Достапни линкови

Навлегува ли Македонија во националистички занес преку експлоатирањето на античкото минато?


Ќе се заокружи ли кампањата за промоција на македонското античко минато која што изминатиов период ја води власта со најавената изградба на монументален споменик и фонтана на Александар Македонски во Скопје? Кампањата започна најпрво со преименувањето на скопскиот аеродром во Александар Велики, најсвежо по името на овој антички херој е именуван и Коридорот 10, а Градскиот стадион го доби името на неговиот татко Филип Втори, претходно пред владата беа поставени статуи од овој период од историјата, а потенцирањето на нашето античко минато беше надополнето со повеќемесечна медиумска кампањата во која преку ликовите на Филип Втори и Алексанар Македонски на граѓаните им се порачуваше ,,Ти си Македонија“. Освен ова големи реакции предизвика и т.н. молитва во името на сите македонци емитувана на државната телевизија. Навлегува ли Македонија во националистички занес? Почна да дебатира јавноста по овие рекламни кампањи. Во владата избегнуваат одговор за тоа колку чини маркетиншката кампања, или колку пари ќе бидат издвоени за серијата споменици мегу кои оној на Александар Македонски на скопскиот плоштад. Но, затоа за целта на кампањите со антички елементи велат дека претставуваат начин за јакнење на патриотизмот и промоција на македонскиот идентитет, без никаква намера за некаква провокација кон нашиот јужен сосед:

„Апсолутно нити била намерата, ниту ние го сваќаме ова како влада како провокација кон грчката страна. Се знае дека грчката страна уште од 90-тите години па досега со секој употребен збор од историјата на Античка Македонија, тие тоа го квалификуваат како провокација. Но, ние тоа го разбираме како изразување на идентитетот на еден народ и како знак на државноста на Република Македонија.“

Изјавува владиниот портпарол Шефик Дураки. Наспроти, ваквиот став на македонската влада, меѓународната заедница веќе јасно упати барање ,,Скопје да престане со провокациите кон јужниот сосед“ во текот на напорите за решавање на спорот со името. Ова имено беше една од забелешките во последниот извештај на Меѓународната кризна група посветен на спорот со името меѓу Македонија и Грција.... а да не му се попречува на процесот на преговори со вакви чекори - од нас бара и Европската Унија:

„Во сите преговори од клучна важност е да се создаде најдобрата можна клима, тоа подразбира дека треба да се избегнат сите дејствија кои што можат да бидат погрешно протолкувани. Треба да се фокусирате на преговорите што се водат под медијаторство на г-динот Метју Нимиц и тоа треба да биде врвен приоритет за владата.“

изјави неодамна евроамбасадорот во земјава Ерван Фуере. Загриженост од актулената политика на владата на славење на античката историја, со што се нанесува штета на процесот на преговори за името, изразува и опозицијата. Сметаат дека со ваквите постапки непотребно го зголемуваме списокот на забелешки од меѓународната заедници и велат станува јасно дека власта нема концепт за решавање на овој за нас суштествен проблем:

„Клучните амбасадори во земјата, кажуваат дека практично не постојат преговори, односно има, ама како да ги нема.“

„Значи со преименувањето на Аеродромот, со сите скулптури ставени пред Владата станува збор за еден концепт на додворување пред граѓаните, повикување на античките корени, но јас и тогаш кажав, а денеска сум уште посигурен во тоа дека цената за тоа ја плаќаме ние самите.“


Изјавуваат Андреј Петров од СДСМ и Андреј Жерновски од Либерално демократската партија. На, овие забелешки во владата со одговор, Македонија не е таа која што провоцира или негира национален идентититет, а во процесот на преговори остануваме целосно инволвирани, одговараат од владата на сомнежите околу нејзината вистинска посветеност во преговорите за изнаоѓање решение за спорот со името:

„Ние стоиме на нашето, ние си водиме наша политика така да останува некоја трета страна да оцени дали сме ние тие што провоцираме, или грчката страна.“

Потенцира портпаролот на владата Дураки.
Античкиот феномен кој што завладеаа во земјава ја разбранува и историската стручна јавност. Професорот Тодор Чепреганов од Националниот институт за историја објаснува дека не смееме да бараме ексклузивитет во само еден дел од нашата историја:

„Затоа што познато е дека Македонија е територија низ која минувале многу цивилизации, така што мислам да се бара екслклузивитет на античкото потекло не е во ред. Мислам во идентитетот сигурно дека го има античкиот елемент, меѓутоа никако не смее да се исклучи и словенскиот. Словенскиот елемент е тој што ја определи културата на овие простори, но и пошироко.“

Актуелното експлоатирање на античките елементи во македонското потекло, професор Чепреганов пак го гледа во тоа што можеби тоа бил потиснуван во минатото, но и како обид да се докаже дека право на античката историја не полагаат само грците:

„Во периодот од 1945 до 90 година, за тој период од атниката воопшто не се зборуваше, меѓутоа јас мислам дека овде пред се се работи за разбивање на оној ексклузивитет што кон античката историја сака да го преземе Грција.“

Објаснува професор Чепреганов.
Во мегувреме, предупредувањата на експертите се во насока на внимателност, земјата да не се воведе во националистичка хистерија. Оттаму професор Биљана Ванковска смета дека власта води ,,ризична политика“ внесувајќи ја земјата во еден маѓепсан круг од кој потоа тешко се излегува. Целта на ваквиот проект кој што владата го објаснува со потребата за јакнење на патритизмот и македонскиот идентитет, според Ванковска е насочен пред се за внатрешна употреба за задржување на високиот рејтинг, а притоа успешно го одлекува вниманието на јавноста од реалните проблеми – лошата економија и евро-атлантскиот неуспех:

„Ми се чини дека подеднакво како што одредени владеачки гарнитури го користеа адутот на НАТО и ЕУ како облик за надминување на грдата реалност, оваа влада напротив прави една друга ,,акробатика“ во тоа што наместо очигледно соочена со немањето на објективни можности да се интегрира земјата наскоро во евроатлантските структури, таа прави чекор назад. Таа го врти фокусот на јавноста кон минатото, кон јакнење на некаков свој идентитет, гордост и сето тоа е бегање од стварноста.“

Но, додава Ванковска по кој знае кој пат се покажува дека Македонија како и секогаш досега доцни во се. Треба да учиме на грешките од соседите, кои ваквите болести веќе ги надминаат, плаќајки висока цена:

,,Кој го одболедуваа и хрватите и србите, ние на еден многу патетичен начин во 21 век, во време кога имаме одредени аргументи во рака, дека сме етаблирани како држава, значи тогаш кога не постои реална опасност за идентитетот и државноста, ние го проблематизираме тој однос. Меѓутоа ние секогаш во регионот доцниме во се, вклучувајќи го и воениот конфликт, и овие вакви националистички приказни, тоа се работи кои што другите држави не само што ги поминаа, туку платија висока цена за нив.“

Најголем проблем во целата политика се напорите за изнаоѓање решение во спорот со името. Имено, она што внатре се покажува за успешно, може да е погубно за надворешната политика на земјата, е мислењето на професорот Денко Малески. Грција веднаш по преименувањето на скопскиот аеродром во Александар Велки потегот го оцени како непријателски аспирации на Македонија посебно во светло на проблемот околу името. Професор Малески вели дека официјалниата политика на земјава не води кон изнаоѓање на компромис:

„Македонската надворешна политка е тргната во една поинаква насока, во моментов она што го гледаме е конфронтација на два национализми, грчкиот од една страна и овој македонскиот кој што се екипира, настапува во опозиција на овој жешток притисок. Според тоа немаме тука движење на политика кон компромис, од причина што за таков компромис е потребен поинаков однос кон историјата, а не одење кон митологија туку една реална проценка на историската позиција на Македонија.“

Смета професор Малески.
XS
SM
MD
LG