Достапни линкови

Кај власта нема загриженост и не стравуваат од можен пад на интересот на инвеститорите


Најавата дека Раифајзен банка ќе ја одложи инвестицијата во Македонија во очекување на последиците и консолидацијата од глобалната финансиска криза упатува на отпочнување на периодот на претпазливост на инвеститорите, во случајов на големите банкарски брендови. Тој се очекува да трае како што објасни министерот за финансии до завршувањето на првиот квартал од 2009 година кога според него се очекува појасна ситуација и раздвижување на финансискиот пазар. Кај директорот на агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо нема загриженост. Моќните компании не планираат на краток рок, вели тој наведувајќи дека во делот на производствените и сервисните комании со кои соработува оваа агенција не гледа промени во интересот кај потренцијалните инвеститори во земјава.

„Никој не одложил посета на Македонија ниту пак компаниите со кои веќе сме навлезени во длабоки преговори и разговори, не ни рекле, дајте сега почекајте да видиме што ќе стане после шест месеци на пример.“

За експертите нормална ситуација секаде па и во Македонија е да се очекува пад на интересот на инвеститорите за вложување во услови во кои се наоѓа светската економија. Дури и ако се разгледува теоријата дека обесхрабрените потенцијални инвеститори од земјите кои се директно зафатени од криза би ги пренасочиле своите инвестиции во други земји треба да се постави прашањето дали меѓу тие земји македонија може да биде конкурентна.

„Имајќи ги во предвид околностите на Македонија, геополитички, внатрешни, надворешни итн. Значи дури и вака да се постави прашањето, мислам дека Македонија не е алтернатива на други земји во регионот како што е Албанија, Србија, па дури и Косово.“

На ова професорот Беџети го додава и своето согледување дека Македонија индиректно веќе е поприлично зафатена од глобалната финансиска криза но дека се очекува да ги почувствува и најдиректните консеквенци од неа.
XS
SM
MD
LG