Достапни линкови

Американската поддршка за членство на Македонија во НАТО е јасна и цврста


Американската поддршка за брзото пристапување на Македонија кон НАТО, како сојузник е јасна и цврста. Вашето членство во Алијансата ќе значи дека иднината на Македонија како европска земја е сигурна, истакна новоименуваниот амбасадор на САД во Македонија Филип Рикер, кој во своето обраќање по повод предавањето на акредитивните писма на претседателот Бранко Црвенковски рече дека САД и натаму го поддржуваат процесот за решавање на спорот за името со посредство на ОН. Македонија немала подобар пријател од САД, додаде Рикер, потсетувајќи дека тесните врски беа реафирмирани во мај со потпишувањето на заедничката декларација за стратешко партнерство и соработка:

,,Имаме добра иднина пред нас, имаме работи што треба да ги завршиме. Ќе продолжиме со силните врски со Македонија во многу области, во безбедноста, културата, образованието, науката, економијата. Новата амбасада во Скопје ја симболизира важноста што им ја дадовме на односите со Македонија,”

рече амбасадорот Рикер, кој ја нагласи и предната улога на Македонија која придонесува кон меѓународниот мир и стабилноста преку посветеноста и храброста што вооружените сили на Македонија ги внесуваат во мисиите во Ирак, Авганистан и во Босна.

Рикер исто така дополни дека граѓаните на Македонија го одбрале патот на демократијата и реформите со што земјата се доближи до идеалите и стандардите во евро атлантската заедница.

Претседателот на држата Бранко Црвенковски изрази уверување дека американската поддршка ќе продолжи со несмален интензитет со цел Македонија што поскоро да го заземе своето заслужено место во северно атлантската алијанса, истакна дека на внатрешен и надворешен план Македонија и натаму активно ќе работи и додаде дека ќе продолжи да соработува во напорите со цел да се најде решение за надминување на разликите со соседна Грција околу нашето име, кое како што рече, подразбира целосно зачувување на нашиот национален идентитет и достоинство.

Рикер во земјава пристигна минатиот четврток. Неговата номинација беше одложена еден месец поради притисоците на грчките лобисти врз одредени сенатори со аргумент дека тој застапувал про македонски ставови. Но, неговоро именување беше одобрено од Сенатот, откако Стејт Департментот дал одговори за проблемот со името што ги задоволил грчките лобисти.
XS
SM
MD
LG