Достапни линкови

Опасни вежби за односите НАТО - Русија?


Русија и НАТО се обидуваат да ги обноват односите, нарушени по минатогодишната руско-грузиска војна. Но, во моментов се чини постои можност за повторно влошување на меѓусебните релации, поради плановите на НАТО за оддржување на три-неделни воени вежби во Грузија, што ќе започнат на 6-ти мај и ќе траат до јуни. Неодамна, рускиот претседател Дмитриј Медведев упати повик до НАТО да ја откаже вежбата:
Станува збор за кратковида одлука во поглед на односите Нато - Русија

„Некои акции очигледно имаат за цел зголемување на воените елементи, во период кога ситуацијата на Кавказот е прилично тензична. Оваа одлука изгледа кратковида и не- партнерска во поглед на односите НАТО-Русија.“

изјави Медведев. Но, портпаролот на Алијансата Роберт Псхел ги отфрла тврдењата дека НАТО вежбата има за цел зголемување на воените елементи и посочува дека не се планира вклучување на тешко вооружување. На противењата на Русија, тој исто така додава дека вежбата во Грузија, како дел од НАТО програмата Партнерство за мир, е планирана многу пред минато-годишната руско-грузиска војна:

„Вежбата е планирано да се случи во Грузија подолго време. Грузија има исти права и обврски како членка на Партнерството за мир. Според тоа, тие дадоа понуда уште одамна и таа беше прифатена. И се разбира, во иднина ќе одржуваме ваков вид вежби и на други места, можеби и во Русија.“
Грузија има права и обврски како членка на Партнерството за мир

Руските медиуми јавуваат дека Москва решила да го одложи состанокот на шефовите на Советот НАТО – Русија закажан за 7 мај. Кристофер Лангтон раководител на секторот за одбранбени анализи за Русија во Меѓународниот Институт за стратегиски студии во Лондон вели дека НАТО не треба да се откажува од вежбата, иако ја потенцира можната потреба од компромисно решение:

„Има уште многу примери за воени вежби во земји што се наоѓаат во конфликтни ситуации. Русија никогаш не протестирала за тоа. Но, ако се земе предвид чувствителноста на ситуацијата во Грузија, како и односите меѓу Русија и Грузија веројатно требаше да се најде компромисно решение. Сепак, овие вежби немаат никакво офанзивно сценарио и Русија треба да го разбере тоа без оглед на тоа што мислат.“

Во меѓувреме, Абхазија објави дека ќе спроведува воени вежби во истиот период со вежбата на НАТО. Абхазија потврди дека руските трупи се стационираат на границата со Грузија. Сепак, експертите не очекуваат ескалација.
XS
SM
MD
LG