Достапни линкови

Прашањето за името средство за домашно маневрирање кое би можело доведе до меѓународна изолација


Прашањето за името стана средство за домашно политичко маневрирање кое би можело доведе до меѓународна изолација на Македонија. Ова е оценката на Џејнс Форин Рипорт во врска со потегот на Скопје да покрене постапка пред Меѓународниот суд на правдата во обид да се натера Атина да и дозволи прием на Македонија во НАТО.

Покренувањето на тужбата, како што се наведува во текстот на Џејнс Форин Рипорт, би можело да ги исфрли од колосек сегашните преговори околу правото на името Македонија иако тие не вродија плод во изминативе седумнаесет години колку што трае спорот. Во првата реакција на тужбата грчкото министерство за надворешни работи оцени дека со тоа Македонија уште еднаш потврдила дека не заинтересирана за брзо решение на спорот. И некои во Скопје се на мислење дека тужбата претставува крај на преговорите, спонзорирани од Обединетите нации, и покрај тоа што македонската влада е на став дека двата процеса можат да се водат паралелно. Други предупредуваат дека нема да биде лесно да се докаже дека Грција ставила вето на македонската апликација за НАТО со оглед на тоа што одлуките во врска со поканите на новите членки во Алијансата се носат со консезус. Освен тоа, како што наведува Џејнс Форин Рипорт, Меѓународниот суд може да ја отфрли тужбата со образложение дека е не е надлежен да се произнесува по билатерални договори. Конечно и ако пресуди во полза на Македонија таа одлука во практика ќе и донесе само морална сатисфакција на земјата, оценува Џејнс Форин Рипорт, додавајќи дека во Македонија спорот со Грција се користи како средство на политичарите да го покажат нивниот супериорен патриотизам. Притоа главното начело секогаш било дека не смее на Грција да и се дозволи да успее во нејзините напори да го избрише македонскиот идентитет. Тоа, како што се наведува, било употребено и за време на јунските парламентарни избори кога владејачката партија ВМРО ДПМНЕ беше реизбрана со апсолутно мнозинство. Како и да е, на Меѓународниот суд ќе му требаат две до три години да донесе пресуда, период за кој е тешко да се предвидат политичките последици за земјата која ќе остане надвор од инстутиционалните рамки на НАТО и на Европската унија. Сосема е неверојатно дека американските напори за завршување на преговарачкиот процес во декември годинава ќе успеат. Во меѓувреме, македонската влада за март идната година закажа локални и претседателски избори во, како што се оценува, јасен обид да ги преземе и преостаните нивоа на власта. Како и да е, напорите на премиерот Никола Груевски да постигне надмоќ во земјата би можело да бидат поткопани со меѓународна политичка изолација, и, ако се има предвид критичкиот извештај на Европската комисија, тврдењата дека проблемите во земјата целосно се резултат од грчките опструкции, ќе стануваат се послаби, наведува Џејнс Форин Рипорт.
XS
SM
MD
LG