Достапни линкови

Тоа ја проблематизира благосостојбата и безбедноста на државата на подолг рок


Само прекршувањето на времената спогодба од страна на Грција е дел од тужбата што ја поднесе Македонија до Мегународниот суд во Хаг и правната процедура нема да влијае врз преговорите за името и евроатлантското интегрирање, ова вчера го изјави министерот за надворешни работи Милошоски. Но, наспроти ваквиот став, дел од експертите сметаат дека е можно во тој временски период и процесот кој го води медијатарот Нимиц да биде одложуван. Доколку така се одвиваат нештата ке се забави и нашето евроатланско интегрирање, смета универзитетскиот професор Денко Малески:

„Во крајна линија потегнувањето по правни решенија мислам дека го одлага процесот на НАТО интегрирање и европско интегрирање, а тоа го доведува во прашање од една страна, проблемот на благосостојбата, на безбедноста на Македонија на подолг рок.“

Влезот во НАТО и Европската Унија нема да ги реши проблемите во земјава преку ноќ, но потенцира Малески многу е важно земјава што побрзо да стане дел од тие структури:

„Тоа е исклучително важно за едно поделено етнички општество како Македонија, и една држава која што е изложена на сериозни притисоци од надвор. Тоа ќе ја зајакне нејзината меѓународна позиција како членка на овие институции.“

Аналитичарот Ѓунер Исмаил пак, ги поврзува последиците кои од одложувањето на интегрирањето ке следат на политички и економски план. Владата планира огромен буџет кој го заснова врз црпењето на пари од стопанството и граѓаните, а недостигаат нови приливи и сето тоа ке се почуствува, вели Исмаил:

„Март-април тие ќе видат дека всушност приливите во тој буџет со кој што тие оперираат и нели ја градат оваа политичка слика за себе пред граѓаните, не се тие кои што ги очекуваа и ќе мора да влезат во рестрикција, односно ќе се создаде една нервоза.“

Според него и странските ивеститори ќе бидат претпазливи во донесувањето одлуки да инвестираат во Македонија:

„Каде би инвестирале, ќе инвестираат ли во земја во која што многу работи се неодредени и земја која што е управувана, вака како што е управувана.“

Пролета, прогнозира Исмаил ќе се случат првите политички кризи во земјава, а за тоа како што додава не предупредува и Европската Унија која во последните два извештаи детектира проблеми со политичкиот дијалог:

„Едно е сосема јасно, блокот на албански партии, односно албанскиот електорат ќе почне да го губи трпението доколку види дека всушност нивните политички партнери прават се за Македонија да невлезе во НАТО.“
XS
SM
MD
LG