Достапни линкови

Македонија и процесот на интегрирање во евро атлантските структури


Македонија и евро атлантските интеграции беше една од темите коишто преовладуваа, а како што изгледа и ќе преовладуваат подолго време. Од една страна, процесот беше детерминиран во врска со НАТО околу спорот со името со Грције, а во врска со ЕУ исполнувањето на условите поставени од Брисел и извештајот на ЕК. Најважно е грешките да не се повторат, изјави тогаш Џорџо Радикати, шеф на ОБСЕ во Македонија:

„Ние знаеме дека во Брисел се гледа со се поголемо внимание на сето она што се случува во земјата. Затоа што членството во ЕУ и НАТО се двете можеби најважни цели на Владата. Но, истовремено ние знаеме дека постојат стандарди за да се посгигне членството. А, настаните во Собранието покажаа можеби нешто што не е во согласност со стандардите кои се следат во Брисел. Но, како што ви кажав, вие можете да направите грешка еднаш, но најважната работа е да не се повтори истата грешка. Така што јас верувам дека владата целосно разбра што треба да преземе и да следи.“

Во врска со извештајот на ЕК во 2007 година, Ерван Фуере амбасадорот на ЕУ во Македонија изјави дека извештајот бил дочекан со меѓусебни обвнинувања за лошите оценки:

„Она што прецизно побаравме од сите партии е да не губат време во меѓусебни обвинувања. Многу подобро и за владата и за сите партии е да го прифатат извештајот како свој, и да го искористат за придвижување нанапред, така што одговорноста е заедничка. Не станува збор за вина на владата или опозицијата. Одговорноста им припаѓа сите ним. Но, мислам дека е погрешно ако се префрли вината на опозицијата или слично. Сите партии имаат заедничка одгворотност да покажат подговтвеност за постигнување напредок. И колку побрзо го направат тоа толку побрзо земјата ќе напредува кон следната етапа од процесот на приближување кон ЕУ.“

Што се однесува до НАТО интеграциите на Македонија шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски запрашан за тоа со кои пречки може да се соочи земјата пред априлскиот самит на Алијансата во Букурешт изјави:

„Има реални критериуми кои треба да се исполнат и мислам дека неверувањето во сопствениот успех може да биде единствената пречка која може Македонија да ја лиши од покана на Самитот во Букурешт.“

Тогаш опозиционата ДУИ на можноста за радикализација на албанските барања во Македонија како вовед во нова криза доколку Македонија не добие покана за членство во НАТО во Букурешт изјавија:

„Тоа не може никој да ви каже. Затоа што нашата платформа е Македонија држава на рамноправни граѓани, Македонија членка на НАТО Алијансата и Македонија да се надеваме во 2008 да добие датум за преговори за членство во ЕУ. Не дај боже да ни се случи да не добиеме покана за НАТО заради спорот со Грците. Тогаш Европа ќе ни биде уште подалеку.“

Во деновите пред Самитот на НАТО се појасно беше дека спорот со Грција околу името ќе биде главна пречка за приемот на Македонија во Алијансата, заедно со другите две членки на Јадранската група Хрватска и Албанија:

„Прво би сакал да го поздравам пројавениот интерес од страна на САД во оваа фаза да се вклучат дополнително или да дадат свој придонес бидејќи очигледно беше дека целиот процес на преговори дојде до една ситуација на целосна блокада или перманентно одржување на статус кво позиција каде што и двете страни држат некои свои ставови од коишто нема отстапувања, а медијаторот Нимиц којшто морам да кажам се труди, но не може да постигне напредок. Имајќи го предвид кредибилитетот на САД и во Македонија во Грција, но и генерално во светот мислам дека таквиот нивни ангажман може само да помогне.“

рече претседателот Црвенковски.

„Мислам дека ќе се извршат огромни притисоци врз двете страни, но мораме да признаеме притисокот е објективно ориентиран кон Република Македонија, ние сме послабата страна во овој преговарачки процес, секогаш сме биле и требаше да бидеме свесни за тоа. Правото на вето постои и ќе го респектираат сите во НАТО. Се зависи од притисокот на САД и условно да кажам нашата издржливост,“

изјави професор Васил Тупурковски.

