судска меѓународна одлука за злосторства против човештвото, не правам поделби во однос на сторителите. Утре може и ние да бидеме жртва, или генерациите после нас може да се жртви и затоа не смееме да останеме неми за злосторства од тој тип“, изјави Османи.
Инаку изјавата на министерот Османи дека земјава одлучила не само да ја поддржи, туку и да ја коспонзорира резолуцијата на Обединетите Нации за сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ ја оцени како „дрскост“ и го праша дали сака да поднесе резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац, заедно со Србија.
Северна Македонија е еден од коспонзорите на резолуцијата со која се бара 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. Османи ги повика земјите членки на ОН, а особено Србија да ја поддржат таа резолуција.
Инаку вечер (17 април) во Њујорк ќе се одржат неформални затворени консултации за нацрт-резолуцијата, за која Генералното собрание на ОН треба да се изјасни на почетокот на мај.
Средбата е закажана за 22 часот по средноевропско време.
Неформални консултации за нултата нацрт-резолуција „Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница 1995 година“, под точка 14 од дневниот ред, свикуваат постојаните мисии на Германија и Руанда, заедно со постојаните мисии на Албанија, Босна и Херцеговина, Чиле, Финска, Франција, Ирска, Италија, Јордан, Холандија, Лихтенштајн, Малезија, Нов Зеланд, Словенија, Турција и САД, објавено е на веб-страницата на ОН.
Генералното собрание на ОН треба да гласа за резолуцијата на пленарна седница на 2 мај.
Вработените во „Национални шуми“ бараат исплата на задоцнетите плати
Преку протест пред дирекцијата на ЈП„Национални шуми“, вработените во претпријатието го искажаа своето незадоволство поради неисплатените плати за последните два месеца.
Покрај неисплатените плати, на вработените во ова државно претпријатие не им се платени ниту додатоците за работа на терен, ниту пак надоместоците за пензиско и здравствено осигурување за два месеца.
Нив ги поддржаа и колегите од другите градови, односно од сите 30 подружници на „Национални шуми“ на ниво на цела држава.
Вработените добија поддршка и од Сојузот на синдикати на Македонија, кои исто така побараа 1800 вработени да ги добијат задоцнетите плати.
Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање Иван Пешевски нагласи дека како резултат на незадоволството кое владее кај вработените во ова претпријатие, следниот протест ќе се одржи и пред Владата.
„Овие протести од пред Дирекција секако дека ќе ги радикализираме и пред Влада, бидејќи ниту на вчерашната седница на Влада се разговараше за ова прашање, ниту пак имаме абер дека некој се грижи за вработените во „Национални шуми“ да подели не само плати за луѓето туку да им се исплатат и надоместоците за пензиско и здравствено осигурување. Навистина се соочуваме со голема категорија луѓе, 1800 вработени, па ќе треба навистина да се стави прст на чело што ќе се случува со нив“, истакна Пешевски.
Тој изрази и надеж дека овие протести ќе станат уште помасовни во наредниот период.
„Се надевам и дека наредниот пат ќе бидеме помасовни и ќе го кренеме гласот и пред владата и пред владините претставници, бидејќи нив зголемените плати од 80 проценти редовно ги земаат, а овде луѓето не земаат ништо“, додаде Пешевски.
За проблемот со неисплатените плати пак од „Национални шуми“ за РСЕ вчера одговорија дека тоа се должи на намалената побарувачка на огревно дрво од граѓаните, како и тоа дека производството е намалено на 100 000 метри кубни.
„Национални шуми“ велат и дека во изминатиот период детално ги известиле и Владата и ресорното Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство за проблемите со кои се соочуваат. Но, не даваат конкретен одговор до кога ќе трае голготата на вработените и како ќе се реши проблемот.
Пекинг: Има уште многу работа пред мировниот самит за Украина
Кина соопшти дека има „уште многу работа“ пред да се одржи мировната конференција за војната во Украина во Швајцарија, но не кажа дали ќе присуствува на состанокот.
Кина и Русија ја зајакнаа економската соработка и дипломатските контакти во последниве години, а нивното стратешко партнерство стана посилно по инвазијата на Москва на Украина.
Додека Кина тврди дека е неутрална во конфликтот во Украина и дури се обиде да игра посредничка улога, таа беше критикувана поради одбивањето да ја осуди офанзивата на Москва.
Швајцарската влада минатата недела објави дека ќе биде домаќин на мировната конференција на високо ниво за Украина во средината на јуни, но дека Русија нема да присуствува.
Германскиот канцелар Олаф Шолц по неговите разговори со кинескиот претседател Кси Џинпинг во вторникот (16 април) во Пекинг изјави дека се согласиле „интензивно и позитивно да ја координираат“ промоцијата на таа конференција.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави најавата, велејќи дека Кина може да помогне да се постигне „праведен мир“ за неговата земја.
Меѓутоа, Кина во средата одби експлицитно да потврди дека ќе учествува на собирот, велејќи дека Кси ја поддржал конференцијата „признаена од Русија и Украина“ и дека „има уште многу работа“ пред да се одржи.
Кси „го поддржува свикувањето на меѓународна мировна конференција во догледно време... со еднакво учество на сите страни“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џијан.
„Кина верува дека секој конфликт на крајот мора да се реши преку дипломатски канали и политички преговори“, додаде Лин, наведувајќи дека „единствениот излез од украинската криза е на преговарачката маса“.
Шолц, исто така, во вторникот рече дека го повикал Кси да го искористи своето влијание врз Русија за да изврши притисок врз неа да стави крај на „бесмислената“ војна во Украина и да ги повлече војниците од соседната земја.
„Зборот на Кина има тежина во Русија“, рече тој.
Кинеската државна телевизија CCTV соопшти дека Кси навел „четири принципи за спречување на украинската криза да излезе од контрола и да го врати мирот“.
Земјите мора да се фокусираат на „одржување мир и стабилност и да се воздржат од барање себични придобивки“, како и „да ја смират ситуацијата и да не долеваат масло на огнот“, рече Кси.
„Мораме да создадеме услови за враќање на мирот и да се воздржиме од дополнително влошување на тензиите“, изјави Кси, додавајќи дека треба да се направат напори за „да се намали негативното влијание врз светската економија“.
„Четирите принципи“ наликуваат на предлогот на Пекинг минатата година во кој се бараше „политичко решение“ на конфликтот, што според западните земји може да и дозволи на Русија да задржи голем дел од територијата што ја зазеде во Украина.
Центар за граѓански комуникации: Училиштата се нетранспарентни околу јавните набавки
Без транспаретност и отчетност се трошат околу 10 милиони евра за набавки во училиштата кои се финансираат со пари од родителите, покажува истражувањето спроведено од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Истражувањето спроведено во 96 основни и средни училишта во 8 општини во државата открива дека набавките за осигурување, за униформи за учениците, за фотографирање, за ужина итн. се спроведуваат во постапки за кои нема јасно дефинирани правила коишто би овозможиле избор на најповолните понуди. Јавни огласи се објавуваат само за екскурзиите, бидејќи Министерството за образование и наука (МОН) за нив има донесено процедури во 2014 година.
Најголем дел од училиштата не можат да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации. Од таму велат дека дури и кај оние училишта што ги доставиле одлуките за избор од страна на советите на родителите не може да се утврди како се прибрани разгледуваните понуди, односно кој одлучил од кои фирми да се бараат понуди за набавките.
„Оваа состојба е последица на тоа што МОН доцни со изготвувањето на подзаконските акти со кои ќе се регулира начинот на спроведување на набавките во воспитно-образовните институции, кои не подлежат на Законот за јавни набавки. На тој начин им се овозможува на училиштата да бидат нетранспарентни и неотчетни за начинот на трошење на парите од родителите. Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 - 2025 година предвидуваше Министерството за образование и наука да ги изготви овие подзаконски акти (правилници) уште во првата половина од 2022 година, со цел да се намалат широките можности за корупција и злоупотреба на службената позиција“, истакнуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Истражувањето е изготвено во рамки на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.
Истражувањето е спроведено во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.
Косовски претставник вели дека Србија ги блокира автобусите со патници на границата со Хрватска
Секретарот на Канцеларијата за врски со Белград во Приштина, Фатмир Хаџоли, во среда (17 април) објави дека српските власти на границата со Хрватска од полноќ „блокираат“ најмалку четири автобуси со косовски регистерски таблички и патници од Косово.
Според неговото мислење, блокадата на автобусите на граничниот премин Батровци е „знак за одмазда и апсурдна нервоза“ на официјален Белград поради гласањето во Парламентарното собрание на Советот на Европа за поддршка за членство на Косово во таа организација.
„Блокирањето на над 300 граѓани, поседувањето пасоши и патни исправи е флагрантно кршење не само на бриселските договори, туку и на универзалните човекови права гарантирани со сите меѓународни конвенции. Само најавторитарните режими ги блокираат патниците од друга земја со образложение „дека тоа е наредба од Белград“, напиша тој на Фејсбук.
Хаџоли рече и дека ќе оди на граничниот премин меѓу Србија и Хрватска, за од прва рака да се запознае во каква состојба се наоѓаат граѓаните на Косово.
Парламентарното собрание во вторникот ја усвои препораката за прием на Косово во Советот на Европа. Работата сега ќе биде предадена на Комитетот на министри, кој се состанува во мај и го има последниот збор кога станува збор за прием на земјата во организацијата.
Србија е против членството на Косово во Советот на Европа, а министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ по гласањето изјави дека ќе ја продолжи борбата „со сите сили“ за одлуката да не биде усвоена на Комитетот на министри на 16-ти мај.
Граѓаните на Косово кои минуваат низ Србија и претходно биле запирани, а некои од нив биле уапсени од српските власти поради сомнение дека извршиле воени злосторства.
Десетмина загинати во руски напад на Чернихив
Најмалку 10 лица загинале, а неколку се повредени во руски воздушен напад врз украинскиот град Чернихив, соопштија властите.
Неколку експлозии го потресоа Чернихив во средата, непосредно по активирањето на сирените за воздушен напад низ Украина, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека таков напад не може да се спречи бидејќи Украина нема „доволна“ противвоздушна одбрана поради намалените резерви од сојузниците, особено од САД, каде политичарите се во ќорсокак поради пакетот воена помош вреден околу 62 милијарди долари.
Гувернерот на Черниговската област Вјачеслав Чаус изјави дека воздушниот напад на руските сили бил извршен откако во 8:50 часот по локално време била прогласена воздушна тревога.
„Непријателот изврши три ракетни напади во близина на центарот на градот. Има мртви цивили, има многу ранети“, напиша тој помалку од еден час по почетокот на тревогата за воздушен напад.
Русија драматично ги засили воздушните напади против Украина, чии сили немаат доволно системи за воздушна одбрана и муниција, додека очајно потребната американска помош е заглавена во Претставничкиот дом поради противењето на Републиканците.
Украинските власти упатија молби до Вашингтон и другите сојузници да ги засилат воените резерви и помош, велејќи дека воздушната одбрана на Украина е од клучно значење за заштита на нејзините соседи.
Соочен со растечкиот недостиг на системи за противвоздушна одбрана, оружје и муниција додека помошта од Запад се смирува, Киев се повеќе прибегнува кон воздушни и поморски напади со беспилотни летала длабоко во руската територија, таргетирајќи ги и воените инсталации и критичните постројки за рафинирање на нафта.
Серија експлозии одекнаа рано во средата во зоната на воениот аеродром во градот Жанкој на северот на украинскиот полуостров Крим, окупиран од Русија.
