Достапни линкови

Мерки во вредност од 330 милиони евра што според владата нема да влијаат на буџетскиот дефицит


Во Македонија неможе да се каже дека има рецесија, но сепак превентивно, владата се одлучила на десет пакет мерки преку кои ќе ги ублажува последиците кои се чувствуваат во реалниот сектор во македонското стопанство поради економската криза која го зафати светот. Вкупната поддршка на македонското стопанство преку овие десет мерки изнесува 330 милиони евра, соопшти премиерот Никола Груевски и неговиот владин тим на денешната прес конференција во владата. Зошто досега се зборуваше дека македонската економија нема да биде погодена од рецесијата?

„Земјата не е во рецесија, но со оглед на тоа дека најголемите партнери на државата кадешто извезуваме влегуваат во рецесија или влегоа во рецесија, ние правиме превентивни чекори, за колку толку кај нас да се ублажи евентуално, доаѓање или недоаѓање на тоа доколку е можно. Со други зборови, ставот на владата уште пред месец – два, беше дека не очекуваме дека светската економска криза ќе има влијание на финансискиот сектор во Република Македонија, додека уште во самите почетоци кога почна да ги зафаќа реалните сектори, рековме дека ќе има влијание и во даден момент рековме дека ако треба ќе се воведат мерки,“

изјави премиерот Груевски. Четиригодишно мирување и отпишување на обврски на фирмите по основ на придонеси за задолжително здравствено осигурување, односно овие заостанати долгови на фирмите во периот од четири години се ставаат во мирување, отпис на каматите по основ на персонален доход, данок на добивка, ДДВ, данoци на имот и придонеси за пензиско осигурување под услов обврзниците во целост да го намират главниот долг, плаќање на даночен долг на рати, оданочување на добивка само ако е распределена во дивиденди, намалување на царините пред се за суровините, пониско оданочување на земјоделците, се дел од мерките кои Владата ги презема за ублажување на последиците.

„Се работи за олеснување на стопанството да не мора веднаш да ги плаќаат обврските преку законове коишто ги носиме,“

изјави вицепремиерот за економија Зоран Ставревски. Кој додава дека предвидените мерки за стоапанството нема да се одразат врз дефицит во буџетот, а и натаму се оптимисти дека ќе се успее да се одржи економски раст на земјава од 5,5 отсто. Темата рецесија се префрли и на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања. Опозоцијата обвини дека владата манипулира со економската слика во земјата:

„Просекот на плата од април до јуни годинава е 15,697 денари. Потрошувачка кошница, за истиот период 12,383 денари. Господине Груевски се работи за реален живот,“


рече Игор Ивановски од СДСМ.
XS
SM
MD
LG