Вести
Газа: Продолжија нападите на израелската авијација врз појасот Газа
види ги сите денешни вести
Напредок во преговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас
Американските и арапските посредници постигнаа значителен напредок во посредувањето за прекин на огнот во војната меѓу Израел и палестинската група Хамас и ослободувањето на десетици заложници кои се уште се држат во Појасот Газа, но конечниот договор сè уште не е постигнат, изјавија денеска (13 јануари) официјални лица.
Хамас е прогласена за терористичка организација од страна на САД и ЕУ.
Според тројца функционери, наредните денови ќе бидат клучни за ставање крај на борбите кои траат повеќе од 15 месеци и го дестабилизираа целиот Блиски Исток.
Како што пренесуваат агенциите, во текот на ноќта е постигнат напредок во преговорите и изготвен е нацрт-договор, а преговарачите на Израел и Хамас ќе им го вратат на нивните лидери за конечно одобрување.
Според официјалните претставници, катарските посредници извршиле нов притисок врз Хамас да го прифати договорот, додека пратеникот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, извршил притисок врз Израелците.
Виткоф неодамна се приклучи на преговорите и престојува неколку дена во регионот.
Посредниците во преговорите доставија нацрт-договор до секоја страна, а се наведува дека клучни ќе бидат следните 24 часа.
Сега се разговара за фазен прекин на огнот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху постојано сигнализираше дека е посветен само на првата фаза, делумно ослободување на заложниците во замена за еднонеделен прекин на борбите. По почетокот на првата фаза би се преговарало за можноста за траен прекин на огнот и други прашања. Хамас побара целосно повлекување и целосен прекин на војната.
Египетски функционер рече дека е постигнат добар напредок во текот на ноќта, но дека најверојатно ќе бидат потребни уште неколку дена и дека страните сакаат да постигнат договор пред инаугурацијата на Трамп на 20 јануари. Друг функционер рече дека разговорите поминале добро, но не биле завршени.
Официјален претставник на Хамас, сепак, рече дека голем број спорни прашања допрва треба да се решат, вклучително и посветеноста на Израел да стави крај на војната и деталите за повлекувањето на израелските трупи и размената на заложници и заробеници.
Администрацијата на Бајден, заедно со Египет и Катар, помина повеќе од една година обидувајќи се да постигне договор за ставање крај на војната меѓу Израелците и Палестинците и да обезбеди ослободување на десетици заложници заробени во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Русија соборила 9 украински дронови што се обиделе да го нападнат гасоводот „Турски тек“
Русија денеска (13 јануари) соопшти дека соборила девет украински беспилотни летала што се обиделе да нападнат дел од инфраструктурата на гасоводот „Турски тек“, преку кој рускиот гас тече кон Турција и Европа, пренесува агенцијата АФП.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот бил насочен кон компресорска станица во јужна руска област Краснодар, но објектот работи нормално и нема жртви.
Засега не може да се потврди точноста на информацијата од независни извори, а и Украина засега не даде коментар.
„Турски тек“ и Син тек“, гасоводите што одат по дното на Црното Море и ги поврзуваат Русија и Турција, се последните рути за испорака на руски гас во Европа, откако Украина претходно оваа година одби да го обнови договорот за транзит на гас, што и овозможи на Русија да продолжи транзитирање гас низ нејзината територија и покрај војната.
Во соопштението на руското министерство се наведува дека остатоците од едно од беспилотните летала предизвикале мала штета на зградата и опремата на мерната станица на компресорската станица, но тимовите за итни случаи брзо ги отстраниле.
Трасата на гасоводот започнува од компресорската станица „Рускаја“ во близина на градот Анапа, поминува низ Кајакој, во Турција и продолжува кон Европа. Компресорските станици долж трасата го стабилизираат притисокот и го контролираат протокот во цевководот.
