Достапни линкови

Меѓу репрезентацијата свесност за недостатоците, но и верување дека ќе се остварат добри резултати


Љубителите на спортот ги бројат последните часови до стартот на првиот голем спортски настан за нас годинава. Во петок во Хрватска започнува машкото ракометно светско првенство, на кое се враќаме по 10 години, од премиерниот настап во Египет, каде го освоивме 18-тото место. Овој пат, потајно се надеваме дека можеме да бидеме меѓу првите 12, за што во групата во Вараждин треба да сме минимум трети покрај светскиот шампион Германија, вицешампионот Полска, вечниот фаворит Русија, како и Алжир и Тунис. Силна конкуренција, но и противници со кои веруваме можеме да се носиме, особено по триумфот на двата турнира годинава, со 4 победи и едно реми. Сепак:

„Имаме многу т.н. ,,црни дупки“ во играта кои што ќе треба да ги исправиме додека да тргнеме во Вараждин. Сепак не треба да не задоволуваат овие победи, секогаш може подобро и колку повеќе успееме да се надоградиме и да ги исправиме овие грешки, толку поуспешни ќе бидеме на ова Светско првенство.“

Предупредува нашиот најдобар ракометар, капитенот Кире Лазаров.
Според него, подготвителните резултати, а особено бараж елиминацијата на олимпискиот вицешампион Исланд се доказ дека имаме сили за големи дострели. Но, не треба да се занемари фактот дека цела деценија не сме дел од врвните натпреварувања, затоа:

„Треба да бидеме реални да отидеме максимално подготвени и да дадеме се од себе. Е сега тоа, дали тоа ќе биде доволно за една, две, четири, или повеќе победи или порази ќе покаже самото првенство.“

Додава Лазаров. Тој, сепак, е убеден во подобар пласман од оној во Египет. Исто како и голманот Борко Ристовски, според кого најзначен ќе е првиот меч, в сабота против Тунис.

„Да не прогнозирам предвреме, но сигурен сум дека ќе биде подобар од тој пред десет години. Значи ние на почетокот одиме и бараме една победа против Тунис, која според мене е најбитна на ова Светско првенство и доколку оствариме победа, сигурно ќе имаме повеќе шанса за пласман во вториот круг.“

Изјави Ристовски, еден од многуте адути за уште поголем оптимизам кај македонските љубители на ракометот:

„Сигурно ќе влезат во полуфинале. Македонија има добри играчи и мислам дека ќе победиме.“

„Немам информации кои се нашите реални можности, но во секој случај им посакувам се најдобро.“

„Подобри сме од Алжир и Тунис, а може да направиме некако изненадување и со Полска или пак зошто да не и со Германија. Имаме добри играчи и мислам дека имаме реални шанси за влез меѓу првите 12, а понатаму што ќе биде ќе видиме.“
XS
SM
MD
LG