Достапни линкови

Можно ли е ново прекројување на границите?


Нови первирања го потресуваат балканскиот регион и повторно ја актуeлизираат сеуште не изумрената тема на овие простори, можна ли е ново прекројување на границите на Балканот? Додека Босна и Херцеговина е во длабока криза поради забавувањето на реформите потребни за евро-атлантското интегрирање на земјата, стигна предупредување од претставниците на меѓународната заедница, односно личности директно поврзани со случувањата на Балканот, Педи Ешдаун поранешниот претставник на ЕУ и Ричард Холбрук архитектот на Дејтонскиот мировен договор, за можноста од целосен колапс на Босна и Херцеговина и избувнување на нова криза во регионот. Раководстовот на Република Српска работи на можноста за отцепување тогаш кога за тоа ќе му се укаже прилика, паралелено на истата опција работи и босанското лидерство обидувајќи се да го преработи Дејтонскиот договор и да ги укинат посебните ентитети, порачаа во колумната за лондонски Гардијан минатиот месец овие двајца дипломати. Додека Босна и Херцеговина се држи на т.н. ,,стаклени нозе“ се проблематизира прашањето и околу Војводина, откако во парламентот на Покраината беше усвоен предлог статут со кој се смета дека се даваат својства на државност односно се отвара можност за сецесија од Србија. Слично сценарио, се погласно се зборува дека ќе му се случи и на Косово, откако генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун го објави планот во шест точки за реконфигурација на мисијата на Косово, а за кој косовските власти сметаат дека преставува посегнување по косовскиот суверенитет, односно воспоставување на двојна власт и вовед во сецесија на северениот дел, претежно населен со српско население? Колку сето ова ќе се одрази врз Македонија. Отварање на пандорината кутија за целиот регион и секако за нашата држава, предупредуваат експертите:

„Мислам ништо ново за Балканот, обично Балкано знае да конзумира и историја и патриотизам, така што процесите изгледа продолжвуаат по некоја спирала. Ете Косово, Босна и секако неминовно и Македонија неможе да се исклучи од таа спирала, на Косово се усложнуваат процесите и во однос на последните индикации дека може да дојде до поделба на таа зона, таа ќе има негативни ефекти на целиот регион за жал.“

„Тие ефекти немора веднаш да испливаат на површина, меѓутоа во една блиска иднина ќе се појават. Особено тука зборувам за Србија бидејќи се работи за Прешевска долина, понатаму за Црна Гора, Македонија, Босна, Република Српска итн. и сметам дека ќе се отвори цел еден сплет на придружни ефекти на кој нема да им се знае крајот.“


Изјавуваат аналитичарите Мерсел Биљали и Јетон Шасивари. Во меѓувреме деновиве, медиумите ја пренесоа изјавата на сегашниот професор на вашингтонскиот Универзитет за национална одбрана, а поранешен аналитичар на ЦИА Стивен Мејер кој предупреди на можноста за нова експлозија на Балканот и порача дека границите во регионот не се свети и дека тие можат да се променат, во тој контекст освен ситуацијата Белград-Приштина, тој ја посочува и Западна Македонија.

Оттука сите овие случувања мора да ја алармираат државава, неможе да останеме пасивни во контекст на овие регионални случувања, на голема внимателност предупредуваат домашните експерти. Малку им треба на радикалните структури во земјава, потенцира стручната јавност, со оглед на специфичната ситуација во која се наоѓа Македонија, обремената со потребата од оддржување на добри меѓуетнички односи и која секогаш е под притисокот на често споменуваното сценарио за можноста за отцепување на западниот дел од земјава:

„Сеуште на подрачјето на нашата држава постои екстремизам и тоа во некои веќе најавни форми, односно незгаснати форми на национализам од минато, кој може да ги запали националните страсти односно тој да почне да добива на сила во регионот и тогаш од аспект на меѓународното право ќе почне оној принцип, така е решен оној предмет, па така да некој може да се повика на оваа ситуација и да каже: Еве и ние сакаме и териториите на кој во поголем број живеат албанци ќе изгласаат референдум за живеење во една единствена држава.“

Вели професорот од Универзитетот ФОН Владимир Пивоваров. А таквата можност неодамна ја разбуди Невзат Халили, повторно пласирајќи ја идејата за Илирида односно редефинирање на Македонија како унија на две држави, на македонците и албанците. Преку оваа идеа Халили всушност се обиде да понуди можно решение на проблемот со името со тоа што земјата во иднина би се нарекувала Македонија – Илирада. Меѓудругото суштината е и во тоа што Рамковниот договор не успеал да ги задоволи барањата на албанците:

„Ние очекувамве дека конфликтот од 2001 година ќе ги разреши некои прашања по однос на статусот на албанците во Македонија, меѓутоа за жал се покажа дека албанците и по најновите измени на Уставот се во категоријата на малцинства, дури се вратени и назад.“

Изјавува Невзат Халили.. Додека еден дел од стручната јавност предупредува дека национализмот на Балканот сеуште не е надминат, други сметаат дека станува збор за изолирани настани кои немаат капацитет за поголемо влијание. Професорот Звонимир Јануколовски е на мислење дека не претстои опасност:

„Тоа се идеи кои на овие простори се дефинитвно закопани, со оглед на новата геостратешка поставеност на Балканот и интересите кои веќе се акомодирани тука. Така што таквите идеи ниту имаат подршка, ниту имаат поголемо влијание генерално на меѓуетничките односи во Македонија.“

Смета професорот Звонимир Јанкуловски. Иако делумно се согласува аналитичарот Суад Мисини, сепак додава дека актуелизирањето на идејата за Илирида е своевидна порака до власта. Повторното пласирање на таквите идеи, вели тој, носат директна порака до државното раководство дека мора за клучни прашања, со еднаков аршин да ги третира сите етнички заедници во земјата. Мисини говори и за потребата од владеење на правото еднакво за сите, мислејќи на последните протести во Тетово на студентската младина под знакот ,,Правда за албанците“, а кој имаше за повод поддршка на уапсените во повеќето полициски акции:

„Значи се додека владеењето на правото е еднакво за сите, тогаш мислам дека нема некаква опасност, ниту ќе има плодна почва за вакви идеи, но доколку тоа не се случува во реалниот живот овие идеи може да почне да фаќаат плодна почва меѓу некои незадоволни луѓе.“

Регионалните случувања пак, само дополнително ја обременуваат и онака лошата позиција на државава по неуспехот да стане дел од НАТО. Додека на Македонија според мислењето на многумина и се заканува меѓународна изолација, државното раководство ,,тапка во место“ со преговорите за името. Процесот за можно решение се оддолговлечи со разрешувањето на преговарачот Никола Димитров, а според мислењето на многумина дополнително се искомплицира со поднесувањето на тужба против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг поради прекршување на Времената Спогодба. Од своја страна албанските партии во земјава пак, јасно потенцираат дека се цврсто определни за членство на државата во евроатлантското семејство. Бегањето од тој курс, може да има сериозни последици во потрагата по други перспективи, предупредуваат експертите. Според нив најдобар одговор на сите овие стравувања е важноста земјата што побрзо да стане дел од овие мегународни структури, односно ЕУ и НАТО:

„Тоа е исклучително важно за едно поделено етнички општество како Македонија, и една држава која што е изложена на сериозни притисоци од надвор. Тоа ќе ја зајакне нејзината меѓународна позиција како членка на овие институции.“

„Така ги маргинализираме главните стратешки столбови на државата, како што е НАТО и ЕУ и сето тоа со некој лажен патриотизам.“


вели професорот од Правниот факултет Денко Малески. Најважно е македонското лидерство да се вразуми и да започне интензивно да работи на решавање на проблемите, порачува и професорот Владо Поповски кој исто така не е сигурен во добра иднина на земјата без мегународна интеграција на Македонија:

„Ако кажеме ништо не менуваме итн, тогаш треба да очекуваме да биде притисната Грција, а тоа нема да се случи. Во тој случај треба да видиме како можеме да функционираме како хетерогено општество во национална смисла, како економски слабо општество со многу невработени и како релативно изолирано општество во тој случај, со немање широка перспектива за младите генерации кои што доаѓаат.“

Забележува професор Поповски.
XS
SM
MD
LG