Италија ослободи Иранец баран од САД поради наводна вмешаност во напад со дрон
Техеран потврди дека ирански државјанин се вратил дома откако бил ослободен од Италија, и покрај барањето на Вашингтон за негова екстрадиција во Соединетите Држави поради неговата наводна вмешаност во смртоноснен напад со беспилотно летало во Јордан.
Италија го ослободи 38-годишниот Мохамад Абедини на 12 јануари, четири дена откако Техеран ја ослободи 29-годишната италијанска новинарка и водител на поткаст Сесилија Сала, иако ниту една страна не спомна размена на затвореници.
Откако беше објавено дека Абедини е ослободен рано утринава од Италија, иранското Министерство за надворешни работи и правда соопшти дека тој пристигнал во Иран.
Абедини, иранско-швајцарски бизнисмен, беше уапсен во Италија во декември на барање на САД.
Вашингтон го обвини Абедини дека испорачува софистицирана технологија за беспилотни летала на иранската војска, со што ги прекршува американските санкции. Тој е исто така обвинет и за наводна вмешаност во напад со беспилотно летало во јануари 2024 година врз американската база во Јордан, во кој загинаа тројца војници.
Американското Министерство за правда соопшти дека Абедини е основач и директор на иранска компанија „која произведува навигациски модули кои се користат во програмата за воени беспилотни летала“ на иранската Револуционерна гарда.
Иранското Министерство за надворешни работи тврди дека апсењето на Абедини било „недоразбирање“ кое било решено во разговорите меѓу иранските и италијанските разузнавачки служби.
Италијанскиот весник „Кориере дела сера“ објави дека Абедини бил ослободен од затворот во Милано со одлука на Апелациониот суд врз основа на пресудата на министерот за правда Карло Нордио.
Италијанското Министерство за правда соопшти дека според договорот на земјата со Вашингтон, екстрадицијата може да се изврши само доколку наводното кривично дело е казниво според законите на двете земји.
„Првиот прекршок што му се припишува на ирански државјанин, „злосторничко здружување за кршење на IEEPA“, (е) не се казнува според италијанскиот казнен систем“, се вели во извештајот, повикувајќи се на Законот за меѓународни итни економски овластувања, американски закон кој му дава на претседателот широки овластувања во итни ситуации.
Иранскиот државјанин беше обвинет од Вашингтон и за „злосторничко здружување за давање материјална поддршка на терористичка организација што резултира со смрт“ и за давање „материјална поддршка на странска терористичка организација што резултира со смрт“.
Сепак, италијанското Министерство за правда соопшти дека не биле понудени докази како „основа за изнесените обвиненија“.
Вашингтон не го коментираше ослободувањето на Абедини.
Сала, која беше уапсена од полицијата во Техеран на 19 декември поради нејзините „новинарски активности“, беше ослободена на 8 јануари и се врати дома.
Зеленски подготвен на размена на заробените севернокорејски војници за украински
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев е подготвен да ги предаде севернокорејските војници на нивниот лидер Ким Џонг Ун, доколку тој може да обезбеди нивна размена за украинските војници заробени во Русија.
„Покрај првите заробени војници од Северна Кореја, сигурно ќе ги има повеќе. Прашање на време е кога нашите војници ќе успеат да заробат и други“, напиша Зеленски на платформата X.
Зеленски во саботата (11 јануари) соопшти дека Украина заробила двајца севернокорејски војници во рускиот регион Курск.
Според украинските и западните проценки, околу 11 000 војници од Северна Кореја се во регионот Курск за да им помогнат на руските сили. Русија ниту го потврди ниту го демантираше нивното присуство.
Зеленски наведува дека руските и севернокорејските сили претрпеле големи загуби.
„Украина е подготвена да му ги предаде војниците на Ким Џонг Ун доколку тој може да организира нивна размена со нашите воини заробени во Русија“, напиша Зеленски.
