Достапни линкови

Обама ќе се обиде да го подобри имиџот на САД во светот


Новата американска администрација, предводена од Барак Обама ќе се обиде да го подобри имиџот на Соединетите Држави во светот, се вели во анализата на Џејнс Форин Рипорт, под наслов: ,,Промени и континуитет во американската надворешна политика,,. И покрај инсистирањето на мултилатерализам и таканаречена суптилна моќ во решавањето на меѓународните прашања, Обама нема да ги исклучи и евентуалната употреба на воена сила и унилатерални акции, ако се потребни, се вели во анализата.

Изборот на Барак Обама за американски претседател ќе значи и промени и континуитет на надворешната политика на Соединетите Држави. Најголемата разлика во однос на сегашниот претседател Џорџ Буш, ќе биде имиџот и презентацијата на Америка во светот. Самиот избор на Обама за претседател беше позитивно примен во најголемиот дел од светот. Во својот говор во Вашингтон, во јули годинава, Обама, под наслов Нова стратегија за новиот свет, ги најави неговите надворешно политички приоритети – одговорно завршување на војната во Ирак, завршување на битката против Ал Каида и талибанците, обезбедување на целото нуклеарно оружје да не дојде во рацете на терористи и диктаторски држави, енергетска стабилност и обновување на сојузништвата. Барак Обама беше против превентивната и унилатерална војна во Ирак, но не и против употребата на воена сила во принцип, а за Авганистан најави и зголемување на бројот на американски војници, а тоа ќе го бара и од НАТО сојузниците, се наведува во анализата на Џејнс Форин Рипорт. Најголемата закана за безбедноста, Обама не ја гледа во Ирак, туку во региони во Пакистан и се заложи за воени напади против талибанците и на пакистанска територија. Победата на Барак Обама на американските претседателски избори ја поздрави и иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџат, кој очекува нормализација на односите со Вашингтон. Но, евентуалното повлекување на американските сили од Ирак и подобрување на односите со Иран, предизвикува загриженост кај американските сојузници на Блискиот Исток, како Саудиска Арабија и Израел. Наоѓањето баланс ќе биде еден од најголемите предизвици за администрацијата на Обама. Друг голем предизвик ќе бидат односите со Русија, особено откако Кремљ соопшти дека ќе распореди ракети во Калининград, насочени кон Европа, доколку биде поставен американскиот анти-ракетен систем во Полска и Чешка. Како и да е, Барак Обама ќе застапува нов лик на американската надворешна политика во светот, залагајки се за мултилатерален пристап и поголема употреба на дипломатијата. Но, тој нема целосно да го исклучи и унилатералното дејствување, доколку е потребно, за заштита на американските национални интереси, заклучува во анализата Џејнс Форин Рипорт.
XS
SM
MD
LG