Потсетуфајќи на приемот на Македонија во ОН тогашниот шеф на македонската дипломатија Денко Малески прави паралела меѓу притисоците во тоа време и притисоците за членство во НАТО:

„И во првиот случај при приемот во ОН и во вториот случај, радоста ни ја загорчува еден сериозен проблем којшто постои со соседната држава. Но, она што и тогаш и сега се покажа како наш внатрешен недостиг е немоќта на време да се соочиме со проблемот. Политиката да биде во редовна комуникација со народот.“

НАТО самитот помина со ветото на Грција за приемот на Македонија. По првичната разочараност на македонскиот политички врв се поставуваше прашањето за натамошните планови. Ќе продолжиме ли да праќаме војници во странските мисии?

„Ние ќе продолжиме и понатаму, две недели после самитот, сосема трезни во Министерството за одбрана имавме неколку состаноци на највисокото раководство. Тоа е пренесено и на пониските единици во рамките на АРМ. Македонија продолжува со одвранбените реформи.“

На тоа каква би можела да биде конкретната помош на Велика Британија во неуспехот во Букурешт амбасадорот на оваа земја изјави:

„Го видовме напредокот во политичките, одбранбените реформи, и во Букурешт утврдивме дека Македонија ги исполни критериумите и затоа сакавме Македонија да добие покана. Сега, единствена пречка е прашањето за името.“

И покрај барањата на меѓународната заедница за забрзување на решавњаето на проблемот со Грција околу името, во Македонија се истраа на потребата од предвремени парламентарни избори. На нив најмногу инсистираа ВМРО ДПМНЕ и ДУИ:

„Јас мислам дека вистинската причина ја препозна и господинот Никола Груевски и парламентарното мнозинство. Во Македонија не можеше веќе да се оди напред со влада која половина беше во оставка, со Собрание кое седниците ги одржуваше со многу тешкотии поради немање кворум, немаше добра соработка и во самата коалиција. Имаше големи спротиставености во неа. Така што, ова беше момент што сите го разбраа. На сите им стана јасно дека требаше да дојде до ваков исход, иако за тоа што се случи во Македонија ние одамна алармиравме. Иако правеа големи напори од актуелната коалиција таа вештачки да се одржи, на крајот се виде дека со допинг или други медикаменти не може да се лекува таа коалиција. Единственото решение беше да се распушти Собранието и да се оди на нови парламентарни избори и да се формира нова формација која ќе ги преземе големите одговорности кои ја чекаат државата,“

изјави Али Ахмети.

Изборите минаа со голем број нерегуларности кои веднаш беа нотирани од ОБСЕ и ЕУ, па нормално се постави прашањето дали Македонија може да очекува позитивен извештај за напредокот кон ЕУ и датум за почнување преговори:

„Јас очекувам дека ќе имаме позитивен извештај, односно дека политичкиот дијалог е воспоставен во Собранието. Дека се воспоставени редовни правила кои ќе се применуваат без оглед на партиите на власт и опозиција. И дека нормално, нивната препорака ќе биде да не се носи толку голем број закони по итна постапка,“

изјави претседателот на Собранието Трајко Славевски.

„Мислам дека ако ние не го искористиме овој политички момент, а тоа е свест за проблемот имаме многу мали шанси со водење правни спорови во ОН и во ЕУ, било каде. Нас едноставно ќе не казнат. Ќе не остават на страна,“

смета професор Љубомир Фрчковски.

Во пресрет на најавениот извештај на ЕУ за напредокот на нашата земја веќе беше јасно што може да се очекува за евро интеграциите на Македонија:

„Сигурен сум извештајот ќе содржи многу успешни сугестии за оваа влада со цел исполнување на европските критериуми. Со такво однесување вашиот пат до Европа ќе биде многу пократок. Јас лично поаскувам и се надевам дека оваа земја ќе си го најде местото во европскиот состав.“
XS
SM
MD
LG