Достапни линкови

Ситуацијата во Ирак и светската економска криза во фокусот на разговорите


Американскиот претседател Џорџ Буш и неговиот наследник Барак Обама денеска за прв пат директно ќе се сретнат откако Обама победи на претседателските избори пред една недела. Состанокот, како што е најавено во Вашингтон, ќе биде фокусиран врз ситуацијата во Ирак и врз светската економска криза.

Новоизбраниот американски претседател Барак Обама соопштувајќи ја поканата на претседателот Џорџ Буш да ја посети Белата Куќа особено ја нагласи понудата на Буш да му помогне со сите расположливи средства за полесно завршување на транзицијата на власта во Вашингтон.

„Ова зборува за фундаменталното признание дека тука во Америка ние можеме силно да се натпреваруваме на избори, но оти сме заедно во служба на заедничката цел кога тие избори ќе завршат. Тоа е особено важно во моментот кога се соочуваме со најсериозните предизвици во животот. “

Изјави демократот Барак Обама на својата прва прес конференција како избран претседател на Соединетите Држави. Тој на таа функција ќе биде инаугуриран на дваесетти јануари идната година.

„Не ја потценувам огромноста на работата што претстои. Преземавме некои поголеми акции, но ни требаат дополнителни за време на транзицијата во наредните месеци. Некои од нив ќе бидат тешки, но Америка е силна земја. Знам дека ќе успееме ако ги оставиме настрана поделбите и ако работиме како еден народ.“

Изјави Обама кој потенцира дека токму тоа е неговата основна намера, надминување на политичките разлики во решавањето на проблемите, пред се оние што ги предизвикува економската криза. Истите заложби доаѓаат и од републиканците и претседателот во заминување Џорџ Буш:

„Кога му честитав на Обама за неговата историска победа му реков дека може да смета на мојата целосна соработка. Транзицијата е топ приоритет до крајот на мојот мандат. Нашата земја се соочува со економски предизвици. Исто така ова ќе биде прва претседателска транзиција во воено време во изминативе четири децении.“

Тоа, според претседателот Џорџ Буш, е од посебно значење, бидејќи екстремистите би можело да го искористат ова време на транзиција во Белата Куќа и, како што вели, да му наштетат на американскиот народ.

„Целосно ќе го информирам избраниот претседател за важните одлуки во ова критично време за нашата земја.“

Изјави Буш. Во меѓувреме, советникот на Обама кој е задолжен за неговите подготовки за преземање на мандатот во Белата Куќа Џон Подеста најави дека Обама планирал брзи промени. Тој ќе ја употреби сета извршна власт за да направи брзи промени кога ќе го преземе раководењето со земјата во јануари, изјави Подеста. Меѓу некои од нив, како што обелодени Подеста, е и можноста за приспитување на забраната на Буш за истражувања со матичните клетки и на нафтената политика.
XS
SM
MD
LG