Достапни линкови

Владата троши премногу за тековни трошоци што ќе ја зголеми инфлацијата


И економските експерти се согласуваат дека владата троши премногу за тековните расходи, а малку за инвестиции во јавниот сектор, откако на тоа предупредија и од мисијата на Меѓународниот монератен фонд во земјава.

„Се ова што е тековно финансирање, растат тие трошоци, за опреми, автомобили, реклами. Сето тоа нема некоја корист за развој на земјата,“

вели проф. Душан Вељковиќ.

Според економските аналитичари вишокот средства во државната каса треба да биде искористен за други намени.

„Ако веќе се создаваат вишоци, може да бидат продуктивни ако се насочат во инвестиции во јавниот сектор, инвестиции во сите тие области што се здравство, образование, култура итн, за изградба на капацитети, а не за тековни трошоци, за лични доходи итн.“

Вишокот средства во буџетот пак, според проф. Абдулменаф Беџети треба да се искористи за заштита на животниот стандард и ублажување на ценовните шокови.

„Државата има одредени ресурси, слушаме како министерот за финансии се фали со буџетски суфицит, што е инструмент за заштита на животниот стандард. Ова е влада што не води многу сметка, барем по програмските определби, за социјалните слоеви.“

Првиот човек на мисијата на ММФ во земјава, Марк Грифитс вчера предупреди дека вишокот приходи во државната каса би било најдобро да се заштедат.

„Ребалансот на буџетот оваа година вклучува значително зголемување на државните расходи, што ќе ја зголеми инфлацијата и дефицитот на тековната сметка. Имајки предвид дека веќе имаме силен пораст оваа година, според мислењето на мисијата вишокот приходи би било најдобро да се заштедат,“

порача Грифитс.

Според ММФ на земјава и се потребни јавни инвестиции во образованието и инфраструктурата, но само преку добро осмислени проекти.
XS
SM
MD
LG