Достапни линкови

Експертите се прашуваат дали проблемот е квалитетот на горивата или косовската страна прави притисок


Проблемот со блокирањето цистерните со нафтени деривати од рафинеријата ОКТА од страна на косовската царина е чисто комерцијален, односно за негово решавање треба да си се погрижат купувачот и продавачот. Македонската царинска управа ги има запазено сите процедури и натаму решавање на проблемот не е во наша надлежност, ни изјави директорот на Царинската Управа Ванчо Каргов по проблемот со задржувањето на стотина цестерни на ОКТА повеќе од четири дена на граничниот премин Блаце, поради како што наведуваат од косовска страна - лош квалитет на нафтените деривати:

„Доколку купувачот констатира и смета дека ОКТА му продава нафтен дериват несоодветен на она што го барал, тоа тие ќе го решаваат на комерцијална основа, тоа е нивна работа,“

вели Каргов кој додава дека македонската царина ќе чека на решение на проблемот и доколку исходот од него биде враќање на цистерните назад, со соодветна царинска постапка тие ќе ги процесуираат. Проблемот, кај нас завршува тука, бидејќи вели Каргов, македонската царинска управа не е надлежна за проверка на квалитетот на материјалите при нивно извезување од земјава:

„Контрола се врши само при увоз,“

посочува првиот човек на Царинската управа во земјава. Експертите пак објасуваат дека сепак државава трпи големи штети, поради нереализираниот извоз. Ова е посебно проблематично, вели професорот Ванчо Узунов, бидејќи и она малку извоз кој што го реализираме во услови на висок трговски дефицит е оневозможен:

„Намален е извозот. Имаме енормен трговски дефицит и тоа е дополнително оптоварување на надворешно трговскиот биланс за Македонија.“

Втор пат во период од една година, косовските власти го блокираат влезот за нафтени деривати од рафинеријата ОКТА, поради лошиот квалитет на горивото. Овој проблем повторно го актуелизира прашањето за квалитетот на нафтените деривати во земјава, но и нелку други дилеми на кои ќе треба одговор, смета професор Узунов:

„Имено, ако тие деривати што ги продава рафинеријата на Косово се неквалитетни за Косово, тогаш ние прашање е зошто дозволуваме истите тие деривати да се продаваат кај нас? А, ако не е тоа прашање, имаме прашање дали тоа не е злоупотреба од страна на Косово или некој вид притисок за постигнување друга цел.“

вели професор Узунов.
XS
SM
MD
LG