Зеленски рече дека може да има други опции за севернокорејските војници кои не сакаат да се вратат дома „и дека на оние кои изразуваат желба да го доближат мирот со ширење на вистината за оваа војна на корејски јазик ќе им биде дадена таа опција“.
Расте бројот на загинати во пожарите во Лос Анџелес, најмалку 24 мртви
Најмалку 24 луѓе загинаа во големите шумски пожари кои продолжуваат да ја пустошат областа Лос Анџелес во американската сојузна држава Калифорнија, соопштија градските медицински власти.
Шеснаесет од жртвите се поврзани со пожарот Итон во близина на Пасадена, а осум други со пожарот Палисејдс во областа Пацифик Палисејдс.
Од вторникот има неколку големи пожари во регионот, но овие два се најтешки, пренесува ДПА.
Локалните власти стравуваат дека бројот на загинати може да продолжи да расте, бидејќи може да поминат неколку дена пред службите за итни случаи безбедно да пристапат до сите области погодени од пожарите.
Пожарникарите се подготвуваат за налети на ветар кои ќе се појават повторно во наредните денови, што го влошува она што властите велат дека може да биде една од најлошите природни катастрофи во историјата на САД.
Американската метеоролошка служба прогнозираше брзина на ветер до 110 километри на час за недела, што, во комбинација со сувата вегетација, придонесува за брзо и непредвидливо ширење и на постоечките и на новите пожари. Одделот за шумарство и противпожарна заштита во Калифорнија предупреди на „критично време од пожари“ до среда.
„Загрозувачки по живот ветрови и опасно ниска влажност се предвидуваат за поголемиот дел од Јужна Калифорнија, од Вентура до Сан Диего, создавајќи значителен ризик од брзо ширење на пожарите, соопшти одделот на платформата X.
Властите предупредија дека ветрот ќе ја зголеми активноста на пожарите и ги повикаа луѓето да избегнуваат косење тревници и паркирање на возилата на сува трева и да се осигураат дека сите логорски огнови се изгаснати.
Одделот за шумарство и противпожарна заштита во Калифорнија соопшти дека околу 12300 згради се уништени или оштетени. Од вторникот, изгореа речиси 163 квадратни километри земја, што е простор речиси со големина на Вашингтон.
Убедлива победа на Милановиќ за втор мандат
Актуелниот претседател на Хрватска и кандидат на СДП и нејзините партнери Зоран Милановиќ победи на претседателските избори. Ова го покажаа првите нецелосни резултати од вториот круг на претседателските избори што ги објави Хрватската Државна изборна комисија (ДИП).
Според привремените резултати на ДИП, Милановиќ освоил 74,68 отсто од гласовите, а кандидатот и партнер на ХДЗ Драган Приморац освоил 25,32 отсто од гласовите откако биле обработени 99,70 отсто од избирачките места.
Според привремените изборни резултати, Милановиќ добил 1.120.832 гласа, а Приморац 380.038 гласа.
Во победничкиот говор по освојувањето на вториот мандат на претседателските избори, Милановиќ рече дека вечерашната победа ја гледа како признание за неговата работа, но и како порака до извршната власт и порача на власта да ја слушне.
Накратко се огласи и на Фејсбук: „Ви благодарам“, рече тој.
Премиерот и претседател на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, во неделата навечер изјави дека ги забележале резултатите од изборите и му честитале на нивниот кандидат Драган Приморац, за кого повторил дека е одличен кандидат и дека за време на кампањата добивал удари од лево и од десно.
Тој рече дека од утре ќе продолжат да работат за Хрватска бидејќи Владата има три и пол години мандат и многу предизвици.
Тој посочи дека 99 отсто од овластувањата во Хрватска се во доменот на Владата, а еден отсто во домен на претседателот на Републиката.
Според податоците на ДИП, на осмите претседателски избори во Хрватска до 16 часот и 30 минути гласале 34,77 отсто од граѓаните, додека во првиот круг одржан на 29 декември гласале 36,09 отсто од граѓаните.
Право на глас на претседателските избори во Хрватска имаат 3,7 милиони граѓани. Во првиот круг гласале вкупно 1.625.458 гласачи, што е 46,03 отсто од вкупниот број запишани избирачи.
Гласањето се одржа на 12-ти јануари на повеќе од 6.500 избирачки места во Хрватска.
Актуелниот претседател Зоран Милановиќ од Социјалдемократската партија (СДП) влезе во вториот круг со 49,1 отсто од гласовите, а Драган Приморац, од владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) со поддршка на Движењето Татковина и неколку помали партии, со 19,35 отсто.
Клучниот советник на Трамп бара нов притисок врз Иран
Специјалниот пратеник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Русија и Украина за време на настан на иранската опозиција во Париз, повика на враќање на „максимален притисок“ врз Техеран за да се изврши притисок да дозволи поголема демократија и да ја прекине поддршката за екстремистичките елементи во Блискиот Исток.
„Овие притисоци не се само кинетички, само не се воена сила, туку тие мора да бидат и економски и дипломатски“, рече Кит Келог, пензиониран генерал-полковник на 11 јануари пред присутните на собирот на Националниот совет за отпор на Иран ( NCRI) – која Техеран ја смета за терористичка група.
Трамп вети дека ќе се врати на политиката за „максимален притисок“ што ја водеше за време на неговиот претходен мандат, со цел да ја попречи иранската економија доволно за да ја принуди земјата да преговара за нејзините нуклеарни и балистички ракетни програми и да ги ограничи регионалните активности.
Трамп во 2018 година го повлече Вашингтон од историскиот нуклеарен договор потпишан со светските сили, со што повторно беа воведени осакатувачки санкции кон Иран. Трамп рече дека условите не се доволно строги за да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје.
Во Париз, Келог рече дека сега има можности „да се промени Иран на подобро“, но дека „мора да ја искористиме слабоста што сега ја гледаме. Надежта е таму, исто така мора да биде и акцијата“, рече тој.
Веднаш не беше јасно дали патувањето на Келог и изјавите за политиката кон Иран биле директно синхронизирани со Трамп.
Трамп на 27 ноември го избра Келог, кој долго време служеше како врвен советник за одбранбени прашања, како негов специјален пратеник за Украина и Русија.
На почетокот на овој месец, Келог го одложи патувањето што се очекуваше да го направи во Киев и другите европски метрополи до преземањето на функцијата на Трамп на 20 јануари.
Во меѓувреме, Хусеин Салами, командант на иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ), на 11 јануари ја предупреди администрацијата што доаѓа дека стратешките погрешни пресметки може да доведат до вооружен конфликт.
Тој додаде дека војската на Техеран не е толку слаба како што некои веруваат.
„Знаеме дека таквите мислења се соништа на непријателот, а не реалност на теренот“, рече тој, според државната новинска агенција ИРНА.
„Бидете внимателни, не правете стратешки грешки или погрешни пресметки“, рече тој, без директно да го спомене Трамп.
Администрацијата на Трамп во 2019 година официјално ја назначи ИРГЦ за странска терористичка организација.
Шест лица спасени од снежна блокада во село Рајчани
Пет малолетни лица и едно возрасно лице беа извлечени од снежна блокада во село Рајчани, Општина Кочани, поради обилните снежни врнежи.
Информацијата била пријавена во Центарот за управување со кризи (ЦУК) преку бројот за итни случаи 112 во 09:53 часот.
ЦУК преку Секторот за операции и координација веднаш ги информирал СВР Штип, Полициската станица Кочани, лицето за контакт од Општина Кочани и градоначалникот на општината за да се организира спасувањето, се вели во соопштението.
Во 11:50 часот лицата биле извлечени со теренско возило обезбедено од член на Доброволната планинска спасувачка служба „Осогово“ од Кочани.
