Достапни линкови

Вести

Вашингтон: Џорџ Мичел ќе најстојува на конкретни резултати за израелско-палестинскиот мировен процес

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека неговиот нов пратеник за Блискиот Исток, Џорџ Мичел ќе настојува да дојде до конкретни резултати во врска со израелско – палестинскиот мировен процес и оти тоа е приоритет на неговата администрација. Мичел денеска пристигнува во прва мисија на Блискиот Исток.

види ги сите денешни вести

Протест во Белград: Се бара одговорност од власта за несреќата во Нови Сад

Дел од демонстрантите ги обоија рацете со црвена боја, сакајќи симболично да им порачаат на властите дека „рацете им се крвави“.
Дел од демонстрантите ги обоија рацете со црвена боја, сакајќи симболично да им порачаат на властите дека „рацете им се крвави“.

Неколку стотици луѓе се собраа пред Министерството за градежништво во Белград во знак на протест поради несреќата во Нови Сад во која животот го загубија 14 лица, а три лица беа тешко повредени при уривање на бетонската настрешница на железничката станица.

Насобраните граѓани бараат оставка од ресорниот министер Горан Весиќ и ги повикуваат надлежните органи на одговорност за несреќата.

Собирот го обезбедува полицијата која ги спречува учесниците да се приближат до зградите на државните институции.

Дел од учесниците на протестот ги обоија рацете со црвена боја, сакајќи симболично да им порачаат на властите дека „рацете им се крвави“.

Граѓаните и активистите носат транспарент со пораки „Злосторство, а не трагедија“ и „Оставки“.

Протестот започна на плоштадот Сава пред старата железничка станица во Белград со едноминутно молчење за жртвите во Нови Сад и читање на имињата на 14 лица кои загинаа при уривање на настрешницата.

Насобраните потоа се упатија кон зградата на Министерството за градежништво, а оттаму кон Владата на Србија во центарот на Белград.

Орбан: Ако победи Трамп, Европа ќе мора да ја преиспита поддршката за Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, јули 2024 г.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, јули 2024 г.

Европа ќе мора да ја преиспита својата поддршка за Украина доколку Доналд Трамп биде избран за претседател на САД, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, нагласувајќи дека Европа „нема да може сама да го поднесе товарот на војната“.

Орбан се противи на воената помош за Украина и јасно стави до знаење дека мисли оти поранешниот американски претседател Трамп ги споделува истите ставови и би преговарал за мирно решение за Украина.

Тој го поддржува Трамп, републиканскиот кандидат кој на изборите на 5 ноември ќе се соочи со демократската кандидатка и актуелна потпретседателка на САД, Камала Харис.

„Ние (во Европа) мора да разбереме дека ако во Америка има претседател кој е за мир, тогаш и Европа не може да остане провоена“, рече Орбан на 3 ноември.

Тој изјави и дека Украина ќе биде високо на агендата на состанокот на европските лидери во Будимпешта следната недела, алудирајќи на состанокот на Европската политичка заедница и најавената неформална средба на лидерите на ЕУ.

„Европа не може сама да го носи товарот [на војната] и ако Американците се придвижат кон мир, тогаш треба и ние да се приспособиме. Ќе разговараме за ова во Будимпешта“, рече Орбан.

Европа го чека исходот од изборите во САД за да види како тоа ќе се одрази на војната во Украина.

Орбан го налути Брисел со неговите блиски врски со Русија и противењето на помошта за Украина, пишува Ројтерс.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во јули изјави дека унгарската влада го гледа Трамп како „шанса за мир“ во Украина.

Орбан во јули изјави дека неговиот тим им помага на соработниците на Трамп за политиките за семејствата и миграцијата.

Унгарскиот премиер во четвртокот му се јави на Трамп за да му посака среќа пред американските избори во вторник, 5 ноември.

Палестинците тврдат дека клиника во Газа била нападната за време на вакцинација на деца

Роднини на загинати за време на израелското бомбардирање во текот на ноќта во болница во Газа, 3 ноември 2024 г.
Роднини на загинати за време на израелското бомбардирање во текот на ноќта во болница во Газа, 3 ноември 2024 г.

Палестинските власти тврдат дека шест лица, меѓу кои четири деца, биле ранети во напад со израелско беспилотно летало врз клиника во северниот дел на Појасот Газа каде децата се вакцинираат против детска парализа. Израелската армија, пак, негира, пишува „Асошиејтед прес“.

