Достапни линкови

Компаниите треба да научат да работат пазарно, сметаат економистите


Трговците продолжуваат да ги испишуваат новите цени на производите, а потрошувачите продолжуваат да ги обиколуваат продавниците зошто цените од продавница до продавница се шаренолики. Економистите се скептични дека државата може да најде начин да го сопре трендот кој е глобален. Откако се покажа дека некои цени нереално се зголемени, како на пример во млечната индустрија, некои цени летото беа намалени, но тие и натаму остануваат високи за нашиот стандард. Се поставува и прашањето за ефикасноста и смисленоста на кампањата за купување домашни производи, што со промотивна акција започна минатата година. Кому е наменета оваа акција и од кои причини да не купуваме производи од увоз, доколку тие се квалитетни, а се продаваат по пониски цени, се некои од прашањата за семејствата кои го отсликуваат македонскиот просек, односно се во можност со една плата да ја надополнат месечната потрошувачка главно за исхрана и пијалаци. Илустративен за ова е примерот во производството и трговија со месо:

„Производите од увоз се со некоја повисока цена, можеби разликата не е значителна, меѓутоа, разликата на цената е повисока, а со оглед на стандардот на нашите потрошувачи повеќе се ориентираат на домашен производител. Исклучок се голем дел луѓе кои купуваат смрзнато месо, само поради цената и покрај тоа што е од увоз, секогаш смрзнатиот производ има поефтина цена од свежиот. Така што луѓето се ориентираат на поефтиното, а квалитетот не секогаш е во преден план,“

вели Ирена Атанасова, претставник на месната индустрија.

„Кампањата за купување домашни производи во месната индустрија мислам дека нема голем ефект, од причина што голем дел од македонските производители, се со мислење дека нив не им треба такво нешто и без тоа може да функционираат.“

Растот на цените на мало е неизбежност, а како причини се наведуваат растот на цената на нафтата на светскиот пазар, но и неурамнотеженоста на увозот и извозот врз кои државата не може да влијае. Забраната на увозот би донела негативни последици, односно во крајна линија шверц и раст на цената на тие производи, велат економистите. Врз политиката на компаниите владата исто така не може да влијае. Така, додека граѓаните тешко излегуваат на крај со поскапувањата, според професорот Борис Јанакиев проблем за државата е тоа што во најголем дел таа е извосно зависна, како на пример во месната индустрија:

„Ако одлгедувате добиток за месо треба да имате ефтина храна, за да имате ефтина храна треба да имате добри приноси од добиточните култури, особено житата. Ние имаме неконкурентен принос, и скапо добиточно производство на храна.“

За разлика од месната индустрија, каде земјава троши од 50 до 60 милиони долари годишно за увоз на месо, во млекопроизводството во последните неколку години сме блиску до задоволувањето на домашните потреби. Јован Дабевски, претставник од оваа индустрија вели дека домашните производители ја следат состојбата со квалитетот и цената со увозните производи и тоа влијае врз подобар пласман на домашниот пазар. Од друга страна, според него, пазарното стопанство не треба да ги двои производите на домашни или увозни. Пазарот е немилосрден. Мора да се следи трендот однадвор и да се инвестира пред се во развојни технологии, вели Дабевски. Потсетувајќи дека врз побарувачката на производот не влијае само цената, туку подеднаква улога играат и квалитетот, брендот, дизајнот, дистрибуцијата и застапеноста:

„Во Македонија имате повеќе производители и сето тоа придонесува да имате еден производ кој е произведен во Македонија, а наликува на европските. Апсолутно не може да ограничите да се купуваат само домашни производи. Значи, тие домашни производи мора да бидат конкурентни и во сите сегменти да бидат еднакви на европските.“

Се случуваат позитивни резултати, велат стопанствениците, според кои кампањата за купување домашни производи води кон зголемено трошење на домашните производи, но тоа не е доволно:

„Дека повеќе треба да се направи, треба. Да им се даде шанса домашните производители да бидат доминантни. Секоја држава си го штити домашното производство. Таму се отвораат работни места, оние кои тргуваат печалат, додека другите сите што произведуваат се загрозени за опстанокот. Има одредени податоци дека има некои резултат кој не е задоволителен, но се случуваат позитивни работи кај нас. Има програма за зголемување на стимулациите и до 2012 да се потрошат 500 милиони евра за стимулирање во аграрот,“

вели Зоран Даневски, претседател на агро бизнис комората.

Според економистите, во пазарната економија владата има улога да обезбеди бизнис амбиент, додека цените ги утврдува пазарот. Се преземаат мерки преку субвенции во земјоделството, но не може да се очекува државата да ги реши сите проблеми, вели Марјан Николов од центарот за економски анализи:

„Целта е да има либерализиран пазар и секој да се бори на пазарот со квалитет и помали трошоци. Водиш евиденција што се троши и ти во твојата продавница што ќе набавиш за следниот месец? Стока што никој не ја купува? Тоа е пазарна економија, што сега тука владата ќе каже. Ако владата воведе квоти, веднаш од Светската трговска отганизација, таа држава чие производство е дискриминирано веднаш ќе те тужат. Во пазар, компаниите македонски треба да научат да работат пазарно. Нема друг приод. Значи во нивните компании треба да научат да си ги намалат трошоците.“

Поинаку од него размислува претставник на индустријата за кондиторски производи:

„Па, не сметам дека е заштитено, ние за суровини и од Македонија и од увоз имаме сеуште царини и давачки, а готови производи се внесуваат од соседните држави без царини и давачки, со тоа во старт не сме конкурентни не само на нашиот пазар, туку ниту на пазарите на Балканот. За да бидеме конкурентни мораме да продаваме со помала заработубачка, и со тоа нашето напредување во нови технологии, вработувања, ќе биде се помало.“

Николов пак, вели:

„Не може владата да каже, слушајте, ни увезуваат млеко од 40 денари, е вие сега нема да го продавате 60, ќе го продавате 20. Тоа е приватна компанија, кој може да му каже? Тие сами си ја утврдуваат цената, согласно трошоците и понудата и побарувачката на пазарот. Купуваш производ којшто сметаш дека ти одговара и ти носи наголема бенефиција во даден момент.“
XS
SM
MD
LG