Достапни линкови

Местото на македонските ракометари е меѓу десетте најдобри во Европа


Со успесите на репрезентациите, оваа година во македонскиот спорт ја одбележаа неколку селектори. Конкуренцијата беше силна, но општ впечаток е дека епитетот најдобар го заслужи Илија Темелковски, кормиларот на машката ракометна селекција, која го прекина малерот и по 10 години се пласира на едно СП. Тој подвиг на Темелковски му ја донесе титулата селектор на годината на неодамнешниот Избор на АМС. Признание за гордост, но и ...

Потврда за сето што е направено, но и обврска да се продолжи со поголем ентузијазам и резултати. Нормално, она што треба јас да го направам зависи од моите репрезентативци коишто ми помогнаа да го добијам ова признание и ако продолжиме вака јас мислам дека нема да имаме проблеми и во 2009 година

Изјави скромниот Темелковски, според кого пресудни за успехот беа минатите предквалификации. За потсетување, во јануари на хичкоковски начин, со одбранет пенал во последната секунда ја совладавме Португалија и се изборивме за јунскиот дуел со Исланд по кој дојдовме до Мундијалот.

Ја минавме Потругалија во што никој не веруваше, обезбедивме пласман за бараж со Исланд, се крена атмосферата и расположението, се направи еден спој меѓу ракометарите и сето тоа придонесе потоа, преку трофејот на Македонија и Балканското првенство, уште повеќе да го кренеме квалитетот. Го поминавме Исланд, една голема репрезентација со светско име – тоа го покажа и на Олимпијадата играјќи во финалето – така што сите тие резултати се за почит и обврска, сега, на светското првенство, да ги потврдиме

Додава Темелковски, кој со играчите од минатиот викенд ги одработува подготовките за СП кое стартува за 4 недели. Дотогаш ќе се полнат батериите за дуелите во групата против Германија, Полска, Русија, Тунис и Алжир. Ривали против кои ќе е тешко да се освои барем третото место за пласман меѓу 12-те најдобри. Но, селекторот е оптимист и верува дека ...

Нашето место е меѓу десетте репрезентации во Европа. Нормално, со квалитетни подготовки, со дисциплинирана игра, со професионален однос, со другарство тоа може да се оствари

Истакна на крајот Илија Темелковски, кого во 2009-та, го очекува докажување на меѓународна сцена и со МРК Вардар, клубот кој во 1/8 финалето од Челинџ купот ќе се сретне со актуелниот победник во ова натпреварување, романската Спорт Ресица.
XS
SM
MD
LG