Достапни линкови

Косово и Србија ќе соработуваа со ЕУЛЕКС


Косово и Србија ќе соработуваат со ЕУЛЕКС, оценува генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун во врска со идната мисија на Европската унија која треба да ги надгледува полицискиот, правниот и царинскиот систем на Косово. Брисел се надева дека ЕУЛЕКС ќе биде распореден во почетокот на идниот месец.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан ки Мун во извештајот што синоќа им бил поделен на членките на Советот за безбедност прецизира дека Косово го отфрли неговиот план од шест точки за распоредување на ЕУЛЕКС што претходно го прифати Србија. Сепак, генералниот секретар вели дека косовската влада веќе навестила оти е волна да соработува со идната евромисија. Според тој план, полицијата, царината и судството во српските енклави ќе бидат под надѕор на Обединетите нации, додека во албанските делови за тоа ќе биде надлежна мисијата на Европската унија. Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу изјави дека ќе бидат земени предвид ставовите на Приштина за распоредување на ЕУЛЕКС на целата косовска територија:

„Сметаме дека е време за заокружување на напорите за што побрзо воспоставување на мисијата ЕУЛЕКС на Косово. Верувам дека и генералниот секретар ќе ги има предвид основните документи кога за тоа ќе се расправа во Советот за безбедност.“

Истовремено, премиерот на Косово Хашим Тачи повторувајќи дека Косово треба да се третира како независна, суверена и демократска држава изјави:

„Даваме целосна поддршка за ЕУЛЕКС со целосниот мандат што го има од Европската унија со четирите точки што јас и претседателот ги претставивме од името на институциите на Косово. Со тоа ние во целост го отфрливме планот од шест точки.“

Премиерот Тачи оценува дека Косово ќе оди напред само доколку евромисијата биде воспоставена на целата територија, односно според планот на меѓународниот посредник Марти Ахтисари.
XS
SM
MD
LG