Достапни линкови

Охрабрување за банките да продолжат со издавање кредити за бизнис зделки


Американската централна банка соопшти дека ќе ги откупува краткоричните задолжувања на банките во обид да ги охрабри да продолжат со давањето кредити за бизнис зеделките. Планот е со цел да ја поддржи владината програма од седумстотини милијарди долари за спасување на финансиските институции во Соединетите држави. До овој чекор дојде во момент кога Европската унија се обидува, засега безуспешно, да изнајде своја заедничка стратегија за справување со финансиската криза.

Краткорочните заеми што ќе ги откупува американската централна банка се познати како трговски хартии финансирани од инвеститорите, а не од банките. Тоа би требало да им помогне на компаниите во секојдневните оперативни трошоци кои банките, во изминативе неколку недели, поради финансиската криза не сакаа да ги исплаќаат во страхување дека средствата нема да им бидат вратени. Поради тоа многу фирми не ќе можат да ги исплаќаат своите вработени, а се соочуваат и со затворање.

„Чекорите што сега се преземени за да се врати довербата во нашите институции и пазари ќе придонесат и за решавање на сегашното нивно нарушување. Верувам дека тие ќе бидат основа за финансикото и економско заздравување.“

Изјави Бен Бернанке, шеф на американската централна банка на конвенцијата на економистите во Вашингтон. Претседателот Џорџ Буш уште еднаш побара трпеливост, наведувајќи дека е потребно време за да се почувствуваат позитивните ефекти од преземените потези.

„По неколку недели, главните елементи на новата легислатива ќе почнат да се забрзуваат. Како што банките ќе го обноват нивниот капитал, ќе почнат да одобруваат кредити. Тоа нема да се случи веднаш. Станува збор за постепен процес.“

Изјави Буш. Во меѓувреме, и Европската унија се обидува да се справи со финансиската криза која се повеќе се продлабочува. Еврокомесарот за монетарна политика Жоаким Алмуниа е уверен дека тоа е можно само со заеднички пристап на сите членки на Унијата:

„Не живееме секој посебно во својот национален пазар. Таков не е денешниот свет. На глобалните предизвици треба да имаме глобални решенија. “

Прашањето за европското единство беше покренато откако германската влада еднострано ги гарантира индивидуалните заштеди во банките на таа земја. Веднаш потоа тоа го сторија и некои други членки, што ги загрижи земјите кои не се во состојба да преземат такви гаранции. Некои велат дека Европа се соочува со историски тест за нејзините можности како економска унија. Предлозите на Франција и Холандија за европски спасувачки пакет од триста милијарди евра се отфрлени од Германија и Британија. Во еден таков момент на еден европски финансиски центар кој е надвор од Унијата, Исланд, Русија му понуди помош за спречување на пропаѓањето на тамошните банки. Централната банка на Исланд соопшти дека Русија и одобрила заем од четири милијарди евра.
XS
SM
MD
LG