Достапни линкови

Вести

Берлин: Затворен најстариот патнички аеродром во светот

Најстариот патнички аеродром во светот Берлинскиот Темплхоф е затворен поради економски причини. Темпелхоф преставуваше своевиден воздушен лифт кој помогна за преживување на Западен Берлин за време на советската блокада 1948 – 49 година.

види ги сите денешни вести

Германската опозиција го обвини Шолц за предизборен маневр со помошта за Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц

Германските опозициски пратеници во четвртокот го обвинија канцеларот Олаф Шолц за валкана предизборна тактика поради неговото барање за дополнително задолжување со цел финансирање на пакет помош за Украина во вредност од 3 милијарди евра.

Коментарите на опозоцијата уследија откако германскиот канцелар Шолц на15 јануари изјави дека пакетот може да се финансира само со суспендирање на должничката кочница, и дека пакетот е прашање на политичка волја и поставување приоритети.

Според опозициската Слободна Демократска партија поддршката за Украина не бара намалување на должничката кочница, посочувајќи на уставните ограничувања за задолжувањето на државата.

Според нив 500 милиони евра веќе се издвоени од Министерството за одбрана, што значи дека се потребни само дополнителни 2,5 милијарди евра, во буџет од вкупно 488 милијарди евра.

За опозицијата, Шолц „врши маневри за изборната кампања на грбот на Украинците“.

Тешко повредена 20 годишна студентка на протестна блокада во Белград откако автомобил удри во неа

Србија -- 20-годишна студентка беше тешко повредена во Белград кога во неа удри автомобил за време на протест, 16 јануари 2025 година.
Србија -- 20-годишна студентка беше тешко повредена во Белград кога во неа удри автомобил за време на протест, 16 јануари 2025 година.

Тешко е повредена дваесетгодишна студентка во центарот на Белград кога во неа удрил автомобил додека таа била дел демонстрантите кои стоеле на протестна блокада на раскрсница. Возачот побегнал од местото, а полицијата соопшти дека е пронајден. Повредената девојка е пренесена во Ургентниот центар.

„Пациентката е примена во свесна состојба. Таа е комуникативна и во стабилна општа состојба. Поради повредите со кои се здобила во тек е дополнителна дијагностика“, велат за српската национална телевизија РТС од Клиничкиот центар во Белград.

Инцидентот се случи околу пладне во центарот на Белград, каде студенти кои ги блокираа околните факултети учествуваа во акцијата „Стоп, Србија“, со која им се оддава почит на загинатите во несреќата во Нови Сад.


Како што може да се види на снимката објавена во медиумите и на социјалните мрежи, девојката стоела на тротоарот пред семафорот на раскрсницата на улицата Рузвелт и улицата Квин Мери, кога автомобил се качил на тротоарот и ја удрил. Возачот не застанал, туку продолжил да вози носејќи ја девојката на покривот и по неколку секунди таа паднала од покривот на автомобилот на улица. Возачот на автомобилот не застанал на местото на инцидентот, туку побегнал.

Студентите кои го блокираа Правниот факултет во Белград објавија дека повредениот студент е нивен колега. Тие во знак на протест ја блокираа раскрсницата пред Правниот факултет во центарот на градот, а во блокадата им се придружија и граѓани и студенти од другите факултети. Како што најавија, блокадата ќе трае неколку часа.

Полицијата соопшти дека возачот на автомобилот е идентификуван и приведен. Станува збор за 38-годишниот возач. Се сомнева дека во возилото имало уште две лица.

„Полицијата во соработка со обвинителството ги утврдува сите околности и факти за овој настан“, соопшти МВР.

Во соопштението не се наведува дали на возачот му е одреден притвор.

За време на петнаесетминутните акции „Стоп, Србија“, кои речиси секојдневно се одржуваат ширум земјата, студенти и граѓани 15 минути ги блокираат патиштата за да им оддадат почит на петнаесетте лица кои загинаа во несреќата на Железничката станица во Нови Сад.

Акциите симболично почнуваат во 11:52 часот, време кога на 1 ноември се урна бетонската настрешница на Железничката станица, при што загинаа 15, а две лица беа тешко повредени. Граѓани, студенти и дел од опозицијата бараат политичка и кривична одговорност за несреќата во Нови Сад. Студентите, во знак на протест, блокираа повеќе од 60 факултети на четири државни универзитети, во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац.

Почина 9 годишно дете на скопската Детска клиника

Илустрација
Илустрација

По два дена откако е примено, почина деветодишно дете на скопската Клиника за детски болести. Детето на 14 јануари било доведено на скопската клиника од штипската болница во тешка состојба, се вели во псименото соопштение од Клиничка болница-Штип.

„Детето е донесено на Одделот за детски болести во ЈЗУ Клиничка болница -Штип на 14 јануари во 18 часот во тешка општа состојба со засегната свест. Веднаш се реализирани биохемиски иследувања и КТ на глава и поради тешката состојба со медицинска придружба во 19 часот истиот ден детето е транспортирано до УК ДБ-Скопје, се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип.

Деветгодишно момче кога било донесено на скопската клиника имало срцев застој и влошени витални параметри, велат од Детската клиника за Телма. Оттаму додаваат дека докторите се сомневаат дека лошта здравстеван состојба на детето боло резултат на цревна инфекција.

Деветгодишното дете кое почина на Клиниката за детски болести во Скопје е од Општина Свети Николе.

Минатиот месец на скопската Детска Клиника почина седуммесечно бебе. Министерот за здравство Арбен Таравари ја исклучи можноста за лекарска грешка при лекувањето, откако го доби извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој изврши вонреден инспекциски надзор.

Констатирана оставката на Илире Даути од претседателка на собраниска комисија

пратеничката Илире Даути
пратеничката Илире Даути

Македонското Собрание на 16 ти јануари ја констараше оставката на пратеничката Илире Даути од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади. Таа денеска на собраниска седница ја образложи својата неотповиклива оставка по изгласувањето на нејзината интерпелација минатиот петок.

Пред да ја образложи оставката, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја напуштија собраниската сала. Даути која доаѓа од опозициската Алијанса за Албанците во својот говор во Собранието, истакна дека си ја исполнила својата работна задача според Деловникот.

„Ова е врвот на срамот што се случил во Собранието и е директна закана кон еден избраник од граѓаните, како и држење под контрола на истиот. Моето дејствие за ставање на Законот за бранители е врз основа на членот 3, кој подразбира дополнителни услови како да дејствуваат институциите. Нема да прифатам различни услови на дејствување надвор од Деловникот, рече Даути.


Интерпелацијата на Даути беше поднесена од пратеничката група Левица. Собранието констатираше дека наводите во интерпелацијата се основани. На седницата тогаш не присуствуваа пратениците на СДСМ.

Претседателот на Собранието Африм Гаши на 14 јануари во писмена изјава до медиумите истакна дека изгласаната интерпелација нема правна последица.

„Важно е да се напомне дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како Претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци“, изјави Гаши.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ оценија дека Илире Даути нема кредибилитет да претседава со собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, откако беше изгласана недоверба по расправата за интерпелација.

УПОЗ: Инспекторите останаа без плата во најдолгиот месец во годината

Протест на УПОЗ на 14 јануари
Протест на УПОЗ на 14 јануари

Трет ден трае получасовниот предупредувачки протест на вработените во дел од државните институции.Тие бараат додатоци на плата од 30 отсто и потпишување на колективни договори.

Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ) Трпе Деановски изјави дека 988 вработени во сите инспекторати во земјава се уште немаат земено плата за декември, иако за тоа е истечен законскиот рок.

„Поради доцнење на Министерството за финансии кои навремено не ги презеде обврските согласно законските измени остави 988 вработени без плата, без вратени кредити, без платени сметки во најдолгиот месец од годината. Вчера истече и законскиот рок за исплата на плата која се исплаќа најдоцна до 15-от ден во месецот и се уште нема информација кога и дали овие вработени ќе добијат плата“, рече Деаноски.

Тој појасни дека не се работи за штрајк на вработените во јавната администрација, туку за протест.

Претходно од Од Владата порачаа дека се подготвени да разговараат на секоја тема, но упатија и обвинувања дека штрајкот бил незаконски и политички мотивиран.

Протестите траат половина час, за да граѓаните и приватниот сектор, како што вели Деаноски, не трпат никакви последици.

Деаноски на 16 јануари и порача на Владата „наместо да пишува соопштенија и да негира се што е кажано, а не е точно, треба да посвети енергија и да најде начин да го реши проблемот“. Според него, „ако Владата сакаше дијалог, досега ќе бевме седнати на маса, а немаше да бидеме на улица“.

Владината портпаролка Марија Митева на 16 јануари го обвини УПОЗ дека изминатите години „молчел за ова прашање“ и оттаму, посочи, се сомневаат дека „зад ваквиот чекор стои политичка заднина на Синдикатот кој делува како продолжена рака на партиите“.

Бугарија доби Влада, премиер е Росен Жељазков

Новиот бугарски премиер Росен Желјазков и претседателот Румен Радев , Софија, Бугарија
Новиот бугарски премиер Росен Желјазков и претседателот Румен Радев , Софија, Бугарија

Бугарскиот парламен избра нова влада која ќе ја преводи премиерот Росен Жељазков на седницата на 16 јануари. Новиот владин кабинет е сочинет од претставници на ГЕРБ-СДФ, БСП и „Има таков народ“ (ИТН). Тој ќе биде поддржан и од фракцијата на Ахмед Доган во МРФ.

Четирите партии го избраа новиот состав на Советот на министри со 125 гласа „за“, а сите останати гласаа „против“.

Веста доаѓа откако ГЕРБ победи на изборите на 27 октомври. Претседателот Румен Радев во средата и го врачи првиот мандат на партијата за влада, кој веднаш го врати како исполнет. Во последните четири години во Бугарија имаше само две редовни влади, од кои ниту една не траеше повеќе од 9 месеци.

Новоизбраниот премиер Жељазков од собраниската говорница изрази благодарност до БСП и ИТН за потпишувањето на коалициски договор и до МРФ на Доган за поддршката на кабинетот.


Тој најави дека главните приоритети на владата ќе бидат владеење на правото и еднаквост пред законот, зајакнување на социјалната држава, заштита на слободата и плурализмот во медиумите и граѓанското општество, членството во еврозоната и спроведувањето на Планот за закрепнување и отпорност (RRP). ).

Опозицијата и на оваа седница ја обвини ГЕРБ за коруптивни практики. За време на владеењето на Бојко Борисов, според индексот на Репортери без граници, земјата беше рангирана меѓу најниските во Европа по слобода на говор.

Владиниот кабинет на Желјазков вклучува тројца вицепремиери и 19 министерства. Во него ГЕРБ ќе има премиер и 11 министри, БСП ќе има еден вицепремиер и четворица министри, а ИТН ќе има четворица министри, од кои еден е и вицепремиер.

Во последните четири години во Бугарија беа одржани седум парламентарни избори. Во тој период, ГЕРБ 8 пати доби мандат да формира влада. Од нив, партијата на Бојко Борисов врати неисполнети вкупно пет мандати. ГЕРБ двапати предложи влада, но таа не успеа да обезбеди поддршка во парламентот. Така, кабинетот на Жељазков е првиот успешно завршен мандат за формирање влада на ГЕРБ од 2021 година.

Француските пратеници ќе одлучуваат за недоверба на Владата

Францускиот премиер Франсоа Бајру и претседателот Емануел Макрон
Францускиот премиер Франсоа Бајру и претседателот Емануел Макрон

Францускиот премиер Франсоа Бајру се соочува со прво гласање на недоверба во Парламентот во четврток, со очекување дека овој предлогот веројатно нема да помине, јавува новинската агенција Франс прес.

Предизвикот во француското Собрание доаѓа по изјавата на Бајру оваа недела за политичката агенда на Владата, со која тој отвора вратата за нови разговори за пензиската реформа , како и за потребата за како што вели „прекумерните“ дефицити на Франција ви буџетот да се намалат годинава.

Неговиот говор предизвика осуда од поголемиот дел од опозицијата во парламентот каде Бајру нема апсолутно мнозинство, што ја прави неговата влада многу ранлива на гласање за недоверба што, доколку биде успешно, ќе го принуди да поднесе оставка.

Предлогот за недоверба, поднесен од страна на цврстата левичарска партија ЛФИ, сепак нема да ја добие поддршката од есктремно десничарската партија Нациоанален Собир (РН), рекоа членовите на партијата.

„Ние не мислиме дека гласањето за недоверба треба да биде гаџет за да се разбуди“, рече потпретседателот на РН, Себастиен Чену, кој додаде дека неговата партија ќе ја суди Владата „не според нејзините зборови, но со своите постапки“.

Во отсуство на поддршка од екстремната десница, иницијативата за недоверба не може да ги добие 288 гласови неопходни за соборување на Бајру, дури и ако умерено-левичарските социјалисти се приклучат на иницијативата на ЛФИ, која сè уште беше неизвесна неколку часа пред гласањето.

Предлогот на 16 јануари е ставена на дневен ред на собраниска седница, а гласањето се очекува да биде доцна во вечерта.

Француската политичка сцена беше втурната во хаос минатата година кога претседателот Емануел Макрон распиша избори за да изнајде излез од „политичкиот ќорсокак“, но изборниот резултат го врати на сцена „безнадежно поделениот“ Долен дом.

Макрон призна дека неговата одлука за распуштање на Националното собрание доведе до „поделби“ и „нестабилност“. Уставните правила значат дека нови законодавни избори не можат да се распишат до јули.

Неговиот претходник, францускиот премиер Мишел Барние поднесе оставка од функцијата на на 5 декември 2024 година, откако пратениците од екстремната десница и левица гласаа за пад на неговата влада, втурнувајќи ја втората по големина економија на еврозоната подлабоко во политичка криза.

update

Над 70 загинати во Газа, додека се чека израелската влада да го изгласа договорот за прекин на огнот

Илустрација
Илустрација

Повеќе од 70 луѓе загинаа при два израелски напади во Појасот Газа, соопшти во четвртокот Цивилната одбрана на палестинската територија, неколку часа по објавувањето на прекинот на огнот што треба да стапи на сила во недела меѓу Хамас и Израел.

Иако договорот за прекин на огнот е најавен, сепак треба да биде одобрен од израелската влада.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека владата ќе го одложи планираниот состанок закажан за четврток наутро на кој ќе се разговара за одобрување на договорот за прекин на огнот во Газа, обвинувајќи го Хамас дека изнудува отстапки во последен момент.

Хамас, кој САД и Европската унија ја сметаат за терористичка организација, соопшти дека ги отфрла тврдењата на Нетанјаху.


Во соопштението на политичката канцеларија на организацијата, се нагласува дека „Хамас е посветен на договорот за прекин на огнот што го објавија посредниците во преговорите“.

Договорот меѓу Израел и Хамас е постигнат со посредство на Катар и Египет.

Вклучува три фази, а последната фаза е фокусирана на реконструкција на Појасот Газа.

Конфликтот избувна во октомври 2023 година, кога милитантите предводени од Хамас ги нападнаа населбите во јужен Израел, убивајќи, според израелските податоци, околу 1.200 луѓе, главно цивили, и одведоа 251 заложник во Газа.

Израел одговори со покренување на разорна офанзива врз палестинската енклава во која, според здравствените власти во Газа под контрола на Хамас, загинаа повеќе од 44.000 луѓе, додека најголемиот дел од населението е раселено.

Шпанија повторно ја отвори својата амбасада во Дамаск

Човек држи знамиња усвоени од новите сириски владетели
Човек држи знамиња усвоени од новите сириски владетели

Шпанскиот министер за надворешни работи во четвртокот го подигна знамето на својата земја во нивната амбасада во Дамаск, по повеќе од една деценија откако Мадрид ги прекина дипломатските активности.

Западните земји ги затоплуваат односите со Сирија по соборувањето на претседателот Башар ал Асад.

Шпанија ја затвори мисијата во Дамаск во март 2012 година, една година откако Асад започна брутална репресија на антивладините протести, што предизвика повеќе од 13 години војна.

„За мене е чест што сум овде лично“, рече шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес во амбасадата, каде што беше интонирана шпанската химна.

Неговата посета на Сирија доаѓа по повеќе од еден месец откако бунтовниците предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) го соборија Асад. Највисоките европски претставници, вклучително и министрите за надворешни работи на Франција и Германија, остварија серија посети за да се сретнат со новите владетели на земјата.

Назначена е преодна администрација до март, а ХТС, која има корени од сирискиот огранок на Ал Каеда, се обиде да ги увери малцинствата дека нема да бидат повредени и дека ќе се почитува владеењето на правото.

Албарес за јавниот радиодифузен сервис ТВЕ пред посетата изјави дека „пораката што сакам да ја испратам е порака за поддршка на Сирија“.

„Но, ние имаме и црвени линии. Сирија мора да биде мирна. Сирија мора да биде инклузивна и мора да се почитуваат правата на сите, вклучително и на жените и на етничките и верските малцинства“, додаде тој.

Патувањето на Албарес во Сирија уследи по посетата на соседен Либан во средата, каде што тој најави пакет помош од 10 милиони евра за армијата на земјата, речиси два месеци по прекинот на огнот меѓу Израел и групата Хезболах поддржана од Иран.

Напредува борбата против шумските пожари во Лос Анџелес

Илустрација, шумски пожари во Калифорнија
Илустрација, шумски пожари во Калифорнија

Противпожарните екипи во Лос Анџелес забележуваат сериозен напредок во борбата против шумските пожари кои дивеат веќе седум дена во американската сојузна држава Калифорнија, јавуваат новинските агенции. Според последните информации кои ги споделија противпожарните служби, речиси 50 отсто е локализиран пожарот во близина на Пасадена, кој одзеде 17 животи.

Вкупниот број на жртви од пожарите во Калифорнија се искачи на 25.

Според првичните проценки, повеќе од 12.000 згради се уништени или оштетени во областа, јавува новинската агенција ДПА. Временската прогноза за следните неколку дена, влева надеж дека со слабеењето на силата на ветерот и очекуваниот пад на температурата, дека најстрашната фаза од оваа катастрофа е завршена.

Американските медиуми објавија дека расте незадоволството кај жителите, од кои многумина ги напуштиле своите домови. Опожарените области остануваат опколени и не е одреден датум кога жителите ќе се вратат во своите домови.

Претходно, неделава обвинителот Нејтан Хохман поднесе обвинение против десет осомничени разбојници, провалници и пиромани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG