Достапни линкови

Русија и официјално ги обелодени нејзините идеи за нов безбедносен договор во Европа


Русија и официјално на денешниот втор ден од министерскиот состанок на ОБСЕ во Хелсинки ги обелодени нејзините идеи за нов безбедносен договор во Европа. Шефот на дипломатијата Сергеј Лавров изјави дека тоа е потребно со оглед на предизвиците што му претстојат на Континентот. Повеќето од пеесетината министри за надворешни работи, како што јавуваат агенциите, студено реагирале на рускиот предлог.

Претседавачот на ОБСЕ, шефот на финската дипломатија Александар Стуб, уште пред почетокот на дводневниот состанок оцени дека станува збор за невообичаен собир. Најпрвин, според бројот на учесниците, над илјада и двесте делегати, а потоа и според содржината. За прв пат се дискутираше за влијанието на конфликите на Кавказот врз европската безбедност, како и за рускиот план за нов Европски пакт претставен од шефот на дипломатијата Сергеј Лавров.

„Мојот добар пријател и колега Сергеј Лавров ги скицира основната структура и идеите на претседателот Медведев. Тој разјасни некои клучни точки. Станува збор само за почетна фаза и немаме ништо конкретно. Ова е добар прв чекор, добра прва дискусија за нешто за што ќе треба повеќе време. Се надевам дека на крајот ќе излеземе со посилна Организација за безбедност и соработка во Европа.“

Изјави шефот на финската дипломатија Алексадар Стуб откако министерот Сергеј Лавров го претстави новиот договор. Во меѓувреме, како што јавуваат агенциите, повеќето од делегациите на состанокот во Хелсинки, меѓу нив и оние од руските сојузници Белорусија и Казахстан, воздржано реагирале на руската идеја. Американската страна дури и со оценка дека Москва на ваков начин се обидува да го ослаби НАТО. ,,Нема потреба од некаква нова архитектура. Мислам дека предлогот на Москва ја има токму таа намера, да се изнајде алтернатива на НАТО кој функционира многу добро. НАТО ја прави Русија нервозна,, оцени заменик помошникот државен секретар Метју Брајза. И другите делегации се на слично мислење, односно дека постојните структури, како Европската унија, НАТО и ОБСЕ се доволни. Притоа се додава дека сепак се потребно нивно освежувањување или нивно зацвртување. На денешната пленарна седница говореше и шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски кој изјави дека Македонија очекува од идниот претседавач на ОБСЕ, Грција, да ги решава предизвиците и задачите со цврста посветеност и вештина и, како што додал дa не се плаши да ги прифати разликите и чувствата на соседната нација. Тој додаде дека Македонија останува цврсто посветена на членството во НАТО и оти ќе ги продолжи разговорите за името под покровителство на ОН. Претходно грчкиот министер за надворешни работи Теодора Бакојани изјави:

„Како иден претседавач би сакала да ја искористам можноста да нагласам неколку работи. Сите се согласуваме дека ОБСЕ останува значен форум во кој соработката се заснива врз принципите на заеднички консултации и дијалог меѓу членките на организацијата, а во духот на транспарентноста и еднаквоста.“

Рече Бакојани која оцени дека ОБСЕ, повеќе од триесет години им помага на луѓето во Европа во нивните напори за стабилност и напредок за сите.
XS
SM
MD
LG