Достапни линкови

Новата американска администрација ќе биде заинтересирана за Западен Балкан


Новата американска администрација ќе биде заинтересирана за Западен Балкан. Ова, во интервју за Радио Слободна Европа го оценува Јануш Бугајски, директор на Проектот Нови европски демократии во вашингтонскиот центар за стратегиски и меѓународни студии. Според него, се уште треба да се решат отворените прашања како Косово и Босна и Херцеговина.

Со доаѓањето на новата американска администрација на избраниот претседател Барак Обама од Демократската партија би требало да се зголеми заинтересираноста на Вашингтон за светот, а во тие рамки и за Западен Балкан, вели Јануш Бугајски од Центарот за стратегиски и меѓународни студии. Во прилог на тоа дека балканската политика ќе оживее во Вашингтон, според Бугајски, говори и фактот дека новиот американски потпретседател Џозеф Бајден има долга историја на залагање за овој дел од светот.

„Очекувам да се ревитализира американското интересирање за надворешната политика, па во таа смисла и за Западен Балкан. Иако тоа не значи дека тој повторно ќе добие висок американски приоритет, секако ќе биде насочено дополнително внимание со цел да се решат преостанатите прашања, како што се Косово и Босна и Херцеговина.“

Бугајски, во врска со тоа зошто институциите на Косово се противат на планот на Обединетите нации за разместување на ЕУЛЕКС оценува дека во период кога администрацијата на Буш ги одбројува последните денови, Брисел, за жал нема доволно авторитет да ја воспостави својата мисија на целата косовска територија. Затоа, Унијата се обидува да издејствува некаков компромис кој ќе биде прифатлив за сите членки на Советот за безбедност, вклучувајќи ја и Русија.

„Приштина смета дека најголем проблем е тоа што со овој план се воспоставува двојна власт на Косово. Токму тоа владата сака да го избегне бидејќи и изгледа како прв чекор кон автономија, федерализација, па и сецесија на северниот дел на Косово. Мислам дека Приштина треба да добие некакви гаранции дека тоа нема да се случи. “

Вели Бугајски, прецизирајќи дека добро би било ако во планот се додаде одредбата оти УНМИК на крајот ќе ги предаде своите овластувања врз ЕУЛЕКС. Ваквата компромисна солуција, според него, ќе ги отргне страхувањата на Приштина дека сето ова може да биде некаков вид на босанско сценарио, односно формирање посебен ентитет, со своја власт, полиција и царина. Во врска со неодамна најавената нова европска стратегија за Босна и Херцеговина, поточно за воведување некој вид нов европски пратеник, Јануш Бугајски вели:

„Моментално станува збор за висок претставник и пратеник на меѓународната заедница и на Европската унија. Ако тој се смени само во европски пратеник, тоа ќе значи дека другите сили, како Соединетите држави ќе немаат позначајна улога како досега. Сметам дека тоа ќе биде грешка и ќе доведе со слабеење на улогата на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина. “

Според Бугајски, поинаква би била приказната ако Европската унија би имала зад себе историја на ефективна организација во поддршка и помагање на независните држави. ,,Но, како што покажува и случајот со Косово, Европската унија ја има таа навика да прави компромиси и околу основни принципи,, заклучува Јануш Бугајски, од вашингтонскиот центар за стратегиски и меѓународни студии за Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG