Достапни линкови

Имер Селмани, претседател на Нова Демократија


Имер Селмани, претседател на Нова Демократија
Имер Селмани, претседател на Нова Демократија

Треба да се отворат претходно прашања, пред да се дојде до фаза на склучување евентуално нов договор и сите нови договори по етничките прашања знаеме дека не се случуваат лесно. За жал, во светот не сме виделе внатре во некоја држава да има ново меѓу етничко уредување без некоја поголема или помала криза, па и воена

Господине Селмани, препознавте ли некаква порака од албанското гласачко тело на неодамна одржаните избори?

Пораката е многу силна. Пораката е дека секоја политичка партија, за да биде поддржувана не е доволно да остане на претходните ставови, туку треба да нуди свежи идеи, треба да нуди компромис, развој, гласачите Албанци, во голема мера се идентификуваат со НАТО и ЕУ, значи дефинитивно ги поддржуваат овие курсеви, но не само декларативно, туку сакаат да видат и нешто опипливо, нешто што ќе се почувствува дека не влече понатаму и дефинитивно, овој пат, гласачите од албанската етничка припадност дадоа силна порака дека сакаат економски развој, сакаат и поддржуваат идеи кои во платформата имаат економски развој, инфраструктурен развој и имаат толеранција, соживот. Јас ова можам најконкретно да го елаборирам со фактот што во програмата на Демокрација Ере буквално се нудеа овие атрибути, од една страна, а од друга, овие вредности, истите, на албански или македонски јазик ги нудевме и на електоратот од македонската етничка заедница. Нас посебно не радува фактот во партијата, што успеавме да добиеме сто илјади гласа од етничките Албанци и 50 илјади гласа од не Албанците, од Македонците, Турците, Власите, Ромите, Бошњаците итн. Значи, граѓаните дадоа порака и имаат еден заеднички именител. Сакаат сигурна иднина, сакаат конзистентна политика, сакаат предвидлива политика и сакаат мир и спокој. Сакаат да имаат економски просперитет во Република Македонија.

Од друга страна, можеме да сметаме дека и господинот Руфи Османи постигна извесен успех на овие избори кој деновиве излегува со идеја за некаков договор меѓу Албанците и Македонците, сосема спротивно на оние идеи со кои настапувате вие. Можеме ли да очекуваме нова поларизација на ставовите во албанскиот политички дел?

Јас не би сакал да предвидувам дека во наредната фаза ќе имаме поларизација. Мислам дека ние имавме толку големи поларизации што имаа своја кулминација 2001 година. Искуството не е толку пријатно. На секој граѓанин ако му понудите да се вратиме назад, да се поларизираме, да бидеме скарани, мислам дека ретко некој ќе прифати таква понуда. Во принцип сите сакаат да имаат подобар живот. Политичките понуди се различни. Секој си има право како политичка партија да нуди своја програма. За неа треба да се изјаснат граѓаните на гласање. Господинот Руфи Османи има право да креира политика за која смета дека е најдобра за граѓаните на Република Македонија или за неговите поддржувачи. Меѓутоа, јас повторувам, легитимитетот на секоја политичка понуда се добива на изборите. Ќе чекаме, што понатаму и како понатаму господин Руфи Османи ќе ја елаборира својата теза и теорија, меѓутоа бинационална држава или нов Уставен договор, тоа значи дека треба да се даде еден одговор дали го поништуваме Охридскиот рамковен договор или не. Дали се исцрпени сите можности да имаме мултиетничка држава согласно Рамковниот договор или не? Значи, тука треба да се отворат претходно прашања, пред да се дојде до фаза на склучување евентуално нов договор и сите нови договори по етничките прашања знаеме дека не се случуваат лесно. За жал, во светот не сме виделе внатре во некоја држава да има ново меѓу етничко уредување без некоја поголема или помала криза, па и воена.
Imer Selmani

Од друга страна, ДУИ и самата деновиве објави потреба од радикален рез во своите редови ако сака да остане релевантен политички фактор во владата. Како вие гледате на релевантноста на политичкото претставување во владата во овој момент?

ДУИ има внатре проблем во самата партија. Организационо. Мора да се реорганизираат и реформираат, но тоа е нивно прашање и нивна домашна задача. Јас би сакал тоа лесно да го направат иако како опонентска партија нам би ни одговарало ДУИ да биде се послаба. Но, од друга страна, не ми се допаѓа фактот како граѓанин на Република Македонија дека ДУИ премногу слабо и инфериорно ја практикува својата улога во Владата на Република Македонија. Игра пасивна улога, не нуди свои решенија, програма, визии туку само прифаќа тоа што ќе се понуди од партнерот ВМРО ДПМНЕ. Мислам дека граѓаните познаваат еден несериозен пристап кон реализација на обврските што пратениците или министрите ги имаат добиено и мислам дека народот почна да ги казнува и поголемите казни, ако продолжат вака, ќе ги добијат наредните избори.

Појавувањето на вашата партија во почетокот беше поврзувано со амбиции да станете дел од владата. Дали во овој момент се гледате како дел од оваа владеачка коалиција?

Ние немаме доволен број пратеници за да формираме мнозинство во владата. Сепак, има одредени правила. Не само уставни, туку и морални правила коишто кажуваат дека за да се биде дел од владата не е доволно само да имаш двајца, тројца, или пет пратеници. Знаете, Демокрација Ере не е политичка партија која секој ден нуди нови концепти. Секој ден да ги фрустрираме граѓаните со нови идеи. Денеска Република Македонија чини, утре не чини, или ќе ја снема. Така што, ние во континуитет ја нудиме идејата, којашто е моја идеја, на централниот совет, којашто е програмска идеја и мислам дека ова е исклучиво како идеја, што нас не поведува, не носи и одиме напред. Ние ќе бидеме дел од владата, во моментот кога ќе имаме легитимитет и можност да овие идеи ги практикуваме во интерес на нашите гласачи, во интерес на нашите граѓани.

Очекувате ли можност од нарушување на меѓуетничките односи во земјава?

За жал, ако има било какво нарушување, јас не би сакал да прогнозирам такво нешто. Меѓутоа, било какво нарушување ќе биде на директна одговорност на политичките елити, на политичарите. Зборувам со сто посто сигурност. Обичниот граѓанин сака да живее. Излезете на пазар, во продавница, таму ќе дознаете дека нема таква разлика, како кај политичарите. Луѓето си работат, сакаат да соработуваат, да егзистираат. Политичарите се тие кои во одредени периоди тие односи може да ги направат уште подорби, за да одиме напред или можеме да ги доведеме до стаклени нозе, кршливи, за евентуално да застанеме. Јас мислам дека колку што повеќе ќе има неодговорни политичари кои ќе нудат некакви решенија, идеи кои ќе бидат навредливи за другата етничка заедница мислам дека тогаш овие односи ги правиме кршливи. Политичарите треба да бидат одговорни со своите настапи и дела.
XS
SM
MD
LG