Достапни линкови

Корекцијата на македонската берза е поради реакцијата на регионалните инвеститори


Ситуацијата на Вол Стрит која придонесе да се почувствува значителен пад на европските берзи, како и пад на вредноста на доларот во однос на јенот се почувствува и на нашиот пазар. Македонските берзански аналитичари влијанието на финансискиот потрес во САД го објаснуваат со присуството и работата на регионалните институции на нашиот пазар кои реагирале соодветно. Дојде до корекции, приближно иста во интензитетот и висината како што беше и на американските берзи, изјави берзанскиот аналитичар Горан Марковски:

„Отприлика 5,5 до 6 насто кумулативно се корегираше нашиот пазар, што е корекција што се случи и таму. Колку и да сметаме дека сме изолиран пазар, сепак странските инвеститори не поврзуваат.“

Дека светските влијание се чувствуваат и кај нас потврдува и Директорот на македонската берза Иван Штериев:

„Степенот на интеграција е многу повисок, посебно преку регионалните инвеститори кои се присутни, така што во секој случај не можеме да станеме имуни на глобалните случувања.“

Во перспектива, нашиот фокус треба да се насочи кон странските берзи, односно пред се кон американските пазари на капитал, затоа што случувањата од таму, во голема мера ќе го диктираат она што ќе се случува на македонскиот пазар на капитал, вели Марковски, додавајќи дека иако реално нема причина, барем на краток рок да се почувствува корекција којашто се случи на американскиот пазар, во Македонија конкретно преку перформансите на македонското стопанство:

„Далеку е од тоа, бидејќи еве, во САД најзагрозен е банкарскиот сектор, а тој според структурата на пласманите на македонските банки воопшто не влијае на нив. Македонските банки имаат поинаков начин на работа, поконзервативен итн. Она што влијае во моментов на светските берзи е паѓањето на инвестициските банки.“

Но, во меѓувреме иако на пазарите во светот се создаде голема паника откако вчера изутрина за време на електронското тргување на берзата во Њујорк, нафтата падна под 92 долари за барел, сепак како добар сигнал дека кризата не би требало да се продлабочува гледаат во сетот мерки што беа преземени вчера:

„Денеска повторно се интервенира во Америка. Пазарите тоа го примаат како добар сигнал.“

Европската централна банка и банката на Англија ифрлија износ од 37 милијарди евра, отпочна и постапката по банкротот на четвртата по големина инвестициска банка Леман Брадрс.
XS
SM
MD
LG