Достапни линкови

Перспективата е влез во НАТО и ЕУ


Осамостојувањето на Македонија беше идеал за кој се бореа многу генерации и се случи како резултат на внатрешните желби на македонскиот народ. Денеска по 17 години, премрежијата не престануваат, а соништата на Македонците се далеку од реализирање, коментираат некои од идејните творци на концептот по кој требаше да се развива новата држава. Дали ова е Македонија за којашто сонувавме?

„Искрено да признаам, ова со некои општествени атрибути, карактеристики, не ја очекував ваква, односно мислев дека ќе биде економски понапредна, дека ќе биде политички и социјално поправедна. Мислам дека тие мои очекувања не се исполнија,“

вели аналитичарот Хисен Рамадани.

За ова, според него, причините лежат во економскиот концепт на државата, кој заврши со долга транзиција. Непочитувањето на правото, и примесите на принуда од страна и внатрешните тензии, при урамнотежувањето на меѓуетничките односи во земјата:

„Ние не направивме дефакто приватизација во смисла на економско потенцирање на државата, односно економијата во неа, туку направивме грабеж на општествениот имот од групи коишто беа на власт. Целиот правен систем, на некој начин формално го изменивме, но не изградивме нови луѓе, односно нов начин на приод кон правниот поредок.“

Политичките партии го разделија народот, а ризиците однадвор сеуште лебдат, вели академик Блаже Ристески:

„Сакам да верувам дека оваа ситуација ќе се расчисти, пред се со Грција, ама тука се и претензиите на Бугарија и опасностите со Албанија, одноно Косово.“

Сега се зависи од тоа колку нашето политичко раководство ќе успее со политички средства да ја одбрани независноста на македонската држава, додава Ристестки. Треба патот да се изоди до крај, додава Стојан Андов. Македонија забележа и многу успеси, стана демократска земја и признат меѓународен субјект, членка на ОН, ОБСЕ, кандидат за влез во НАТО и ЕУ. Тоа ја одредува и натамошната насока, европските и евро атлантските интеграции, се единствената перспектива што би го означила крајот на транзицијата и почетокот на просперитетот:

„И натаму мислам дека земјата ќе го доживее својот просперитет како и другите земји, после приемот во НАТО и ЕУ,“

вели Андов.
XS
SM
MD
LG