Достапни линкови

Од канцеларијата на ЕУ велат дека сепак клучно во однос на реформите е спроведувањето на фер избори


Активностите и реформите околу евроатлантските процеси на државава, се забавени бидејќи приоритет на власта во овој период се изборите, предупредуваат експертите. Илија Талев од Центарот за истражување и креирање политики смета дека во период на голем предизборен ангажман, што одзема битен дел од енергијата, сите останатите активности, па оттука и реформите за евроатлантските интеграции на земјава паѓаат во сенка:

„Значи тука во еден предизборен период секако може да забележиме зголемена активност, фокусирање само на изборите, дефокусирање од она што треба да се направи на полето на донесување закони и законодавство и трошење значителна енергија врз кампањи, а помалку за онаа реална работа.“

Но, според Талев и опозицијата, па дури и медиумите кои ја имаат улогата на коректив на власта, исто така во мометнов се концентрирани или пак вниманието им го преокупираат случувањата околу изборите, со што придонесуваат овие клучни процеси за државата уште повеќе да бидат подзаборавени:

„И заради тоа има и помала желба од страна на структурите да се започне или да се продолжи со донесување на потребното законодавство.“

вели аналитичарот Талев. И професорот Димитар Мирчев се согласува дека евроинтеграциите во моментов се ставени во состојба на мирување. Неговото мислење е дека тоа ќе се повтори и со самиот почеток на реалната кампања; односно дека надворешната полтика нема да има толкав приоритет меѓу кандидатите:

„Не верувам дека во кампањата, барем претседателските кандидати многу ќе ги истакнуваат овие прашања околу евроинтеграциите.“

Ако може да се говори за исполнување на одредени реформи во насока на нашите аспирации за членство во ЕУ и НАТО, тогаш сепак додава аналитичарот Талев, спроведувањето на демократски избори, не треба да се заборави како една од главните одредби што ни ја испорачува Брисел:

„Од една страна мора да бидат добро организирани. Брисел веќе ги смета изборите за клучен предуслов за отпочнување преговори, за визна либерализација, за членство во НАТО итн.“

посочува Талев. И од канцеларијата на ЕУ во земјава, велат дека клучно во однос на реформите на патот на Македонија кон ЕУ ќе бидат токму претстојните локални и претседателски избори, кои претставуваат основен предуслов за натамошната евроатлантска перспектива на земјата.
XS
SM
MD
LG