Достапни линкови

Потребно е време, велат економистите


Падот на цената на нафтените деривати, не ги намали цените во прехрамбената и текстилната индустрија. Ова стопанствениците го објаснуваат со податокот дека кога пред извесен период енергенсите се покачија, зголемените трошоци сами ги покривале. Никола Ветеџаковски преставник на компанија за производство на храна вели дека до крајот на годинава нема да ги намалат цените на производите.

„Еден голем период на време значи девет месеци ние практично амортизиравме по цена на нашата рентабилност во работењето. Ние ќе почекаме затоа што не сакаме да интервенираме со цените краткорочно, не знаеме кој тренд ќе биде понатаму, оти можеби е постигнато дното, па ќе имаат тренд нагоре, значи ќе видиме, воглавно до крајот на годината, нема да интервенираме во цените.“

Намалувањето на цените на нафтата нема да ги намали трошоците во текстилната индустрија. Дарко Нашков сопственик на фирма за текстил посочува дека снижувањето на цените на енергенсите се случија во период кога поскапе електричната енергија.

„Намалувањето на нафтата дојде во исто време кога се качи електричната енергија, може да има некое намалување, но не очекувам големи заштеди во текстилот.“

Според економистите, намалувањето на цената на нафтените деривати, треба да влијае и врз цените на производите, но во Македонија тоа не се случува бидејки како што велат тие, не владее економска логика.

„Има притисоци врз регулаторните комисии кои ги одредуваат цените, кои ги регулира државата или пазарот не реагира ако слободно се формираат цените, во едно исчекување на потрошувачите што ќе се случи понатаму,“

Изјави професорот Душан Велковиќ, додавајки дека треба да помине извесен период за да дојде до реакција на цените на производите.

„Кај пазарно регулирање треба да помине извесен период за да дојде до реакција, не може веднаш, денеска да се смалат цените на мазут, нафта и други енергенси и утредента веднаш да се смалат другите цени.“
XS
SM
MD
LG