Достапни линкови

Вести

Бугарија ќе дава повеќе државјанства

Новата Влада на Бугарија ќе се справува со демографската криза во земјата преку давање поголем број бугарски државјанства, изјави бугарскиот министер без ресор задолжен за Бугарите во странство Божидар Димитров.
„Ефектот од поинтензивното давање бугарски државјанства ќе биде освежување на генетскиот фонд и решавање на проблемот со недостиг на работна сила. Зошто да бараме Виетнамци и Филипинци кои си заминаа штом почна кризата. Со давањето државјанства ќе се справиме со демографската криза. Во моментов губиме по 30 илјади луѓе годишно колку што е разликата меѓу родените и умрените. Едноставната сметка покажува дека ако даваме по 30 илјади државајнства ќе ја надминеме демографската криза, дури и ако луѓето што ќе ги добијат не живеат во Бугарија“, вели Димитров во интервју за електронското издание „Всеки ден“, што го пренесува бугарскиот весник „Дневник“.

види ги сите денешни вести

„Боинг“ планира да отпушти десет проценти од работниците

Боинг 777X полетува на својот инаугуративен лет на полето Пејн во Еверет, Вашингтон, на 25 јануари 2020 година.
Боинг 777X полетува на својот инаугуративен лет на полето Пејн во Еверет, Вашингтон, на 25 јануари 2020 година.

„Боинг“ планира да отпушти десет проценти од своите работници во наредните месеци бидејќи продолжува да губи пари и се обидува да се бори против штрајкот што ја спречува компанијата да ги произведува своите најпродавани авиони.

Новиот извршен директор Кели Ортберг испрати електронска пошта до персоналот во која вели дека отпуштањата ќе вклучуваат директори, менаџери и други работници.

Компанијата веќе воведе континуирани отпуштања, но Ортберг рече дека нема да има повеќе поради претстојните отпуштања кои ќе укинат 17.000 работни места.

Компанијата ќе го одложи пуштањето во продажба на новиот авион, 777X, во 2026 година наместо во 2025 година.

Исто така, ќе го прекине производството на товарната верзија на својот авион 767 во 2027 година, откако ќе ги исполни сите нарачки.

„Боинг“ загуби повеќе од 25 милијарди долари од почетокот на 2019 година.

Синдикатот на машинските работници штрајкува од 14 септември, а дводневните преговори оваа недела не постигнаа договор.

Татарски новинар во штрајк со глад поради „незаконскиот“ притвор

Татарскиот новинар Искандер Сираџи
Татарскиот новинар Искандер Сираџи

Независниот татарски новинар Искандер Сираџи почна штрајк со глад додека беше во притвор поради обвиненија што ги негира.

Неговата адвокатка, Талија Чернова, денеска (11 октомври), рече дека Сираџи бил приведен два дена претходно и „смета дека неговото гонење е незаконско“.

Сираџи, познат локален новинар и сопственик на онлајн весникот Сираџи Сузе, беше приведен на 9 октомври во Казан, главниот град на руската област Татарстан, откако властите го претресоа неговиот дом и канцеларија, при што му ја конфискуваа целата опрема.

Властите потоа поднесоа кривична пријава против него за наводно ширење приватни информации без согласност, објави неговата сопруга, Елмира Сираџи, на платформата Телеграм.

Сираџи беше под истрага во ноември, во врска со новинарката на Радио Слободна Европа (РСЕ), Алсу Курмашева, која беше уапсена во Казан во октомври минатата година.

Курмашева, двојна американско-руска државјанка, прво беше обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“ според рускиот закон што ги таргетира новинарите меѓу другите, а потоа беше обвинета за ширење невистини за руската војска, обвиненија што таа и РСЕ ги отфрлија.

Таа беше осудена на 6 и пол години, пред да биде ослободена во размена на затвореници меѓу Русија и САД во август.

Додека Курмашева беше во притвор, домот на Сираџи беше претресен од властите, кои му ја одзедоа професионалната опрема и компјутерите на неговите деца.

„Наводно, новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева, собирала информации што претставувале државна тајна. Наводно, прашала некои професори колку луѓе се одземени од нивниот институт за време на воената мобилизација. И ова е наводно голем криминал. Наводно, некако сум поврзан со ова злосторство “, рече тогаш Сираџи.

Сираџи никогаш не соработувал со РСЕ.

Сега Истражниот комитет го обвинува дека објавил лични информации за двајца жители на Казан, именувани од властите само како Сафиулин и Сабиров.

Комитетот тврди дека видео снимката објавена од Сираџи пред неколку години открива детали за местата на живеење, семејствата и приходите на двете лица, обвинувања за кои адвокатката Чернова рече дека се невистинити.

Случајот против Сираџи произлегува од неговото покривање на случајот со жителот на Казан, Ибрахим Закиев, кој беше обвинет за убиства извршени пред околу две децении.

Врховниот суд на Татарсан неодамна го ослободи Закиев, и покрај сведочењата против него дадени од Сафиулин и Сабиров.

„И веќе следниот ден, врз основа на изјавата [од Сафиулин и Сабиров], Истражниот комитет отвори случај [против Сираџи]“, рече Чернова.

Таа додаде и дека неговиот случај го води истиот [истражен] оддел што го испрати случајот за убиството на Закиев на суд.

„Верувам дека тука има директна врска“, додаде Чернова.

Aдвокатката вели дека истражителите му ветиле на Сираџи дека ќе биде ослободен доколку признае.

Судот денеска требаше да изрече превентивна мерка за Сираџи.

САД загрижени за предлог закон за странски агенти во Црна Гора

Стејт департмент, Вашингтон, САД
Стејт департмент, Вашингтон, САД

Соединетите Американски Држави се длабоко загрижени за можните последици што предложениот закон за странски агенти може да ги има врз демократијата, човековите права и основните слободи, вклучително и слободата на изразување и здружување во Црна Гора, сојузник во НАТО и кандидат за ЕУ, велат од Стејт департментот за Радио Слободна Европа (РСЕ).

На прашањето на РСЕ за коментар на најавата на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, која ги обединува проруските партии на поранешниот Демократски фронт, дека ќе предложи усвојување на закон за странски агенти, Стејт департментот оцени дека ова би ги ограничило активностите на граѓанското општество.

„Ваквиот закон може да го ограничи просторот за граѓанско дејствување, да ги стигматизира граѓанските организации кои работат на подобрување на животот на граѓаните на Црна Гора и да ја попречи критичката работа на независните медиуми кои ја известуваат јавноста врз основа на факти. Овие елементи се исклучително важни за сите демократски институции и системи“, стои во одговорот.

Коалицијата за иднината на Црна Гора (ЗБЦГ) на 9 октомври објави дека е неопходно итно да се предложи Закон за агенти на странско влијание во Црна Гора.

Со него, како што наведоа, би се регулирало „функционирањето на странските агенции кои под превезот на невладини се обидуваат да влијаат на внатрешната и надворешната политика“.

Коалицијата ја сочинуваат проруските партии на поранешниот Демократски фронт (ДФ) - Нова српска демократија на Андрија Мандиќ и Демократската народна партија на Милан Кнежевиќ.

Андрија Мандиќ е претседател на Парламентот на Црна Гора.

Од Амбасадата на САД во Подгорица за РСЕ изјавија дека не ги виделе деталите за предлогот на коалицијата ЗБЦГ за Законот за странски агенти и дека не можат да коментираат за наводните сличности со Законот за регистрација на странски агенти на САД (ФАРА) од 1938 година, на кој се повикува коалицијата.

Барањето на дел од парламентарното мнозинство во Црна Гора за воведување на Законот за странски агенти, невладините и опозицијата го оценија како сериозна закана за демократијата и евроинтеграциите.

За оваа иницијатива, партиите на Демократскиот фронт не добија поддршка од другите партии со кои се на власт, Демократите и Движењето Европа сега (ПЕС) на премиерот Спајиќ.

Демократите оценија дека „не е добра“, додека ПЕС изјави дека ги наследуваат „стандардите на ЕУ за демократија и посветеност за членство во НАТО“.

Опозицијата остро го критикуваше соопштението на партиите од поранешниот Демократски фронт.

Таков закон постои во Русија и Грузија, а негови варијации има во други земји како Белорусија и Словачка.

Поради него, евроинтеграцискиот процес на Грузија беше практично прекинат.

Ердоган во Белград: Односите меѓу Турција и Србија се во „златно доба“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, 11 октомври 2024.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, 11 октомври 2024.

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во Белград за време на заедничкото обраќање со српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека односите меѓу Србија и Турција се во „златно доба“.

„Ја подвлековме важноста на мирот и стабилноста на Балканот и многу е важно да се има здрав разум во пристапот кога станува збор за тензиите меѓу Србија и Косово. Уште еднаш ја потврдивме нашата решителост да ја заштитиме стабилноста во Босна и Херцеговина и мислам дека Србија ќе има конструктивна улога во тоа“, рече Ердоган.

Според изјавата на турскиот претседател, се зборувало и за војната во Украина и на Блискиот Исток.

„Го поддржуваме територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и нашите напори за воспоставување траен мир ќе продолжат“, рече Ердоган.

Двајцата претседатели најавија соработка во наменската индустрија.

„Имаме идеи за тоа што ни треба од Турција и идеи за тоа што можеме заедно да развиеме“, изјави српскиот претседател Вучиќ.

Според него, разговарале за сите важни геополитички теми, како и за проблемите со кои се соочуваат двете земји.

„Турција и Србија имаат добри економски односи. Тројно ја зголемивме трговската размена во споредба со онаа пред неколку години“, рече Вучиќ.

Ердоган се сретна со Вучиќ во Белград за време на неговата дводневна посета на Србија.

Покрај средбата меѓу двајцата претседатели, се одржа и четвртата седница на Високиот совет за соработка меѓу Србија и Турција.

Двајцата претседатели ќе учествуваат и на бизнис форумот Србија-Турција.

Од 2017 година до сега, ова е четврта посета на турскиот претседател во Србија, кој пред Белград ја посети Тирана.

Една седмица по пожарот во Чаир, обвинители и полицајци вршат увид

Илустрација
Илустрација

Основното јавно обвинителство Скопје и полициски екипи прават увид во зградата на улицата „Прохор Пчињски” во Чаир каде на 2 октомври избувна пожар во подрумските простории.

Пристапот до објектот се врши строго контролирано и во присуство на станарите се врши попис на предметите и штетата на станбените единици, соопштуваат од Јавното обвинителство.

Подрумските простории, од каде според првичните информации започнал пожарот, сè уште се обезбедуваат за пристап и испитување на причините.

Траењето на увидот ќе зависи од времето неопходно за прибирање на сите докази, додаваат од Обвинителството.

На денот на пожарот, неколку лица, од кои еден пожарникар и еден полициски службеник побарале лекарска помош поради вдишување на чад, информираа од Министерството за внатрешни работи.

Во 6:30 часот од кровот на зградата биле симнати повеќе станари и ниту еден нив немал повреди.

Блинкен до Израел: Заштитата на цивилите е од витално значење

Разурната зграда на местото на израелскиот воздушен напад во Бејрут, на 10 октомври
Разурната зграда на местото на израелскиот воздушен напад во Бејрут, на 10 октомври

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, изјави дека Вашингтон сѐ уште работи на спречување на голема војна на Блискиот Исток и го повика Израел да ги заштити цивилите откако 22 лица беа убиени во напади во центарот на Бејрут, јавува новинската агенција Ројтерс.

Изјавата доаѓа еден ден откако во израелските воздушни напади беа погодени две згради во Бејрут, од кои едната целосно се урна.

„Продолжуваме интензивно да се ангажираме за да спречиме поширок конфликт во регионот“, изјави Блинкен за новинарите по самитот во Источна Азија во Лаос, додавајќи дека е „од витално значење“ Израел да обезбеди заштита на цивилите за време на конфликтот.

Според либански извори, најмалку еден висок функционер на Хезболах бил цел на третиот напад врз Бејрут, откако Израел минатиот месец започна воена кампања во јужен Либан против иранскиот сојузник Хезболах, што предизвика страв од сеопфатна регионална војна.

Хезболах е милитантната група и политичка партија, прогласена за терористичка организација од страна на САД, додека Европската унија го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и партијата што има членови во либанскиот парламент.

Телевизијата Ал-Манар, која е во сопственост на Хезболах, по нападот објави дека обидот за атентат врз Вафик Сафа, највисокиот безбедносен функционер на групата, не успеал. Се вели дека Сафа не бил во ниту една од целните згради.

Сафа ја предводи единицата за врски и координација на Хезболах, одговорна за соработка со либанските безбедносни агенции, изјавија безбедносни извори.

Во меѓувреме, Хезболах продолжи со истрели на ракети врз Израел на 10 октомври, а израелските одбранбени сили соопштија дека биле пресретнати неколку беспилотни летала кои се движеле кон Израел.

Претходно, на 10 октомври, во израелски напад врз училиште во Појасот Газа загинаа најмалку 27 лица, соопштија палестинските медицински претставници.

Израелската војска соопшти дека извршила „прецизен удар на терористите“ кои имале командно-контролен центар вграден во училиштето.

„Ова е уште еден пример за систематска злоупотреба на цивилната инфраструктура од страна на терористичката организација Хамас што го крши меѓународното право“, се вели во соопштението на израелската армија.

Палестинската милитантна група Хамас, прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ, ги отфрли ваквите обвинувања. Луѓето кои се засолниле во училиштето велат дека во нападот била погодена група хуманитарни работници. Повредени се 54 лица.

Нобелова награда за мир за Јапонци кои ги преживеале Хирошима и Нагасаки

Јапонецот Кидо Суечи, генерален секретар на Нихон Хиданкио, на Виенската конференција за влијанието на нуклеарното оружје во 2022 година
Јапонецот Кидо Суечи, генерален секретар на Нихон Хиданкио, на Виенската конференција за влијанието на нуклеарното оружје во 2022 година

Нобеловата награда за мир оваа година ја доби Нихон Хиданкио, организација на Јапонци кои го преживеале нападот со атомска бомба на Хирошима и Нагасаки.

„Ова масовно движење на преживеани од Хирошима и Нагасаки, познато и како Хибакуша, ја добива наградата за напорите да создаде свет без нуклеарно оружје и за демонстрацијата, преку сведочење, дека нуклеарното оружје никогаш повеќе не смее да се користи“, објави одборот за доделување.

Минатата година наградата ја доби Наргес Мохамади, затворена иранска активистка која се бори за правата на жените.

Претходно, ваква награда добија јужноафриканскиот борец против апартхејдот, Нелсон Мандела, поранешниот американски претседател, Барак Обама, и пакистанската активистка, Малала Јусафзаи, за нејзината борба за правото на образование за девојчињата.

Нобеловата награда е создадена од богатиот шведски пронаоѓач Алфред Нобел, кој во тестаментот прецизирал дека неговото наследство треба да се користи за финансирање на „награди за оние кои во текот на претходната година му донеле најголема корист на човештвото“.

Новинари на РСЕ под руски оган во источна Украина

Дописникот на украинскиот сервис на РСЕ, Роман Пахулич и снимателот Павло Холодов, фотографирани во регионот Суми, Украина во 2022
Дописникот на украинскиот сервис на РСЕ, Роман Пахулич и снимателот Павло Холодов, фотографирани во регионот Суми, Украина во 2022

Новинари на Радио Слободна Европа (РСЕ) беа под руски оган во источна Украина, на 10 октомври, додека снимаа акција на бојното поле заедно со украинските војници.

Тимот од украинскиот сервис на РСЕ, составен од дописникот Роман Пахулич и снимателот Павло Холодов, снимаше украински оператори со беспилотни летала на 10 октомври, кога руската војска со артилерија ги погоди позициите на украинските борци.

Првата граната паднала покрај Пахулич и неколку украински војници со кои разговарал во регионот Доњецк во близина на Бахмут.

На Пахулич му била третирана модринка предизвикана од притисокот на експлодираната граната, додека двајца војници добиле полесни повреди. Снимателот Павел Холодов не бил повреден.

Пахулич работи за РСЕ од 2018 година, известувајќи од првите линии во војната за одбивање на руските сили, како и правејќи анализи за проблемите со кои се соочува војската на Украина.

Средба на рускиот и иранскиот претседател, додека беснее војна на Блискиот Исток

Претседателите Путин и Пезешкијан на маргините на културниот форум во Ашхабат, Туркменстан, 11 октомври 2024
Претседателите Путин и Пезешкијан на маргините на културниот форум во Ашхабат, Туркменстан, 11 октомври 2024

Рускиот претседател Владимир Путин денеска (11 октомври) се сретна со неговиот ирански колега, Масуд Пезешкијан, додека кризата на Блискиот Исток се заканува дека може да излезе од контрола.

Средбата е во Ашхабат, на маргините на конференцијата во главниот град на строго контролираната централноазиска земја Туркменистан. Ова е прва од двете средби меѓу двајцата, а следна е закажана на самитот на БРИКС во рускиот град Казан, кој ќе се одржи од 22 до 24 октомври.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред средбата изјави дека иако разговорите ќе се фокусираат на билатералните односи, „ситуацијата на Блискиот Исток дефинитивно нема да биде игнорирана и исто така ќе биде на дневен ред“.

Средбата е прва меѓу двајцата претседатели откако Пезешкијан ја презеде функцијата на 30 јули, по победата на изборите за наследник на Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа во мај.

Односите меѓу Москва и Техеран се зајакнаа откако Кремљ ја почна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Од раните месеци на војната во Украина, Русија беше обвинета за користење на беспилотни летала Шахед и Мохаџер-6 од иранско производство, од кои многу беа пронајдени откако беа соборени над украинските градови и боишта.

Иран првично негираше дека ја вооружува Русија пред да попушти и да признае дека ѝ доставил „ограничен број беспилотни летала“ на Москва пред војната.

И покрај доказите за спротивното, Техеран продолжува да негира дека неговите беспилотни летала се користат од Русија против Украина. Тоа не ги спречи САД и Европската унија да воведат санкции против Иран поради помошта на Москва.

Минатиот месец ЕУ соопшти дека има „веродостојни“ информации обезбедени од сојузниците кои сугерираат дека Иран ѝ доставил балистички ракети со краток дострел на Русија за да ѝ помогне на Москва во војувањето со Украина.

Во меѓувреме, тензиите на Блискиот Исток се засилени откако Техеран лансираше околу 200 проектили врз Израел на 1 октомври, велејќи дека нападот бил одговор на убиството на милитантните лидери поддржани од Техеран и на генерал од иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда.

Израел вети дека ќе изврши „смртоносен, прецизен и изненадувачки“ напад врз Иран како одмазда, додека продолжува да гаѓа цели во Либан и во Појасот Газа за кои вели дека се насочени кон посредници поддржани од Иран.

Неодамнешната спирала на насилство беше предизвикана од нападот врз Израел од страна на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 луѓе, а околу 250 беа земени како заложници. Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и Европската унија.

Борбите во Газа поттикнаа друга група поддржана од Иран, Хезболах, да истрела проектили кон Израел како поддршка на Хамас. Хезболах е означен како терористичка организација од страна на Соединетите држави, додека ЕУ го става на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и нејзината политичка партија.

Како одговор, израелската војска започна масовни воздушни напади врз Бејрут и јужен Либан, како и копнен упад во јужен Либан со цел да се уништи милитантната група, сојузничка на Иран, чија политичка партија има места во либанскиот парламент.

Еден избегнат атентат и 22 загинати во израелски напад на Бејрут

Mеѓу урнатините на местото на израелскиот воздушен напад во Бејрут, Либан, 11 октомври 2024.
Mеѓу урнатините на местото на израелскиот воздушен напад во Бејрут, Либан, 11 октомври 2024.

Вкупно 22 лица загинале, а повеќе од 100 биле повредени во синоќешните (10 октомври) израелски напади врз центарот на Бејрут, соопштија либанските власти. Висок функционер на Хезболах избегнал обид за атентат, јавува Ројтерс, повикувајќи се на три безбедносни извори.

Либанското министерство за здравство извести и за 117 ранети. А меѓу загинатите има и осумчлено семејство, вклучително и три деца, кои се евакуирале од југот, според безбедносни извори.

Во јужен Либан, двајца мировници на Обединетите нации (ОН) беа повредени кога израелски тенк пукаше на набљудувачка станица во седиштето на силите во Накура. ОН соопштија дека нивниот персонал се соочува со зголемена опасност.

Израелските напади погодија густо населена област со станбени згради и мали продавници во центарот на Бејрут.

„Се молев. Го слушнавме првиот удар и помислив дека е во мојата куќа. Вториот беше многу посилен од првиот. Отидов да видам каде е ударот и видов дека ми се скршени прозорците на куќата. Тоа беше страшна глетка, тоа беше нешто неверојатно“, рече Алаа Бајдун, жител чија куќа беше оштетена.

Израел не издаде предупредувања за евакуација пред нападот и претходно ја немаше нападнато областа, која е далеку од јужните предградија на Бејрут, каде Израел постојано го бомбардираше седиштето на Хезболах.

Хезболах, милитантната група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан, е прогласена за терористичка организација од страна на САД, додека Европската унија го стави на црната листа само нејзиното вооружено крило, но не и партијата што има членови во либанскиот парламент.

Вафик Сафа, кој ја предводи единицата за врски и координација на Хезболах одговорна за соработка со либанските безбедносни агенции, во четвртокот вечерта беше мета на Израел, но преживеа.

Обидот за атентат врз Сафа, чија улога ги спојува безбедносните и политичките работи, означи проширување на израелските цели меѓу претставниците на Хезболах, кои претходно се фокусираа на воените команданти и врвните лидери на групата, наведува Ројтерс.

Конфликтот меѓу Израел и Хезболах избувна пред една година, кога групата поддржана од Иран, отвори оган во поддршка на палестинската милитантна група Хамас на почетокот на војната во Газа.

Тоа драматично се засили во последните недели, во текот на израелското бомбардирање на јужните предградија на Бејрут, јужниот дел и долината Бека, при што загинаа некои од главните лидери на Хезболах.

Најмалку 2.169 луѓе беа убиени во израелските напади во Либан минатата година, соопшти либанската влада. Повеќето од нив се убиени по 23 септември, кога Израел ја прошири својата воена кампања.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG