Достапни линкови

Филип Рикер, амбасадор на САД во Македонија. Во 21 век историјата и идентитетот го гарантираат евро атлантските институции


Македонија не стана членка на НАТО и покрај американската поддршка. Амбасадоре каква е вашата оценка, можна ли е дестабилизација на Македонија ?

Како што имам кажано веќе многу пати, Соединетите Држави и јас лично, веруваме дека најдобрата можна иднина за Македонија е таа во НАТО и во ЕУ и верувам дека и лидерите и граѓаните на Македонија го мислат истото. Не би сакал да шпекулирам околу тоа што би можело да се случи кога земјата не би станала членка на НАТО и на ЕУ. Мислам дека повеќе има смисла акцентот да се стави врз решавање на разликите и на обезбедување на тоа членство. Поновата европска историја многу јасно покажува дека членството во НАТО значи безбедност и просперитет за новите членки. Во ова сум се уверил лично преку моето искуство во другите делови од Централна и Источна Европа. Не би имало зошто истото да не важи и за Македонија. Се надеваме дека оваа земја, Македонија ќе може да се придвижи напред кон полноправна евро-атлантска интеграција.

Спорот со Грција не може да се реши брзо. Тоа го изјави и американскиот државен секрeтар Рајс. Каде е проблемот - кај македонската или кај грчката влада?

Секретарот Рајс коментираше за нешто што е апсолутен факт, дека проблемот не се решава брзо. Имавме голема надеж, вклучувајќи го и нашиот претседател, дека проблемот може да се реши брзо по разочарувањето во Букурешт во април. За жал, тоа не се случи и искрено мислам дека и двете страни во спорот можат да направат повеќе. Ова е нешто што Грција и Македонија мораат да го решат. Во овој момент не гледам вистински преговори. Процесот на Нимиц и Обединетите Нации се тука веќе со години за да помогнат да се дојде до решение, но важно е да се знае дека г-динот Нимиц не го обезбедува решението. Тој, како посредник, им помага на Грција и на Македонија да најдат заеднички прифатливо решение. Мислам дека понекогаш фокусот овде повеќе се става на Грција, што таа сака, а не на Македонија и она што оваа земја треба да направи за да се тргне напред. Цврсто верувам и сум рекол повеќе пати досега дека вашата историја и идентитет заслужуваат почит, но исто така мислам дека многу е јасно, а за тоа има и многу примери во Европа, дека во 21-иот век, историјата и идентитетот ги гарантираат евро-атлантските институции.

Политиката на САД кон Македонија нема да се промени, изјавивте по победата на Обама. Што може да се очекува, поголемо инволвирање на Балканот или пак ставање во втор план на региoнов?

Мислам дека избраниот претседател Обама покажува дека со големите овластувања доаѓа и голема одговорност. Тој е многу свесен за тоа, а на 20-ти јануари ќе стане одговорен за огромен број предизвици со кои се соочуваат САД и нашите партнери во светот. Верувам дека Балканот ќе продолжи да претставува важен дел од нашата надворешна политика, бидејќи, како што знаете, политиката на САД повеќе од 60 години е Европа да биде цела, слободна и во мир. Таа Европа дефинитивнио го вклучува Балканот, заедно со Македонија. Гледаме дека сенаторката Клинтон е номинирана да биде следниот државен секретар, а таа добро го познава овој регион. Како што знаете, кога беше Прва дама таа беше во посета овде, таа ги знае важните прашања со кои земјите од регионов се соочуваат. Се разбира, новата администрација во исто време ќе се соочи со многу, многу предизвици. Тие веќе се ангажирани да спроведат беспрекорна транзиција на власта заедно со администрацијата на Буш, за да можеме да се соочиме со прашања како Блискиот Исток, што повторно е во криза, во Газа, ситуацијата во Ирак, Авганистан, како да се делува во Иран, Северна Кореја. Ова се се важни прашања и како што сме кажале повеќе пати, за претседателот Буш Македонија беше приоритет, како и за секретарот Рајс. Таа се согласи да ја потпише Декларацијата за стратегиско партнерство меѓу нашите две земји со вашиот министер за надворешни работи. Оттука, мислам може да се каже дека новата администрација ќе се фокусира врз овој регион, но исто така ќе има и други предизвици, вниманието ќе го стави на други работи, и затоа се надевавме да видиме поголем прогрес во однос на некои од овдешните предизвици за време на остатокот од мандатот на претседателот Буш.

На Македонија и претстои еден голем предизвик , тоа се изборите во март. Ги знаете последиците од нерегуларностите на парманетарните избори. Какви се вашите оценки, се сменило ли нешто во земјава во последнава година и пол.

Како што знаете јас не бев лично присутен овде за време на парламентарните избори во јуни, но како што исто така знаете, беа забележани одредени разочарувања и нерегуларности на овие избори а на владата и беше упатен специфичен сет на препораки од страна на ОБСЕ и од страна на експерти кои беа присутни овде во текот на изборите и кои го набљудуваа целиот процес. Многу е важно Владата на оваа земја да ги имплементира овие препораки и да не увери дека претстојните избори во март ќе ги исполнат меѓународните стандарди на тој начин што секој граѓанин ќе биде сигурен додека го извршува гласањето. Мислам дека исто така е многу важно да се напомене оти овие избори во март ќе се одржат само неколку дена пред наредниот самит на НАТО кој ќе се одржи во Стразбур и во Киев. Ова е самит по повод 60- годишнината од НАТО и сите членки ќе гледаат многу внимателно за да видат дали Македонија успеала да ги надмине сите потешкотии кои се случија на минатите избори во јуни. Треба да го имаме на ум и тоа дека членките на НАТО минатиот април се согласија оти Македонија ги исполнила критериумите за членство, така што сега тие ќе ја гледаат повнимателно Македонија, вклучувајќи го и спроведувањето на овие избори. Моите колеги од меѓународната заедница, овде, во Скопје, и јас се сретнавме со премиерот Груевски и со одговорните министри, со кои разговаравме за изборите, а исто така имавме и средби со политичките партии и нашата порака за сите нив е иста – ќе направиме се што можеме да ја понудиме нашата помош, нашите совети, нашата техничка поддршка за да се осигураме дека овие избори ќе ги исполнат меѓународните стандарди и обврски. Одговорноста за тоа ја имаат државните институции, премиерот ни вети во име на целата негова Влада дека тоа е врвен приоритет и уште еднаш, ние и меѓународната заедница сме подготвени да помогнеме и вашето раководство го знае тоа.

Ако ги погледнете анкетите, македонците сакаат да не се смени името, а Албанците се за побрз влез во НАТО. Како ги оценувате меѓуетничките односи во земјава ако се има предвид тоа дека постојат различни ставови во однос на најчувствитечните прашања?

Според анкетите што јас ги имам видено, големо мнозинство македонски граѓани, од сите етнички заедници, го поддржуваат членството на Македонија во НАТО и во Европската Унија. Мислам дека сите гледаат оти најдобрата иднина за Македонија, за нив самите, за нивните деца, за нивните внуци, без оглед на етничката припадност, лежи во интегрирањето на Македонија во евроатланските структури кои гарантираат безбедност и просперитет. И во суштина тие би го штителе и загарантирале дигнитетот и наследството на оваа земја, така што јас не знам за тоа дека различните етницитети се несогласни околу тоа. Македонија имаше многубројни успеси во изминативе 17 години историја и успеа да се справи со голем број предизвици. За мене Македонија останува да биде модел на мултиетничност во регионот. Од периодот кога престојував во Македонија во 1999 година, од кога имам запознато и многу различни нејзини граѓани, јас зборувам за Македонија како за одговор на прашањето како се справува со предизвиците на Балканот. Всушност, јас верувам дека оваа земја е одговор на таканареченото македонско прашање. Имате голем потенцијал. Тоа е работа на заедничко работење за да се креираат заедничките успеси, да се најдат решенија за предизвиците кои ќе го заштитат вашето достоинство како нација и достоинството на сите вас како индивидуи и ќе и овозможат на земјата како целина да оди напред кон посветла иднина.

Се почести се предупредувањата за можна дестабилизација на регионов во контекст на Би Х и Косово по распоредувањето на Еулекс. Можна ли е нова дестабилизација на регионот?

Работата на Балканот сеуште не е завршена и како што реков претходно, нашата цел е да го видиме целиот регион интегриран во слободна и безбедна Европа. Распоредувањето на Еулекс помина без проблеми и во суштина таа помага во зацврстувањето на Косово и на косовските институции со цел таа млада независна држава да функционира на подобар начин. Да се засили владеењето на правото во оваа држава, ќе помогне да се стабилизира состојбата и затоа Еулекс е таму. Сепак постојат видувања дека распоредувањето на Еулекс ќе доведе до одредени тешкотии или поделба и за таквите видувања нема никаква основа. Во суштина, мислам дека распоредувањето на Еулекс се одвиваше без никакви проблеми, вклучувајќи го и распоредувањето во Северно Косово и покрај ваквата загриженост. Мораме да продолжиме со работата на Косово и тука повторно мислам дека Македонија ќе биде добар модел за Косово и добар сосед на Косово како што и Косово ќе и биде добар сосед на Македонија. Така што, распоредувањето на Еулекс е дел од еден процес кој трае, САД остануваат ангажирани како со лично присуство во Еулекс, така и преку дипломатски активности за да се осигураме дека Косово оди напред на позитивен начин. Исто како што сакаме да бидеме ангажирани и околу Македонија преку нашите програми за помош, преку нашата дипломатија, за да бидеме сигурни дека Македонија исто така се движи нанапред на позитивен начин.
XS
SM
MD
LG