Достапни линкови

Светот ја дочека 2010


Новата година прво пристигна на пацифичките држави Кирибати и Тонго во 11 часот по средноевропско време, околу 13 часа пред државите на Стариот континент.
Новата година последни ја пречекаа жителите на Њујорк. Околу милион луѓе на Тајмс сквер под засилени мерки на безбедност присуствуваа на ритуалот стар над 100 години, на спуштањето на кристалната топка и на испуштањето на 1.300 килограми конфети и ливчиња со желби за 2010 година.
Милион ипол луѓе на пречекаа Новата година на пристаништето во Сиднеј каде имаше огномет за кој се потрошени околу пет тони експлозив.
На Филипините петмина загинаа, а неколку стотици луѓе се повредени поради неправилно ракување со пиротехнички направи.
Јапонската престолнина Токио ја поздрави Новата година на традиционален начин со огласување на звоната во храмовите на полноќ.
Во Латинска Америка, во Рио де Жанеиро наспроти обилните дождови и лизгањето на земјиштето кои однесоа најмалку 19 животи, два милиони луѓе се собраа на четири километри долгата плажа Копакабана. Облечени во бело тие танцуваа на звуците на самба.

2010 во Европа


Над 200.000 жители на Лондон се собраа по бреговите на Темза и покрај студот и гледаа како гигантското виенско тркало - Лондонското око, беше потопено во море од огномет, кога часовникот Биг Бен означи полноќ.
Во Париз под Ајфеловата кула со чаши шампањско се разменуваше традиционалниот француски бакнеж.
Во Берлин еден милион луѓе се собраа да ја набљудуваат традиционалната новогодишна прослава во реонот на Бранденбуршката порта.
Во Мадрид со специјално шоу звук и светлина беше одбележан почетокот на претседавањето со Европската Унија, кое што од денеска го презема Шпанија. Насобраните луѓе пиеја пенливо вино и ги изедоа задолжителните 12 зрна грозје, обичај, за кој се тврди дека им носи среќа на Шпанците.
Празнувањата во Рим беа одбележани од мал инцидент. Гол маж прво упаднал во јаслите, кои ја претставуваа сцената на раѓање на Исус на плоштадот Свети Петар во Ватикан, а после се упати кон плоштадот Навона, каде се качи врз статуата на фонтаната, по што беше уапсен од полицијата.
Над 120.000 луѓе ја пречекаа Новата година меѓу обилен снег на Црвениот плоштад во Москва. Десетици илјади излегоа и на Дворцовиот плоштад во Санкт Петербург.


Во Варшава, концерт во спомен на Мајкл Џексон, кој почина во јуни 2009. На манифестацијата присуствуваа 90.000 луѓе. Таму беше и сестрата на Мајкл Џексон, Ла Тоја, како и еден од неговите најпознати имитатори.
Но, не сите ноќеска го прославија почетокот на 2010 година.
Според етничката и религиозната историја во 2010 година, Евреите ќе ја прослават нивната 5771 нова година, Кинезите 4708, Индусите 2067, а Муслиманите 1432 нова година.
XS
SM
MD
LG