Нападот, според палестинските власти, се случил во саботата во северниот дел на Појасот Газа, кој изминатата година е опколен од израелските сили и во голема мера е изолиран.

Во оваа област, последните недели Израел спроведува уште една офанзива во која загинаа стотици, а се раселија десетици илјади луѓе.

Израелските сили постојано ги напаѓаа болниците во Газа, тврдејќи дека тие се користат за милитантни цели од Хамас, кој од САД и ЕУ е прогласен за терористичка организација.

Палестинските здравствени власти, пак, ги негираат ваквите тврдења на Израел.

Мунир ал-Бурш, портпарол на Министерството за здравство во Газа, за „Асошејтед прес“ изјави дека израелскиот дрон ја погодил клиниката Шеик Радван во градот Газа во саботата попладне, само неколку минути откако делегација на Обединетите нации го напуштила објектот.

Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, кои заеднички ја водат кампањата за вакцинација против детска парализа, рекоа дека се загрижени за нападот.

„Извештаите за овој напад сè уште повознемирувачки бидејќи клиниката Шеик Радван е еден од здравствените центри каде родителите можат да ги вакцинираат своите деца“, рече Росалија Болен, портпаролка на УНИЦЕФ.

Надав Шошани, портпарол на израелската армија, изјави дека „за разлика од палестинските тврдења, утврдено е дека израелската армија не е одговорна за нападот на областа“.

Кампањата за вакцинирање на децата против детска парализа започна во саботата во делови од северниот дел на Газа.

Требаше да започне на 23 октомври, но беше одложена поради израелските бомбардирања и наредбите за масовна евакуација, како и поради немањето гаранции за хуманитарни паузи во војната, соопштија ОН.

Најмалку 100.000 луѓе беа принудени да се евакуираат од северниот дел на Газа во последните неколку недели, според тврдењата на градот Газа.

Но, според ОН, околу 15.000 деца на возраст под десет години останаа во северните градови, вклучувајќи ги Џабалија, Беит Лахија и Беит Ханун.

Последната фаза од кампањата за вакцинација против детска парализа требаше да опфати 119.000 деца во северна Газа, но меѓународните агенции велат дека тоа сега е малку веројатно поради ограничениот пристап до областа.

Кампањата започна откако во Газа, по 25 години беше пријавен првиот случај на детска парализа.

Светската здравствена организација тврди дека овој случај е предупредување дека може да има стотици заразени луѓе, но да не покажуваат симптоми.

Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година, кога милитантите предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел и убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, а киднапираа уште 250 лица.

Потоа следеше израелска офанзива во која според властите во Газа загинале повеќе од 43.000 Палестинци.

Три дена пред изборите, патиштата на Харис и Трамп се вкрстија во Северна Каролина

Камала Харис и Доналд Трамп.
Камала Харис и Доналд Трамп.

Необична глетка ја пречека демократската кандидатка за претседател на САД, Камала Харис, при пристигнувањето во Северна Каролина на 2 ноември – авионот со црвена, бела и сина боја на Доналд Трамп, нејзиниот републикански ривал, беше таму.

Додека Харис излегуваше од потпретседателскиот авион „Ер форс“ на аеродромот во Шарлот, приватниот „боинг 757“ на Трамп беше паркиран во близина. Меѓутоа, нејасно е дали Трамп беше во неговиот авион во моментот на пристигнување на Харис.

Сепак, тоа што нивните авиони ја делеа пистата беше илустрација како двајцата кандидати во последните денови од кампањата се фокусираат на неколкуте клучни држави за кои се смета дека ќе бидат одлучувачки за исходот од претседателските избори на 5 ноември.

Веќе четири дена по ред тие водат кампања во иста сојузна држава.

Седум држави се сметаат за клучни, но, пишува Ројтерс, анкета објавена во саботата покажа изненадувачко водство на Харис и во Ајова, држава која Трамп лесно ја доби во последните два изборни циклуси.

За овие избори, како „одлучувачки“ се сметаат државите: Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Аризона, Невада, Џорџија и Северна Каролина.

Во своите настапи деновиве и Харис и Трамп се фокусираа на познати теми од нивната кампања.

Трамп најавува дека ќе депортира милиони имигранти доколку биде избран и предупреди дека ако Харис победи, „секој град во Америка ќе биде претворен во беден, опасен бегалски камп“.

Харис, пак, вели дека Трамп ќе ја злоупотреби својата моќ доколку се врати во Белата куќа.

