Достапни линкови

Испреплетеност на надворешно и внатрешно политичките цели, оценуваат експертите


Македонскиот претставник во ОН неделава гласаше воздржано за иницијативата на Србија за испитување на правната основа на независноста на Косово. Опозицијата пак, на собраниската расправа за предлог резолуцијата на албанските партии негодуваше зошто владата пред одржувањето на седницата не го изнесе својот став за независноста. Речиси седум месеци по едностраното прогасување на независноста, изјавите на претставниците на владата беа дека при донесувањето какво решение Македонија ќе се води од националните интереси. Таква беше и изјавата на Министерот Зоран Коњановски по средбата на американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс кој според гласините на државниот врв му сугерирал Скопје да го признае Косово. Паралелно со ваквото засилување на притисокот од западните земји се засилија и заканите од Србија. На средбата во Њујорк, српскиот претседател Тадиќ, како што пренесоа медиумите, му се заканил на својот македонски колега Црвенковски дека доколку Македонија го признае Косово ќе се соочи со сериозни последици. Какви можат да бидат тие? Универзитетскиот професор Биљана Ванковска вели:

,,Факт е дека ние сме зависни, самата економија ни е ориентирана и компатибилна со онаа на нашиот српски сосед. Исто така и патишатата на електричната енергија. Постојат повеќе начини во кои една држава може да воспостави меко ембарго или сосема отворено ембарго.”

Тоа се евентуалните реакции кои може да се очекуваат од Белград во економскиот дел. Но, според Ванковска Србија може да повлече потези и во политичка смисла, односно да се вклучи во спорот со името кој го имаме со Атина преку поактивна поддршка на Грција:

,,Во балканската историја секогаш биле познати тие така наречени коалиции менливи, кои зависно од националниот интерес и дадената ситуација наложуваат да направите сојуз со некого против вашиот друг сосед. Ми се чини дека нема да биде изненадување за никого ако Србија и Грција ги зајакнат топлите односи особено кон македонското прашање. Тука, ние имаме отворено прашање во однос на црквата со Србија, отворено прашање во однос на името со Грција и сето тоа има меѓународни импликации.”

Според Марија Ристевска од центарот за истражување и креирање политики не постојат индиции дека од признавањето на Косово Македонија би имала негативни политички или безбедносни последици. Единствената опасност, вели Ристевска е во овој историски момент за Македонија да ја изгубиме поддршката околу признавањето на уставното име:

,,Нема што да се наруши со признавањето на Косово, единсветно да се изгуби поддршката на Србија во однос на признавањето на Македонија под уставното име што во овој историски момент битна работа.”

И додека Ванковска смета дека одолговлекувањето на процесот на признавање од страна на владата во Скопје главно се темелело на надворешно политички проблеми кои би ги донела таквата одлука, професорот од Штуловиот универзитет Јетон Шасивари вели дека тоа било последица на внатрешно политички прашања. Според него, ова прашање партиите кај нас го користеле за дневно политички потреби и маркетинг:

,,Со цел, кај албанските политички партии да створи простор за нивна меѓусебна дебата и на тој начин двете политички партии на Албанците да влезат во полето на политички маркетинг за пред гласачите да се претстават за тоа која партија беше најважна за признавањето.”

Универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски пак смета дека користењето за внатрешни цели на прашањата кои се дел или задираат во областите на надворешната политика е чест случај кан нас:

,,Темите кои се од надворешната политика нормално дека во Република Македонија многу често и веќе отворено се користат за внатрешно политички цели, наместо како што е редот за осварување на надворешно политичките цели за државата. Тоа е нормално во држава каде што политиката сеуште се подразбира исклучиво како борба за придобивање на гласачите и борба за власт, отколку како средство за средување на заедничките цели на граѓаните и националните интереси на државата кон странство.”

Тој се согласува дека внатрешната и надворешната политика се заемно поврзани, но ваквиот однос на политичарите, вели, и нанесува голема штета на меѓународната позиција на земјата:

,,Секако и штети на државата во контекст на нејзиното меѓународно позиционирање и во поглед на остваруавањето на целите во надворешната политика. Да, штетите се огромни и мислам дека ги чувствуваме секојдневно во тој контекст.”

И Шасивари со слично мислење, водењето на надворешна политика само врз основа на внатрешно политички интерси може да влијае лошо врз земјата на меѓународен план, вели тој. Како пример го посочува задоцнувањето со признавањето на Косово, кое како тренд го наметнаа САД и највлијателните членки на ЕУ.

,,Јас се согласувам со едно. Надворешната политика се базира на внатрешната политика. Меѓутоа, тие внатрешни околности не треба да бидат главна мотивација при водење на надворешната политика. При водење на надворешната политика, нормално дека владата и другите институции треба да се раководат и од други основи и фактори, особено регионалната политика на Балканот и европската политика, па и пошироко.”

Пред 17 февруари, денот кога Косово ја прогласи независноста, изјавите на претставниците на македонскиот државен врв беа дека земјава ќе ги следи чекорите на своите страштеки партнери САД и ЕУ.

Дека одлуката за признавање на Косово не е едноставна за македонската позиција и во надворешната политика покажа и собраниската расправа за резолуцијата која ја поднесоа албанските партии, на која опозицијата сугерираше признавањето да се поврзе со завршувањето на демаркацијата на границата и со условот Приштина во билатералните и меѓународните односи да го користи уставното име. Аналитичарот Ризван Сулејмани смета дека демаркацијата не претставува опасност. Според него, инцидентот во демаркацијата што се случи неделава е дел од црното сценарио на некои соседни земји чија цел била да создадат дилема кај македонските власти за признавањето на Косово:

,,Некои разузнавачки служби од надвор сакаат да ја зголемат дилемата кај македонската влада и јавноста околу признавањето на Косово.”

Во контекст на условот за употребата на уставното име Универзитетсткиот професор Мерсел Биљали смета дека неговото поставување како услов и претходно било грешка:

,,Можеби грешката е направена во тој момент што некој спомнал уставно име во однос на Косово. Ставот на Србија дека тие не само што ќе го повлечат амбасадорот од тука, туку и ќе го преиспитаат ставот во однос на уставното име на Македонија. Значи, работата се усложнува регионално и тоа е проблем. Но, според мене многу поважно е решавањето на прашањето со името на државата и да тргнеме кон НАТО и ЕУ и сите други работи да бидат многу полесни.”

Други безбедносни ризици кои кон земјава доаѓаат од север се и идеите за поделба на Косово по етничка линија, односно на српски и албански дел. Биљали смета дека доколку дојде до тоа, таа спирала на поделби многу бргу би се рефлектирала и врз јужна Србија, Македонија, па и други држави како БИХ и Црна Гора:

,,Тоа е многу опасна игра. Затоа што според логиката, ако мислиш дека Србите не може да живеат во друга држава, тогаш зошто би живееле Албанците во Србија и во Македонија и Црна Гора или Македонците во Грција итн. Значи, тука се отвора многу опасна Пандорина кутија.”

Коментирајќи ја оваа идеја која неодамна ја изнесе и српскиот претседател Тадиќ, професорот Владимир Пивоваров вели дека таа може да има неколку аспекти:

,,Сеуште на подрачјето на нашава држава постои екстремизан, во некои незгаснати форми на национализам. Тој може да добие на сила во регионот. И потоа од аспект на меѓународно право ќе почне принципот, така е решен овој предмет, а извор на меѓународното право се и конкретните ситуации во светот, па така некој ќе може да се повика на оваа ситуација, и да каже дека сакаме териториите населени со поголем број албанско население да изгласаат референдум во кој ќе дојдат до заклучок дека треба да живеат во една единствена држава.”
XS
SM
MD
LG