Достапни линкови

Земјоделците велат дека на терен состојбата е поинаква и предупредуваат на последици од кризата


Во декември забележан раст откупот и продажба на земјоделски производи во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци

Вредноста на вкупниот откуп и продажба на земјоделските производи во декември 2008 е зголемена за 14,5 отсто во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Информации за пораст се наведуваат и во последниот месечен извештај на Народната банка. Според овие податоци Земјоделството, како сектор од бруто - домашниот производ во последниот квартал од 2008 година бележи пораст од 5,8 отсто. Тоа е повеќе од забележаниот пораст во градежништвото, финансиското посредување, јавната управа и сообраќајот и врските. Имајки ги предвид податоците, се поставува прашањето дали светската економска криза нема многу да го растресе земјоделското производство? Ѓоко Данилов од федерацијата на фармерите вели дека на терен состојбата е поинаква.


„На терен тоа не се чувствува нешто позитивно раздвижување во поглед на цени и количини на откупено земјоделско производство, еве и од претпоставка дека е така. Став е дека мали се шансите дека нема да ја осетиме кризата оваа година и скоро е сигурно дека ќе остави одредени последици.“

Според Данилов, ефектите од кризата се неизбежни и ќе се осетат и на производството и на извозот на земјоделски култури:

„Она што сега прво ќе биде на удар веројатно ќе биде на раноградинарското производство. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Веќе се приметува дека на странските пазари се намалува увозот на тие производи и веројатно кај нас тоа ќе влијае на извозот на раноградинарските култури.“

Данилов додава дека секаква подршка за земјоделците е добредојдена. Од Министерството за земјоделство велат дека ситуацијата се надгледува постојано. Портпаролката Соња Трајкова вели дека субвенции за земјоделците ќе има со цел да се намалат трошоците за производство и да се обезбеди поуспешен пласман.

„Исто така Министерството со програмата за рурален развој отвора можности за земјоделците по поднесувањето на барањата и бизнис плановиоте, министерството им праќа половина од извршената инвестиција.“

Инаку според официјалните податоци, пред два месеци вкупниот откуп на земјоделски производи се проценува на 1,64 милиони денари.
XS
SM
MD
LG