„Ова е некој кој е сè понестабилен, опседнат со одмазда, обземен од поплаки. Овој човек бара неконтролирана моќ“, рече таа.

Повеќе од 75 милиони Американци веќе гласаа на изборите предвреме и по пошта. Изборниот ден е на 5 ноември. Идниот претседател на САД, Камала Харис или Доналд Трамп, ќе ја презеде функцијата во јануари 2025 година.

Како се избира претседател на САД?
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:19 0:00

Дачиќ: Тројцата повредени во несреќа во Нови Сад се во тешка состојба

Во несреќата загинаа 14 лица, меѓу кои и научник од Северна Македонија.
Во несреќата загинаа 14 лица, меѓу кои и научник од Северна Македонија.

Трите лица, кои беа повредени при уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, сè уште се во тешка состојба, изјави на 3 ноември српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

Во гостувањето на РТС, Дачиќ рече дека последиците од несреќата биле такви бидејќи бетонската настрешница била исклучително тешка.

Во несреќата што се случи на 1 ноември загинаа 14 лица, а причината за падот на настрешницата сè уште не е позната.

Министерот за внатрешни работи на Србија посочи дека во текот на денот ќе бидат сослушани уште пет лица, а на 2 ноември во просториите на полициската управа во Нови Сад биле сослушани 26 лица за да се утврдат причините и одговорноста за тоа што се случило.

Меѓу нив, рече, има и вработени во Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура на чело со министерот Горан Весиќ.

Како што рече, сослушани се и директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата од Нови Сад, седум лица заедно со генералниот директор на српски Железници, Горан Аџиќ, како и седум лица од Инфраструктура на Србија, меѓу кои и генералната директорка Јелена Танасковиќ.

Според зборовите на Дачиќ, биле сослушани и лицата кои се директно одговорни за работите поврзани со реконструкцијата – директори, изведувачите, проектантот.

Тој рече и дека се чека на наодите на вештаците и оти зависно од тоа што ќе покажат вештачењата ќе се преземат сите понатамошни дејствија.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 2 ноември, еден ден по уривањето на настрешницата пред главната железничка станица во тој град, соопшти дека најмалку дваесет лица ќе бидат сослушани за да се утврдат „сите суштински елементи на кривичното дела и кривична одговорност“.

Коментирајќи ги наводите од Заводот за заштита на спомениците во Нови Сад дека не е точно дека не дале согласност за реконструкција на настрешницата, Дачиќ рече дека изведувачите кои ја вршат работат се обраќа до одредени институции, меѓу кои и до Заводот од каде, според Дачиќ, изјавиле дека треба да направат само две работи.

„Значи тие (Завод) не рекоа дека не треба да се врши реконструкција, но не го ни препорачаа тоа. Проектантите го направиле тоа што го напишале тие“, рече Дачиќ.

Заводот за заштита на спомениците на културата „Нови Сад“ претходно соопшти дека е „апсолутна невистина“ оти Заводот не издал одобрение и дозвола за поправка на настрешницата.

Во соопштението од 2 ноември нагласуваат дека не е нивна надлежност да даваат мислења и да ги кажуваат условите поврзани со обезбедување на безбедноста на објектот.

Зградата на главната железничка станица во Нови Сад беше отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.

Српската железница на денот на несреќата, 1 ноември, соопшти дека настрешницата што паднала „не била предмет на реконструкција како дел од работите на реновирање на зградата“ што било во рамки на градежниот проект за брзата пруга Нови Сад – Суботица.

Како што наведоа во соопштението, во рамки на реконструкцијата се работело на внатрешноста на станицата, покривот и фасадата над и под настрешницата.

Сепак, експерти велат дека дел од реконструкцијата била и настрешницата.

Несреќа на железничката станица во Нови Сад
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:05 0:00

Градоначалникот на Нови Сад на 2 ноември за медиумите посочи дека „ресорното министерство соопштило оти настрешницата не е реконструирана“, и дека тој верува во институциите.

На новинарско прашање дали ресорниот министер треба да поднесе оставка поради трагедијата што се случи, тој рече дека прво треба да се утврди што се случило, а потоа да се зборува за одговорност на луѓето.

Тој рече дека истрагата била спроведена во текот на денот на 2 ноември, а потоа е започнато вештачењето.

Во руски напад оштетени згради во Киев, украински дронови соборени во Русија

Чад над Киев по напад со руски дрон, 2 ноември 2024 г.
Чад над Киев по напад со руски дрон, 2 ноември 2024 г.

Русија и Украина ги продолжија меѓусебните напади со беспилотни летала, потврдија официјални лица на 3 ноември.

Руски дронови синоќа оштетиле згради и далноводи во главниот град на Украина, Киев.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана објави дека Киев испратил речиси 20 беспилотни летала кон цели во јужна Русија, но тврди дека сите биле пресретнати и соборени.

Нападот доаѓа додека руските сили го забрзуваат напредувањето на бојното поле, потиснувајќи ја украинската одбрана во источниот регион Донбас.

Киев и околните области беа под тревога за воздушен напад во поголемиот дел од изминатата ноќ, а украинските власти соопштија дека нема повредени.

Руските власти не објавија информации за жртви и штети на теренот.

Молдавија гласа во втор круг од претседателските избори

Молдавците избираат помеѓу проевропската актуелна претседателка и ривалот кој е критикуван дека е поддржан од Москва.
Молдавците избираат помеѓу проевропската актуелна претседателка и ривалот кој е критикуван дека е поддржан од Москва.

Жителите на Молдавија денеска (3 ноември) гласаат во вториот круг од претседателските избори – избираат меѓу актуелната, проевропска претседателка и нејзиниот ривал кој се соочува со критики дека е пријател на Русија.

Во земјата која се наоѓа на раскрсницата поради политичката поделба помеѓу исток и запад, актуелната претседателка Маја Санду победи во првиот круг од изборите на 20 октомври со 42 отсто од гласовите.

Нејзиниот противкандидат, кој ја доби поддршката од проруската партија на социјалисти на Молдавија, поранешниот главен обвинител Александар Стојаногло тогаш освои 26 отсто од гласовите.

Изборите се одржуваат во атмосфера на обвинувања за руско мешање во претседателската трка и во референдумот за потенцијалната понатамошна интеграција на Молдавија во Европската унија, курс што го поддржуваат Санду и нејзините поддржувачи.

Референдумот за интеграција на Молдавија во ЕУ, одржан истовремено со првиот круг од претседателските избори, помина со мала разлика – 50,38 отсто беа за проевропската струја, и покрај тоа што таборот „не“ беше во водство на почетокот на броењето на гласовите.

Но, Санду набрзо излезе со тврдења дека „криминалните групи заедно со странските сили“ се обиделе да „купат 300.000 гласови“ што значително влијаеше на конечниот резултат за разлика од тоа што го покажуваа анкетите пред гласањето.

Анкетите, исто така, покажаа дека Санду лесно победи во првиот круг од претседателските избори, но социјалистичкиот предизвикувач Стојаногло изненади со подобар резултат од очекуваниот обезбедувајќи втор круг од гласањето.

Во вториот круг денеска Стојаногло би можел да добие дополнителна поддршка од националистичките и проруските групи што може да ги загрози надежите за реизбор на Санду.

Молдавскиот град каде што 95 проценти жители ѝ кажаа „не“ на ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:43 0:00

Молдавија има нешто повеќе од три милиони регистрирани гласачи, вклучувајќи ги и оние во дијаспората.

Педесет и двегодишната Санду дипломирала на Харвард и е поранешен вработен во Светска банка. Таа стана првата жена претседателка на Молдавија, со убедлива победа во 2020 година кога настапи со силна проевропска порака и ветување за борба против корупцијата.

Но, нејзината поддршка опадна поради пандемијата на коронавирус и уништената економија, како и зголемените тензии со Русија.

Како претседателка, Санду одигра клучна улога во обезбедувањето на кандидатурата на Молдавија за членство во ЕУ, што стана особено важно по руската инвазија на Украина започната неколку месеци претходно.

За време на нејзиниот претседателски мандат, Санда беше критикувана од про-Кремљ политичките партии кои ја обвинија дека го поттикнува конфликтот со Москва.

Стојаногло (57) беше главен обвинител на Молдавија помеѓу 2019 и 2021 година и неговата кампања беше посветена на законот и редот, иако беше критикуван за наводен неуспех да се справи со корупцијата на високо ниво.

Стојаногло остана на ставот дека не е политички определен и ги отфрли обвинувањата дека е „човек на Москва“. Неговата реакција на војната во Украина беше двосмислена, изјавувајќи дека има „негативен став“ за конфликтот, но директно не ја осуди Русија за инвазијата.

Молдавија е една од најсиромашните земји во Европа со значително руско малцинство и со сепаратистичкиот регион Придњестровје на левиот брег на реката Днестар, кој е поддржан од Москва.

Русија, која сè уште има околу 1.500 војници во молдавскиот сепаратистички регион Придњестровје, на 1 ноември соопшти дека го следи вториот круг од изборите, но негираше какво било мешање и покрај обвинувањата од Санду и Западот.

Исто така, молдавскиот Национален антикорупциски центар (ЦНА) на 1 ноември објави дека полицијата и обвинителството извршиле рација на неколку локации во земјата како дел од шест кривични истраги за изборна корупција.

Прелиминарните резултати се очекува да бидат објавени во 22 часот, а првите официјални резултати по полноќ.

Собир на граѓани во Нови Сад по трагедијата на железничката станица

Собир во Нови Сад ден по трагедијата на железничката станица.
Собир во Нови Сад ден по трагедијата на железничката станица.

Повеќе од илјада граѓани се собраа во Нови Сад ден по трагедијата во која загинаа 14 лица, а тројца беа повредени при уривање на настрешницата на зградата на Железничката станица.

Толпата народ ја блокираше раскрсницата кај железничката станица - граѓаните палеа свеќи, носеа играчки и цвеќиња.

Дел од нив држеа листови хартија со имињата на жртвите.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 2 ноември, еден ден по уривањето на настрешницата, соопшти дека најмалку 20 лица ќе бидат сослушани за да се утврдат „сите суштински елементи на кривичното дела и кривична одговорност“.

Според соопштението на Вишото обвинителство, меѓу другите, ќе бидат сослушани претставници од Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, надлежниот министер Горан Весиќ, претставници од Железници Србија и Заводот за заштита на спомениците на културата на градот Нови Сад, како и други лица.

Идентификувани се сите жртви меѓу кои и македонскиот државјанин Васко Саздовски, кој работел како научник во Нови Сад.

Спасувачките екипи во петокот во текот на целиот ден извлекуваа жртви од под урнатините. Зградата на главната железничка станица во Нови Сад беше отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.

Во Србија денеска е Ден на жалост, додека во Нови Сад е прогласена тридневна жалост. Знамињата на официјалните институции се спуштени на половина копје.

Што рекоа властите?

Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ за РТС изјави дека во тек е увид за утврдување на причините за падот на настрешницата.

„И ќе се утврди зошто настрешницата не била дел од планот за реконструкција и кој утврдил дека не е потребна за реконструкција“, изјави Весиќ на 2 ноември, ден по несреќата.

Според него, во проектот за реконструкција биле вклучени Сообраќајниот институт ЦИП, кој го реализирал проектот, Железничката инфраструктура на Србија, која е одговорна за станицата, и кинеските компании, кои биле изведувачи.

Несреќа на железничката станица во Нови Сад
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:05 0:00

Српската железница соопшти дека настрешницата што паднала „не била предмет на реконструкција како дел од работите на реновирање на зградата“ што било во рамки на градежниот проект за брзата пруга Нови Сад – Суботица.

Како што наведоа во соопштението, во рамки на реконструкцијата се работело на внатрешноста на станицата, покривот и фасадата над и под настрешницата.

Сепак, експерти велат дека дел од реконструкцијата била и настрешницата.

Градоначалникот на Нови Сад на 2 ноември за медиумите посочи дека „ресорното министерство соопштило оти настрешницата не е реконструирана“, и дека тој верува во институциите.

На новинарско прашање дали ресорниот министер треба да поднесе оставка поради трагедијата што се случи, тој рече дека прво треба да се утврди што се случило, а потоа да се зборува за одговорност на луѓето.

Тој рече дека истрагата била спроведена во текот на денот на 2 ноември, а потоа е започнато вештачењето.

Македонскиот научник Васко Саздовски е меѓу загинатите во Нови Сад

Васко Саздовски, македонски научник кој загина во несреќата на железничката станица во Нови Сад.
Васко Саздовски, македонски научник кој загина во несреќата на железничката станица во Нови Сад.

Државјанинот на Северна Македонија кој е меѓу 14-те загинати во несреќата на железничката станица во Нови Сад, е научникот Васко Саздовски, роден 1979 година.

Пред нешто повеќе од една година, Саздовски почнал да работи во Институтот „Биосенс“ каде се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството. Бил ангажиран во центарот за сензорски технологии.

Како што раскажуваат неговите колеги, пренесуваат српските медиуми, тој речиси секој викенд патувал за Северна Македонија каде живеат неговата сопруга и двете деца. Да го посети семејството тргнал и на кобниот 1 ноември.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека се во комуникација со српските власти и ќе му помогнат на семејството.

Во Нови Сад е прогласена тридневна жалост, а во цела Србија, денеска, 2 ноември, е Ден на жалост. Ден на жалост прогласи и Република Српска, како и Црна Гора.

Амбасадата на Република Србија во Скопје соопшти дека во нејзините простории е отворена Книга на жалост, а македонските граѓани може да го изразат своето сочувство од денеска до 4 ноември, од 12 до 18 часот. Меѓу првите во Книгата на жалост се запиша и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.

„Моите мисли и молитви се со семејствата и блиските на оние кои трагично го загубија животот, меѓу кои и еден Македонец. Во знак на почит и солидарност, утрово остварив телефонски разговор со српскиот претседател, господинот Александар Вучиќ, кому му го изразив моето длабоко сочувство и поддршка во овие моменти на голема тага“, напиша Сиљановска-Давкова на социјалните мрежи.

Сочувство по трагедијата во Нови Сад изрази и останатиот државен и политички врв во Северна Македонија.

За несреќата е започната истрага, а Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека денеска ќе бидат сослушани најмалку 20 лица инволвирани во проектот за реконструкција на железничката страница.

Реконструкцијата на железничката станица траеше околу три години, а беше пуштена во употреба во јули годинава. Српскиот претседател Алекснадар Вучиќ изјави дека некој ќе треба да објасни зошто во целиот проект, не е реконструирана и настрешницата која се сруши, а побара и политичка и кривична одговорност.

Одговорност од властите побара и дел од опозицијата во Србија.

Власта очекува автопатот Прилеп-Битола да биде готов во 2027 година

Премиерот Мицкоски и министерот Николоски на увид во работата на автопатите што во Северна Македонија ги градат „Бехтел и Енка“.
Премиерот Мицкоски и министерот Николоски на увид во работата на автопатите што во Северна Македонија ги градат „Бехтел и Енка“.

Власта во Северна Македонија очекува автопатот Прилеп-Битола да биде готов за три години односно во 2027. Оваа делница е дел од коридорот 10Д, а ја гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски, како и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер денеска правеа увид на терен.

Автопатот Прилеп-Битола треба да биде долг 40 километри, а во моментов, според она што беше соопштено, фронт на работа се шест километри.

Од околу 1.300 парцели, експропријација е направена на 850. На терен досега се пронајдени околу 19.500 експлозивни материјали кои се отстрануваат со помош на Армијата. Досега се извадени околу 200.

„Ние сега сме еден чекор пред ’Бехтел и Енка‘. Ако претходно чекаа зашто не беше извршена експропријацијата, ако чекаа бидејќи не беше решено деминирањето, сега тоа е решено и нема да плаќаме толку пенали, туку, напротив, ’Бехтел и Енка‘ треба да не следи нас“, изјави директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.

Министерот Николоски рече дека со автопатското поврзување од Скопје до Прилеп ќе се патува за 1 час и 15 минути, а час и половина до Битола.

„Овој автопат води до два големи центри во Македонија, до Прилеп и до Битола, а тука води и до границата со Грција, до нашиот втор граничен премин со Грција, што значи целосно отворање и за туризмот и за економијата“, рече Николоски.

„Бехтел и Енка“ треба да го изградат и коридорот 8 – од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан.

Договорот со американско-турскиот конзорциум беше потпишан во време на минатата власт предводена од СДСМ и ДУИ кога ВМРО-ДПМНЕ како опозиција обвинуваше за „историски криминал“.

„Граѓаните секојдневно гледаат како Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги промовираат и се фалат со проектите на СДСМ за коридорите кои ги напаѓаа и велеа дека се криминални и штетни. Од историски криминал, коридорите на Бехтел и Енка станаа историски значајни проекти, слепите тунели кон Бугарија наеднаш прогледаа, а наводните криминални зделки сега се добри за ВМРО-ДПМНЕ“, реагираа денеска од СДСМ.

Собранието во јули 2021 донесе Закон за стратешко партнерство со „Бехтел и Енка“ за градба на автопатиштата, а целиот проект од самиот старт го следат контроверзии. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзуваше со скандали со фирмите кои беа избрани за надзорот. Случај отвори и обвинителството.

Инаку, проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д, како што наведува компанијата „Енка“ на својата веб-страница, вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт итн.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG