Достапни линкови

Работниците во текстилната индустрија „на удар“ од глобалната криза


Прилепчанката Милица Илиоска година и пол работи во приватната конфекција “Лајф текстил”, што се наоѓа во близина на прилепското село Ново Лагово. Вели придонесите воопшто не и се платени, не знае ниту за колкава дневница работи. За цел месец добила минимална плата од околу 6000 денари што вели не и стигнува, ниту да ги плати сметките за комуналните услуги во домот:

„Еве го пликот, 18 дена работни, а имам 3 400 денари. Кажете ми како може едно четиричлено семејство да опстане со овие пари.“

И Светлана Петреска е незадоволна бидејќи не и се исплатени 5 заостанати плати. Вели не знае ниту за колкав период и се платени придонесите.

„За 2007 година само два месеци, а за 2008 година незнам дали е платено. Јас сакам да ми ги исплатат парите, ако не ќе си заминам, неможам веќе да работам без пари.“

Се жали и возачот Миле Ристески. Вели добил отказно решение.

,,Јас лично немам земено пет месеци плата. Во саботата ми дадоа отказно решение, со образложение дека автобусот е расипан и сега сум на улица.“

Сите стотина вработени реагираат со низа забелешки и бараат итна исплата на заостанатите плати и придонеси, а од конфекцијата со одговор:

„Со примањето на оние парични средства од ,,Шампион“ односно со оние со кои водиме судски спор и од други места со нашите партнери со кои работиме, ќе им бидат исплатени целосно платите и придонесите на вработените.“

Вели Славе Видески, правен застапник на Лајф текстил. Од конфекцијата истакнуваат дека дел од барањата на вработените за намалените дневници не се реални, зашто странскиот партнер им ја вратил стоката со грешка. Но и потенцираат дека веќе ги чувствуваат првите последици од кризата.Иако вложувале напори поради социјалната криза да го задржат бројот на вработените, како што вели Видески се соочуваат со превработеност. Тие немаат друг избор, велат на вработените им исплаќаат редовно плата, но за заостанатите плати и придонеси единствена солуција е финиширање на судскиот спор и наплата на побарувањата од италијанскиот партнер Шампион кој тврдат им должи над 200.000 евра. Лајф текстил е само една од конфекциите која ги чувствува последиците од финансиската криза. Како што велат во регионалната стопанска комора, до крајот на март ќе се работи на дореализација на веќе потпишаните договори, но текстилците веќе се жалат дека странските партнери се се понеодлучни за склучување нови договори. Сите стравуваат и немаат објективни процени колкави ќе бидат реперкусиите од кризата.
XS
SM
MD
LG