Достапни линкови

Во ДИК велат дека најважна ќе биде правната основа


Претседателите на најголемите политички партии, на покана на премиерот Груевски утре на нова лидерска средба за претстојните локални избори. Во фокусот на разговорите како што веќе е најавено во поканата од премиерот ќе биде можноста за воведување на пилот проект за електронско гласање на претстојните општински избори во земјава, препорака како што стои во поканата од Груевски на која укажале претставници на мегународната заедница. Лидерот на СДСМ Зоран Заев го потврдува учеството на утрешната лидерска средба, но вели за можноста за гласање по електронски пат од власта ќе бараат попрецизни детали:

„Многу важни ни се деталите во врска со ова прашање, бидејќи сериозноста и важноста на изборите кои што претстојат се главниот предизвик за сите нас како политичари во државата, посебно во спроведувањето на фер и демократски избори.“

Вели Заев. Во опозиционата партија од албанскиот блок, ДПА засега молк околу евентуланото учество на утрешната лидерска средба. Присуството пак не е спорно за ДУИ, лидерот Али Ахмети ќе биде присутен, но за темата за која е најавено дека ќе се зборува односно електронското гласање, велат дека најбитно им е кои граѓани, кои општини ќе бидат опфатени и воопшто дали ќе има услови за тоа:

„Секако прво ќе треба да ги разгледаме сите околности, дали има услови или не, па потоа ќе треба да изградиме став како партија.“

Изјавува потрпретседателот на ДУИ Рафиз Алити. Во Државната изборна комисија како што не информираа во изминатиот период постојат одредени подготовки во врска со спроведувањето на гласање на изборите по електронски пат. Имено компаниите Хјулит Пакард и шпанската фирма Скај Тел веќе имаат понудено целосен проект за воведување на електронското гласање во Македонија, односно гласачки машини, софтвер и друга неопходна опрема, но најбитна ќе биде правната регулатива велат во ДИК:

„Според нивното барање овој пилот проект би се одвивал во неколку општини, при што од една општина резултатите би требало да бидат официјални. Меѓутоа за да се спроведе сето тоа е неопходно да има правна основа, што во моментов сеуште недостасува и постојат уште неколку дилеми како што е доверба во софтверот, ја споменав правната основа и заштитата на личните податоци на граѓаните кои би гласале по електронски пат.“

Изјавува портпаролот на ДИК Зоран Таневски. Во светот веќе е познат ваков вид на гласање кој вклучува неколку типа, односно гласање преку гласачка машина, интернет или мобилен телефон.
XS
SM
MD
LG