Ден на жалост во Косово по убиствата на две жени
Претседателката на Косово, Вјоса Османи го прогласи денешниот ден, 17 април, за ден на жалост во спомен на убиените жени и девојки во Косово како последица на родово засновано насилство.
Според синоќешното соопштение од кабинетот на Османи, општеството треба да биде во жалост секој ден се додека има убиства на жени.
„Утре ќе биде национален ден на жалост во Косово, но нашето општество ќе биде во жалост секој ден се додека има убиства на наши жени и девојки“, се наведува во соопштението.
Една жена е убиена вчера во градот Пеќ, а осомничен за убиството е нејзиниот сопруг, кој, како што е соопштено, ја застрелал со пиштол.
Во петокот (12 април) 21-годишна жена беше убиена во Урошевац во Центарот за социјална работа од страна на поранешниот сопруг. Притоа беше ранет и 15-годишниот брат на жртвата.
Гринфилд: Предлог-резолуцијата за Палестинците ќе помогне во решавање на израелско-палестинскиот конфликт
Амбасадорката на Соединетите Држави во Обединети Нации, Линда Томас-Гринфилд изјави дека предлог-резолуцијата за полноправно членство на Палестина во ОН ќе помогне во решавање на израелско-палестинскиот конфликт по принципот две земји за двата народа.
Таа додаде дека САД се подготвени да го прифатат барањето во нацрт-резолуцијата поднесена од Палестинската управа за нејзино целосно интегрирање во структурите на ОН.
Советот за безбедност на ОН утре ќе гласа за предлог-резолуцијата Палестинската управа да биде полноправна членка на светската организација.
Советот за безбедност на ОН одлучи да одговори на барањето на Палестина за полноправно членство во Обединетите Нации до крајот на април, што палестинските власти го опишаа како „историско“, а Израел остро го осуди.
Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена.
Во ноември 2012 година, Палестина доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.
Палестина го ажурираше своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН минатата недела, укажувајќи на израелската офанзива во Газа, а телото започна процес на ревизија во понеделникот (9 април).
Белата куќа: Бајден е против одделни пакети помош за Украина и Израел
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби изјави дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден е против потенцијалниот предлог на републиканците во Претставничкиот дом да им дадат помош на Израел и Украина во два различни пакета.
„Ние не поддржуваме предлог-закон кој го финансира само Израел, бидејќи на Украина и треба муниција“, наведе Кирби.
Тој додаде дека претседателот на Претставничкиот дом, Мајкл Џонсон ја добил пораката на администрацијата и престанал да се обидува да ги одвојува пакетите за помош за двете држави.
Претходно, претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, изјави дека Претставничкиот дом на Соединетите Држави следната недела ќе гласа одделно за помош на Украина и Израел.
Американската помош за овие земји сè уште не е усвоена бидејќи Џонсон не сакаше да ја разгледа мерката од 95 милијарди долари што Горниот дом ја усвои во февруари. Вклучува 14 милијарди долари помош за Израел и 60 милијарди за Украина.
Џонсон нагласи дека новите мерки во Претставничкиот дом предвидуваат приближно исти износи на странска помош. Притисокот конечно да помине оваа финансиска помош преку Конгресот порасна по иранскиот напад врз Израел.
Дубаи под вода: поплавени се автопатите и аеродромот
За само неколку часа од големото невреме кое го зафати Дубаи наврнало дожд колку за година и половина. Поплавени се главните сообраќајници и аеродромот, поради што мораа да бидат пренасочувани летови.
Големите дождови кои ги зафатија Обединетите Арапски Емирати и делови на Катар и Бахреин предизвикаа поплави.
Во Оман, во неделата и понеделникот (14 и 15 април) во невремето загинаа 18 лица.
Метеоролозите и за денеска (17 април) најавуваат бури, поради што училиштата во Обединетите Арапски Емирати веројатно ќе останат затворени.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете