Достапни линкови

Здружението на автоимпортери апелира за построга законска регулатива за контрола на дериватите


Продажбата на бензини кои не ги задоволуваат стандардите кои важат во Европската Унија налага ограничувања на увозот на одредени брендови на автомобили и штетно влијае врз перформансите на автомобилите, тврдат автоимпортерите и експертите. Според Златко Калеников, претседател на Здружението на автоимпортери на Македонија, бензинот кој се точи на Македонските пумпи не дозволува увоз на одредени најсовремени брендови автомобили.

„Да речеме кога ќе се стави шифра за Македонија, со желба да се нарача „еуро четири“ или „еуро пет мотор“, има забрана и не може да се нарача. Независни европски лаборатории прават испитувања за горивото. Доаѓаат тука, земаат од 50 пумпи готиво и гледаат дека тоа гориво не ги задоволува нивните стандарди.“

Според Калеников, проблемот не се одразува на продажбната на автомобилите, туку на понудата.

„Тоа е проблем во однос на носење на нови модели; најнов модел на возила, да речеме некое возило кое се прави со бензински мотор не го пуштаат да се произведе за Македонија.“

Рафинирањето и продажбата на бензините во земјите на Европската унија се регулира со посебни стандарди кои го дефинираат квалитетот на горивото и поставуваат ограничувања на емисиите на сулфур. Експертите велат дека вакви стандарди не се почитуваат во Македонија. Според Мишо Георгиев, специјалист за моротни возила, штетите кои домашниот бензин ги создава во моторите се скапи и прерано ги намалуваат перформансите на возилото.

„Луѓето се чудат како автомобил со гаранција на 100.000 километри со редовно одржување веќе на 60.000 километри има пад на перформансите, на компресијата и така натаму. Тоа е се поради лошото гориво.“

Георгиев додава дека проблем е сулфурот во бензините:

„Најголем проблем со нашето гориво е зголемениот процент на сулфур. Обично се знае колку треба да има процент сулфур во дизел горивото а тој процент во нашите горива, според некои мерења е за десет пати поголем од пропишаниот.“

Ескпертите и автоимпортерите препорачуваат воведување на строги законски регулативи за рафинирањето и точењето на бензин како и отворање на независна лабораторија за контрола на квалитетот на бензините.
XS
SM
MD
LG