Вести
Сомалиските пирати ослободиле турски брод
види ги сите денешни вести
Алекс Салмонд, поранешен прв министер на Шкотска почина во Охрид
Алекс Салмонд, поранешен прв министер на Шкотска почина денеска на 12 октомври во Охрид, каде учестувуваше како панелист на вториот Форум за културна дипломатија, информираат од Канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
„За жал, Алекс Салмонд, поранешниот прв министер на Шкотска кој беше еден од панелистите на вчерашниот форум за културна дипломатија што се одржа во Охрид, денеска ненадејно почина“, информираат од Канцеларијата на Иванов.
Поранешниот претседател Иванов изразува длабоко и искрено сочуство до семејството. Во негова чест, вечерва се одржа комеморација на која се обрати Иванов, заменикот генерален секретар на ОН Моратинос како и дел од учесниците на форумот. На комеморацијата присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Салмонд вчера имаше излагање на второто издание на Форумот за културна дипломатија во коорганизација на кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и Институтот за културна дипломатија од Берлин.
Алекс Салмонд од 2007 до 2014 година ја предводеше земјата како премиер и во тој период се одржа референдумот за независност на Шкотска.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен во СВР Охрид во 15:30 часот, по што итната медицинска помош, полицијата и основен јавен обвинител констатирале смрт.
Пронајдено тело на уште една жртва од поплавите и одроните во БиХ
Телото на уште една жртва од поплавите и одроните е пронајдено во Бутуровиќ Поље, населба во близина на Коњиќ, потврди на 12 октомври за Радио Слободна Европа градоначалникот на Коњиќ, Осман Ќатиќ.
Ќатиќ изјавил дека станува збор за 78-годишна жена чие тело било пронајдено во саботата, по што нејзините синови ја идентификувале. Досега во Босна и Херцеговина се пронајдени телата на 24 жртви од поплавите и одроните. Од Јабланица се 17, од Коњиче четворица, додека кај Фојница загинаа три лица.
Спасувачките екипи се уште трагаат по најмалку четири исчезнати лица.
Во текот на ноќта од четврток кон петок, 4 октомври, обилни дождови ја погодија северна Херцеговина и централна Босна, предизвикувајќи порои и поплави.Дождот активираше бројни одрони, а најтешка е состојбата во Доња Јабланица на југот од земјата.
Надлежните во Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина тврдат дека уривањето на каменоломот е причина за големиот број жртви во Доња Јабланица. Земјите од регионот и Европската унија (ЕУ) испратија спасувачки тимови, финансиска и друга помош за преживеаните и санирање на штетите.
Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина прогласи состојба на елементарна непогода на територијата на овој ентитет.
Американските сили бомбардираа упоришта на Исламска држава во Сирија
Воените авиони на Соединетите Американски Држави (САД) превентивно бомбардираа голем број упоришта на групата „Исламска држава“ (ИД), соопшти Централната команда на САД на 12 октомври.
Околу 900 американски војници се распоредени во источна Сирија, со Сириските демократски сили поддржани од САД и предводени од Курдите.
Американската војска соопшти дека нападите во петокот ќе ја намалат способноста на Исламската држава да планира, организира и извршува напади врз САД, нивните сојузници и партнери, како и врз цивилите низ регионот и пошироко. Се вели дека проценката на штетите е во тек и дека нема цивилни жртви.
На врвот на својата моќ, во 2014 година, Исламската држава прогласи „калифат“ во големи делови од Ирак и Сирија, но беше поразена во Ирак во 2017 година.
Во март 2019 година го загуби последниот дел од источна Сирија што го држеше.
И покрај тој пораз, нападите на „заспаните ќелии“ на Исламската држава во Ирак и Сирија се во пораст во последниве години, со десетици убиени или ранети.
Албанија во вторник ги почнува преговорите за членство во ЕУ по кластери
Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) го усвои Заедничкиот став на Унијата за отворање на првиот кластер во преговорите за членство на Албанија, со што се овозможува одржување на Меѓувладина конференција ЕУ-Албанија во вторник (15 октомври) во Луксембург, соопшти унгарското претседателство со Европската Унија.
„Албанија ќе биде првата меѓу земјите кандидати за членство што ќе ги отвори пристапните преговори според ревидираната методологија за проширување, што ќе биде клучен момент за оваа земја од Западниот Балкан“, се наведува во соопштението.
Првиот сет на поглавја, Кластерот „Основни вредности“, ги опфаќа фундаменталните реформи, што ќе го трасираат патот за почеток на преговори по другите кластери.
