Достапни линкови

Експертите очекуваат Македонија да биде погодена од економската криза


Намалувањето на профитот на извозно ориентираните стопански гранки ќе се преслика во целото стопанство

Економската криза ќе ги погоди и фирмите кои се ориентирани пред се на домашниот пазар, велат експертите. Тие објаснуваат дека намалувањето на профитот на извозно ориентираните стопански гранки ќе се преслика во целото стопанство.
Бизнисменот Ристо Гуштеров вели дека поради намалениот обем на работа, извозните фирми ќе трошат помалку производи што ги купуваат од македонски фирми и така, недостигот од пари спирално ќе ја зафати целата економија.
Извозниците стопанисуваат во Македонија и имаат синџир добавувачи, тие ќе ги скратат побарувањата од тие добавувачи.


„За странскиот пазар, за извоз од Република Македонија, тие стопанисуваат во Македонија и имаат синџир добавувачи, тие ќе ги скратат побарувањата од тие добавувачи.“

Дел од експертите не ја исклучуваат можноста, намалувањето на западноевропските пазари да ги натера странските компании да продаваат во Македонија и да ја зголемат конкуренцијата на домашното производство. Сепак познавачите се скептични дека големите западноевропски фирми ќе го бараат излезот токму на малиот македонски пазар.

Сопственикот на „Здравје Радово“, Јован Дабевски смета дека прехранбената индустрија најлесно ќе ја преброди кризата.

„Луѓето штедат на се, но мора да конзумираат храна, така што најмали проблеми има во храната, не верувам дека ќе има поголеми осцилации.“

Професор Ванчо Узунов објаснува дека економската кризата, како и секоја друга болест, прво зафаќа еден орган, но потоа се шири на целиот организам. Узунов најавува дека набргу целото стопанство ќе го почувствува недостигот од пари.

„Кога вработените во извозните претпријатија ќе почнат да примаат помали плати или да не примаат плати, не може да се јават на пазарот каде што продаваат претпријатијата свртени кон домашниот пазар. Со тоа ќе опадне и нивната заработувачка и ќе опадне и нивниот профит.“

Професор Узунов објаснува дека Владата не може да ја спречи кризата, но може да им помогне на фирмите полесно да ја преживеат.
Кога вработените во извозните претпријатија ќе почнат да примаат помали плати или да не примаат плати, не може да се јават на пазарот каде што продаваат претпријатијата свртени кон домашниот пазар.


„Може да им се помогне преку местата каде што фирмите не можат да се снајдат, тоа се гаранции за одреден период за производство, за извоз, ослободување од некои давачки, олеснување на некои давачки.“

Заради унапредување на деловниот амбиент во земјава, Стопанската комора побара од владата да им ги врати долговите на фирмите, да го скрати рокот за враќање на ДДВ-то и на тендерите да им дава предност на домашните пред странски фирми.
XS
SM
MD
LG