Сите лица се безбедно извлечени и предадени на нивните родители, информираа од ЦУК.
Во Белград 15 минутен молк за 15 загинати во Нови Сад
На 12 јануари, дел од студентите на Правниот, Електротехничкиот, Архитектонскиот, Машинскиот, Градежниот, Технолошко-металуршкиот факултет и граѓаните одржаа 15-минутно молчење во центарот на Белград, во чест на загинатите во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Митингот на раскрсницата на улиците Белградска и Кралот Александар помина без инциденти.
Со акцијата наречена „Запри, Србија“, граѓаните на улиците низ Србија секојдневно им оддаваат почит на загинатите на 1 ноември во Нови Сад. Комеморацијата започнува во 11:52 часот, времето кога се урна настрешницата и кога загинаа 15 луѓе, а симболично трае 15 минути во чест на 15-те жртви.
Студентите во Србија изминатиов месец и половина блокираа повеќе од 60 факултети, барајќи одговорност од властите за смртта на 15-те и тешките повреди на две лица во Нови Сад.
Студентите протестираат и бараат објавување на комплетната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, по што се урна настрешница.
Тие, исто така, бараат отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведени студенти и активисти за човекови права и итно гонење на цивилите кои тепале студенти и професори за време на протестите.
Центар за граѓански комуникации: Најмалку 3,5 милиони евра за чистење снег на патиштата
Досега се склучени договори вредни 3,5 милиони евра за справување со снегот и мразот на патиштата и улиците низ земјава, но оваа сума ќе се зголемува бидејќи уште 13 тендери се во тек. Ова го покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации за трошоците за зимско одржување, објавено денеска.
Истражувањето открива загрижувачки факти: Јавното претпријатие за одржување на патиштата сè уште нема склучено договор со фирма за зимско одржување, додека конкуренцијата на тендерите е речиси непостоечка. Просечниот број на понуди по тендер изнесува 1,4, а на 71 % од тендерите е доставена само една понуда.
Најголем тендер, вреден 1,3 милиони евра годишно, е за набавка на индустриска сол од страна на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.
Градот Скопје и уште 8 скопски општини заедно ќе потрошат повеќе од 1 милион евра за улиците низ главниот град, велат од Центарот за граѓански комуникации.
Најмногу пари ќе добие фирмата Лугос ЛЦ – 2,3 милиони евра за две години, за индустриска сол за патиштата, се наведува во соопштението.
Истражувањето ги вклучува договорите кои се објавени на Електронскиот систем за јавни набавки заклучно со 10 јануари 2025 година, наведува Центарот.
Во соопштението стои дека се склучени вкупно 49 поединечни договори, коишто, покрај изнајмување возила и работници за зимско одржување, вклучуваат и набавки на сол и ризла за патиштата. Вакви тендери имаат: Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, 38 општини, Градот Скопје и Електрани на Северна Македонија.
Кога станува збор за фирмите, најголем договор имала фирмата Лугос ЛЦ од Скопје, која со Јавното претпријатие за одржување и заштита на патиштата има склучено двегодишен договор за снабдување со индустриска сол за патиштата во вкупна вредност од 2 милиони и 300 илјади евра.
Втора е фирмата Нексос Инженеринг од Скопје со договорот од 1 милион и 55 илјади евра склучен со Градот Скопје за двегодишно ангажирање на специјални возила за зимско одржување на улиците.
Трета е фирмата Анизор Драшко од скопското село Шишево која има склучено договори за зимско одржување со пет скопски општини во вкупна вредност од 342 илјади евра.
Од општините, Битола ќе потроши околу 250 илјади евра за зимско одржување, додека Кичево, Центар, Гази Баба, Гостивар и Струга имаат тендери вредни меѓу 92 и 134 илјади евра.
Истражувањето истакнува дека на повеќето тендери недостига вистинска конкуренција.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете