Достапни линкови

Заедно со САД, Турција е еден од наjсилните поддржувачи на Македонија, велат аналитичарите


Партнерство на политичко, економско, воено, културно и научно ниво, предвидува договорот што Македонија денеска го потпишува со Турција. Поддршката која што ја имаме од оваа земја, преку потпишувањето на стратегијата за зајакнување на билатералните односи, меѓу шефовите на дипломатии на двете земји Антонио Милошоски и Али Бабаџан, уште повеќе ќе се засили, информираат од македонското Министерство за надворешни работи. За важноста на договорот што денеска во Анкара се потпишува, говори и фактот што ваков договор Македонија има потпишано само со Соединетите Држави, што се случи во мај годинава. Портпаролот на Министерството за надворешни работи Петар Чулев изјавува.

„Акцентот на меѓусебната соработка ќе биде ставен на заедничките аспирации на двете држави за членство во ЕУ, како и поддршката од Турција за нашите напори за членство во НАТО.“

Освен соработката на политичко ниво, на воен план договорот предвидува соодветна помош, заеднички воени вежби, обука на персоналот, соработка во борбата против тероризмот. На економски план пак се предвидува соработка во областа на енергетскиот сектор, индустријата, интензивирање на трговската соработка, зголемување на инвестициите. Македонија веќе има, а преку потпишувањето на стратегијатата уште повеќе ги зајакнува билатералните односи, со еден многу, ,,крупен„ партнер на Балканот – Туција, чија поддршка е огромна уште од периодот на нашето осамостојување, коментираат пак аналитичарите.

„И во таа смисла во балканското групирање на силите, интересите договорот меѓу Македонија и Турција уште еднаш потврдува дека стратешките интереси на Балканот, не се само американски, не се само руски, грчки или српски, туку стратешките интереси и на Турција се присутни.“

Оценува аналитичарот Ѓунер Исмаил. Тој додава македонската дипломатија мора повеќе ја искористи поддршката од Турција, која досега покажа несебична поддршка на планот на наше членство во НАТО и нејзиното своевидно вклучување како лобист на државава во решањето на спорот со името. Имено, Турција беше меѓу првите земји која не призна под уставното име:

„Па не би бил сигурен во тоа дека ние таа подршка доволно ја искористивме, едноставно македонската надворешна политика и се случува одвреме, навреме да заталкува и се распостила на места на кои што нема потреба, а при тоа заборавајќи ги најсилните сојузници.“

Додава Исмаил.
XS
SM
MD
LG