Достапни линкови

Спектакуларен концерт во Вашингтон


Со синоќешниот спектакуларен концерт во Вашингтон почнаа свеченостите за утрешната инаугурација на Барак Обама за четириесет и четврти претседател на Соединетите држави. Во обраќањето пред присутните половина милион луѓе Обама изјави дека ќе бидат потребни повеќе години за совладување на тешкотиите со кои се соочува земјата.

Концертот пред Линколн центарот во Вашингтон на кој учествуваа многу славни американски пејачи и артисти, кулминираше кога на сцената се појавија избраниот претседател Барак Обама и идниот потпретседател Џозеф Бајден со нивните семејства.

„Во текот на нашата историја, само од мал број генерации беше побарано да се спротивстават на предизвици толку сериозни како овие со кои се соочуваме сега. Нашата земја е во војна. Нашата економија е во криза.“

Изјави избраниот претседател Барак Обама кој од собирот во Вашингтон ги повика американците на нов дух на национално жртвување:

„Не би сакал да се преправам дека ќе биде лесно соочувањето со кој и да е од овие предизвици. Ќе треба повеќе од еден месец или една година. Можеби ќе требаат повеќе години. Ќе има неуспеси и погрешни почетоци, како и денови кога ќе се тестира нашата решеност како држава. Но, и покрај тоа јас имам надеж, како и секогаш, дека Соединетите држави ќе истраат и ќе го одржиме сонот на нашите основачи и во ова наше време.“

изјави Барак Обама, додавајќи дека како претседател секојдневно ќе се водел од гласовите на американците кои, како што рече, и покрај различните приказни имаат заеднички надежи.

„Тоа е истата работа која ми даде надеж од денот кога ја почнав оваа кампања за претседател пред две години. Верувањето дека ако би можеле да се прифатиме еден со друг и да се приближиме, демократи, републиканци, независни, азијци, латино американци, црни, бели, тогаш не само што ќе ја обновиме надежта, туку може и да ја усовршиме нашата нација.“

Првиот американски претседател од афроамериканско потекло Барак Обама официјално ќе ја преземе функцијата утре. На церемонијата во Вашингтон се очекува да бидат присутни од милион до два милиона луѓе.
XS
SM
MD
LG