„Напредокот по овие реформи ќе го одреди и целокупното темпо на преговорите“, потенцира унгарското претседателство.
Во соопштението се додава и дека во пресрет на одлуката на Корепер, вчера во Будимпешта се одржала средба на премиерите на Унгарија и Албанија, Виктор Орбан и Еди Рама, на која тие разговарале за пристапните преговори и се согласиле да продолжат со зајакнување на билатералната соработка.
Корепер минатиот месец реши Албанија да почне преговори за членство со ЕУ по кластери, со што практично земјата е одвоена на својот европски пат од Северна Македонија. Досега двете држави се движеа заедно во пакет кон полноправно членство во Унијата.
Северна Македонија и овој пат остана пред портите на ЕУ. Причина за тоа е неисполнувањето на условот на Бугарија за измена на Уставот и внесување на бугарското малцинство во Преамбулата.
Од ноември, наставниците и професорите ќе добијат покачување на платите од 5 насто
Октомвриската плата, која ќе биде исплатена во ноември, ќе биде повисока на пет отсто за наставниците и професорите во основното и средно образование.
Ова на заедничка прес конференција во владиниот прес центар го соопштија претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков и премиерот Христијан Мицкоски.
Синдикалецот Неделков истакна дека МОН и Владата вложија напори во ваква економска ситуација и со оглед на кондицијата на буџетот да се изнајдат средства и да се обезбедат за исплата на овие 5 насто.
„Задоволството е уште поголемо што се договоривме за континуиран раст на платите во основно и средно образование во период од четири години, каде според нашите заеднички математики, конечно вработените во основно и средно образование, носителите на дејност наставниците и професорите ќе имаат плата во висина од просечна или нешто над просечна плата. Работиме на заокрижување на преговорите за колективните договори за основно и средно образование, со примена на колективните договори ќе има подобрување во правец на правата на просветните работници“, рече Неделков.
Според него, ова е голем успех во преговорите, во социјалниот дијалог и партнерство и е доказ дека со „заемно почитување и разбирање како социјални партнери, може да се дојде до прифатливи решенија“.
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека после неколку неделни преговори и анализи, и врз основа на она што го имаат како информација како се полни буџетот и кои се проекциите за годините кои следат, сакале да постигнат договор кој ќе биде долгорочен и ќе биде во насока на подобрување на финансиска состојба на наставниците.
„Сакавме да постигнме договор кој ќе биде долгорочен, за да не треба секоја година да имаме кризи, ќе правиме штрајкови, затоа беше важно што ова што го постигнавме како договор. Јас лично бев вклучен во овие разговори и мислам дека се постигна договор кој е историски за подобрување на финансиската состојба на наставниците и професорите. Од октомвриската плата која ќе биде исплатена во ноември ќе имаме пет насто покачување на платите до март 2025 година. Во март 2025, ќе има покачување од 7 насто. Во март 2026 година во зависност од состојбата на буџетот ќе има покачување од 7,5 до 10 насто. Во март 2027 меѓу 7,5 и 10 насто. И во март 2028 година, меѓу 12 и 12,5 насто. Тоа ќе зависи од приходите во буџетот“, рече Мицкоски.
Премиерот очекува до февруари 2025 година да се потпише и колективниот договор за основното и средно образование.
„Да имаме јасна основа како понатаму ќе може да се развиваме и кои ќе бидат коефициентите на сложеност на работните места бидејќи сега има нејаснотии во тој дел“, рече Мицкоски.
Според опозицискиот СДСМ, најавата за минимално зголемување на платите на наставниците од само 5% е разочарувачка и го потценува трудот на професионалците.
„Наместо планираните 12%, ова зголемување не одговара на реалните потреби на наставниците и представува само козметички потег за ублажување на незадоволството“, се вели реакцијата на СДСМ.
Од партијата велат дека наставниците заслужуваат поголема почит и поддршка, а не симболични награди.
МВР: Лажни профили на Интерпол и македонската полиција нудат враќање на пари на измамени од „Конти“
Министерството за внатрешни работи информира дека во периодот е зачестена појава на лажни профили на социјалните мрежи кои се преставуваат во име на Интерпол, МВР или компании кои нудат некаков вид на помош, посредување па дури и враќање на пари на лица кои ги изгубиле во лажни онлајн инвестиции како што беше „Конти“ и други слични на него.
„Сакаме како Министерство за внатрешни работи да информираме а воедно и да предупредиме дека се работи за класични интернет измами или таканаречени „фишинг“ измами чија цел е прибирање на лични податоци со цел понатамошно нивно користење во криминални деанија, како и злоупотреба на нивните платежни картици со цел стекнување на финансиска корист“, велат од МВР.
Од институцијата апелираат до граѓаните да не наседнуваат на ваквиот вид на измами и да бидат многу внимателни каде ги оставаат своите лични податоци како и податоците од своите платежни картици.
Министерството за внатрешни работи напоменува дека има свои канали на комуникација, односно сите линкови кои се поврзани со министерството може да се најдат на нивната официјална веб - страница.
Кој би можел да ја формира следната влада на Литванија?
Литванците ќе излезат на парламентарни избори следната недела, пред кои, според анкетите, опозиционите социјалдемократи од левиот центар ќе освојат повеќе гласови од партијата на премиерката Ингрид Шимонита, која ја предводи владата на десниот центар. Литванија е членка на Европската Унија и НАТО со 2,9 милиони жители.
Двете главни партии ја поддржуваат Украина и ја критикуваат Русија. Нивната надворешна и одбранбена политика се во голема мера слични. Сепак, во кампањата доминираа внатрешни прашања.
Социјалдемократите ветија дека ќе се борат против нееднаквоста со зголемување на даноците на побогатите Литванци за да финансираат повисоки трошоци за здравствена заштита и социјални услуги.
Централно-десничарската партија Татковинска унија на премиерката Шимонита го истакна нејзиниот успех во уредното одржување на државните финансии и зајакнувањето на националната безбедност.
Веројатно ниту една партија нема сама да освои мнозинство и ќе мора да преговара со помалите партии за формирање коалициска влада.
Во трите децении откако Литванија ја врати својата независност по распадот на Советскиот Сојуз, во таа балтичка земја главната партија во владата победи на изборите само еднаш, во 2004 година.
Каков е системот на гласање?
Според мешовитиот изборен систем во Литванија, половина од пратениците во парламентот се избираат според пропорционалниот систем со праг од пет проценти што мора да се помине за да се добијат пратенички места.
Другата половина е избрана по мнозински систем, што веројатно ќе ги фаворизира Социјалдемократската партија и Татковинскиот сојуз на сметка на помалите партии. Доколку ниту еден кандидат не добие повеќе од 50 отсто од гласовите во една изборна единица, двајцата кандидати со најмногу одат во вториот круг на гласање, кој ќе се одржи на 27 октомври.
Кои се главните партии?
Социјалдемократи - тие ја имаат поддршката од популарниот претседател на Литванија Гитанас Наузеда и водат кампања за ветување дека ќе ја направат земјата поправедна, на пример со зголемување на даноците за богатите и подобрување на јавните услуги.
Лидерката на партијата Вилија Блинкевичиуте (64) е пратеничка во Европскиот парламент од 2009 година. Таа стана позната по зголемувањето на пензиите додека беше министер за социјални работи од 2000 до 2008 година.
Татковинската унија - Ја водеше земјата за време на пандемијата, порастот на инфлацијата до 20 проценти по почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година и удвојувањето на одбранбените распределби.
Симонит, позната по застапувањето цврста фискална политика, ги држеше цврстите државни финансии, но критичарите велат дека таа не го исполнила своето ветување дека ќе го направи даночниот систем поправеден.
Зора Немунаса - Популистичката партија основана во 2023 година од жестокиот десничар Ремигијус Жемаитаитис, водеше жестока кампања критикувајќи ја владата и естаблишментот.
Жемаитаитис поднесе оставка од парламентот во април, откако Уставниот суд утврди дека ја прекршил својата заклетва со поттикнување омраза против Евреите. И Татковинскиот сојуз и социјалдемократите ја отфрлија можноста Зора Немунас да биде во коалицијата што ќе ја предводат.
Либерално движење – Партијата предводена од шаховскиот велемајстор Викторија Чмилите-Нилсен е дел од владејачката коалиција. ПАРТИЈА СЛОБОДЕ – Партијата која ги поддржува претприемачите, а беше и во коалицијата на премиерот Шимонита, е поддржана од млади гласачи. Таа е предводена од министерот за економија, Ошрин Армонајт. Таа партија ги блокираше обидите на владата да воведе нови даноци и исто така ја поддржува легализацијата на истополовите партнерства.
Унија на земјоделците и зелените - Предводена од Рамунас Карбаускис, најголемиот земјопоседник во Литванија и еден од нејзините најбогати граѓани, оваа партија беше на власт во периодот 2016-2020 година, а премиер беше популарниот поранешен полициски комесар Саулиус Сквернелис.
За Литванија – Партијата што ја основаше Сквернелис откако тој ја напушти Унијата на фармери и зелени по несогласувањата со Карбаускис. Таа се смета за можна четврта партија во коалицијата што би ја предводела за Татковинската унија, што потенцијално би му овозможило на Шимоните да остане на власт.
Што велат анкетите?
Истражувањето спроведено од компанијата Vilmorus/Lietuvos Rytas сугерира дека социјалдемократите ќе бидат на прво место со 18 отсто од гласовите, а по него е анти-естаблишментот Зора Немунаса со 12 отсто. Сега владејачката Татковинска унија е на трето место со девет отсто.
Руските дезертери побараа политички азил во Франција
Шест руски војници кои се обиделе да ја избегнат мобилизацијата за војната во Украина пристигнале во Франција, откако најпрвин побегнале во Казахстан, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Шестмина го започнаа процесот за добивање политички азил, пишува руски Би-Би-Си.
Се чини дека ова е прв пат една земја од Европската унија да се согласи да издаде документи за влез на група Руси кои бегаат од војната.
Претходно, активистите за човекови права изјавија дека има само еден случај на руски дезертер, кој побегнал во Казахстан и успеал да добие виза за земја од ЕУ.
Според веб-страницата Медиазон, од почетокот на годината до август 2024 година, до руските воени судови биле поднесени околу 5.200 кривични пријави за дезертирање, што е поголема бројка отколку за целата минатата година.
Таравари: Потребен е Закон за правична застапеност на сите маргинализирани групи
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со укинувањето на „балансерот“, рече дека е потребен Закон за правична застапеност. Тој напомена дека коалицијата Вреди веќе го подготвува законското решение, за како што најави, веќе следната недела ќе се одржи и јавна дебата.
„Вреди подготвува нов закон, кој што се надевам идната недела ќе биде во јавна дебата. Ќе бидеме в координација со партнерите во коалиција. Од сите страни е констатирано дека „балансерот“ не функционираше како што треба“, изјави Таравари.
Тој подвлече дека е потребен Закон за правична застапеност, не само за етничка категорија, туку за сите категории кои што се маргинализирани во општеството.
„Нам ни треба јавна дебата и синхронизација, бидејќи правичната застапеност е уставна категорија и секогаш кога нешто е уставна категорија, треба да постои и закон“, додаде Таравари.
„Балансерот“, алатка која се користеше при вработувањето во јавната администрација со цел да има соодветна и правична застапеност на етничките заедници, се укинува, одлучи на 9 октомври Уставниот суд на Северна Македонија.
Укинувањето на балансерот следува откако претходно на 18 септември, уставните судии одлучија да отворат предмет и привремено ја „замрзнаа“ употребата на балансерот додека да се донесе денешната конечна одлука.
Кина најави пакет мерки за стимулирање на економијата
Кинеската влада бара дополнителни начини за стимулирање на економијата, изјави министерот за финансии Лан Фоан, но не кажа дали тоа е новиот голем стимулативен план на кој се надеваа аналитичарите и инвеститорите.
Инвеститорите се надеваа дека тој ќе објави стимулативен пакет од два трилиони јуани (255 милијарди евра).
Наместо тоа, министерот за финансии рече дека владата ќе започне пакет мерки за забрзување на спроведувањето на нејзините постоечки политики.
Тие вклучуваат зголемување на студентските стипендии, издавање обврзници за да им се помогне на големите банки да го надополнат својот капитал и да обезбедат поголема поддршка за многу задолжените локални власти, од кои некои мораа да ги намалат јавните услуги како резултат.
„Има и други политички инструменти за кои се разговара, кои се уште се подготвуваат“, рече тој на прес-конференцијата, додавајќи дека во буџетот има „доволно простор“ за зголемување на трошењето и зголемување на дефицитот.
Кинеската економија остана бавна и покрај укинувањето на ограничувањата поради ширењето на корона вирусот на крајот на 2022 година.
Компаниите ги намалија вработеноста и платите, а продолжениот пад на пазарот на недвижности ја ослабна довербата на потрошувачите, ограничувајќи ја потрошувачката.
Владата ги зголеми пензиите и понуди субвенции за луѓето кои тргуваат со стари автомобили или апарати за нови, но таквите чекори не го поттикнаа економскиот раст.
Кинеските берзи се зголемија откако централната банка и другите владини агенции објавија чекори кон крајот на септември за заживување на секторот на недвижности и поддршка на финансиските пазари.
Но, оттогаш растот се намали поради загриженоста за тоа дали потезите се доволни за одржливо економско закрепнување.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете