Достапни линкови

Овој проблем 15 години ги потиснува останатите меѓународни интереси на Македонија, велат експертите


15 години по приемот на земјава во Обединетите Нации во 93-та година, под привремената референца ПЈРМ, овој проблем останува предизвик за секоја власт во државава и проблем за кој сеуште не е најдено решение, а кој се покажа како пресуден за развојот на меѓународен план, пред се за евро-атлантските интеграции. Името наспроти сите останити теми што ќе се отвораат, приоритет во разговорите на македонската делегација, предводена од претседателот Бранко Црвенковски на денешниот старт на Генералното Собрание на Обединетите Нации во Њујорк на средбите со повеќе претставници. Повеќе од деценија и пол години, спорот со името ги потиснува останатите меѓународни прашања од интерес на земјата, сметаат експертите. Во оваа насока првиот македонски амбасадор во ОН, Денко Малески изјавува:

,,Она што и тогаш и сега се покажа како наш внатрешен недостиг е немоќта на време да се соочиме со проблемот, политиката да биде во редовна комуникација со народот.“

Вели професор Малески. Целата енергија е насочена кон решавање на прашањето за името, сето тоа се одразува и на внатрешен, но и на надворешен план, се согласува и аналитичарот и поранешен амбасадор Махи Несими.

,,Со разни делегации секогаш внимавате или таа земја ќе треба да ја замолите да ви се обраќа со уставното име или обавезно околу триесет посто од разговорите со вашите партнери разговарате за проблемот со името, наместо да разговарате за други прашања.“

На сличен став и аналитичарот Владимир Божиновски, кој смета дека се додека не се најде решение, прашањето за спорот со името ќе не следи и натаму и секогаш ќе има приоритет:

,,Тој проблем е за жал на штета на сите надворешни односи на Македонија, и затоа мислам дека пред се треба да го решиме ова прашање за понатаму да ги развиваме дипломатските односи.“

Претседателот Црвенковски од Њујорк вчера изјави дека доколку спорот со името не се реши во наредните недели, за кога се очекуваат интензивни дипломатски средби, ќе следи една година пауза во која Македонија неможе да очекува напредок во поглед на евроатлантските инеграгации. Од Скопје пак премиерот Никола Груевски му порача на претседателот дека очекува резултати од неговиот престој во Њујорк.
XS
SM
MD
LG