Достапни линкови

Проектот е позитивен, но не го решава целосно проблемот со обезбедување на струја, велат експертите


Позитивно, но не го решава во целост проблемот со обезбедувањето на електрична енергија за потребите на земјава, вака стручната јавност го оценува значењето на проектот ,,Вардарска Долина“ кој предвидува изградба на 12 средни и мали хидроцентрали по течението на реката Вардар. Како што се образложува хидроелтраните ќе бидат со вкупна моќ од 325 мегавати, а се очекува просечното годишно производство на електрична енергија да биде околу илјада гигават часови. Професорот Константин Димитров, вели дека оваа производство на струја, не ги задоволува потребите на Македонија:

„Тоа е само една централа, помалку од еден РЕК Битола. Помага многу во секој случај, но повторно ќе имаме проблеми.“

Вели професор Димитров кој додава дека значењето во овој проект, сепак не треба да се потценува, бидејќи претставува инвестиција значајна за земјава, најнапред затоа што нуди поевтин начин на производство на струја и е подолготрајна инвестиција:

„Ова ќе трае засекогаш, бидејќи не е како јаглен да се потроши за десет години, туку ова ќе трае додека има вода. Користа е исто така, кога имаме големи води се издвојува водата на страна и самата изградба на брани како протечни за да се ,,фаќа“ електична енергија односно да се прави при протекување, е релативно поевтино и веројатно нема да биде голем проблем.“

Но, професор Димитров укажува и на неколку проблеми на кој што мора да се внимава при реализизацијата на проектот Вардарска долина:

„Има и два големи проблеми. Прво, доколку се подигне нивото на реката Вардар ќе се потопи железничката пруга по долината и треба да се размислува за тоа, а второ е меѓудржавен договор, односно како ќе поминеме со Грција во однос на водотеците.“

Доколку навистина успешно се искористи хидропотенцијалот на реката Вардар преку овој проект, неговото значење освен од енергетски, е големо и на економски план, изјавува пак професорот Душан Вељковиќ, но само доколку не ја подели судбината на претходните слични проекти, додава тој:

„Се што значи голем инфраструктурен зафат, со ангажирање на странски капитал, странски директни инвестиции, странски искуства и технологии, тоа за Македонија е од судбоносно значење.“

Тендерот за изградбата на 12-те средни и мали хидроелектрани денеска веќе е објавен во домашните медиуми и во меѓународниот Фајненшл тајмс. Од владата велат дека станува збор за еден од најголемите проекти во Македонија во енергетскиот сектор чија вредност е околу 1,2 милијарди евра.
XS
SM
MD
LG