Достапни линкови

Воздржани партиски реакции


По последната одлука на извршниот одбор на СДСМ претседателот Бранко Црвенковски да биде лидер на оваа партија, а до завршувањето на неговито мандат партијата да ја води струмичкиот градоначалник Зоран Заев, партиите се воздржани. Сепак некои од политичките актери се надеваат дека враќањето на Црвенковски ќе ја окрупне најголемата опозициона партија во државава.

„Добро е што се враќа господинот Црвенковски како лидер на опозицијата. Дали нешто ново ќе придонесе, тоа ќе покаже времето,“

изјави Рафиз Алити од Демократската Унија за интеграција

Одлуката кој ќе го води СДСМ е внатрешно прашање на оваа партија, вели Андреј Жерновски од Либералнодемократската партија. Сепак од ЛДП се надеваат дека тоа ќе биде вистинската одлука за консолидирање на Социјалдемократите.

„Она што јас можам да го забележам со сите досегашни контакти со СДСМ е дека Црвенковски го доживуваат како консолидација на партијата и јас тоа го поздравувам.“

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ не добивме реакција за случувањата кај нивниот политички опонент. Од Либералната партија пак кусо изјавија дека немаат интерес за тоа што се случува во СДСМ. Молк и во Демократската партија на Албанците.
И политичките аналитичари воздржани во првичните реакции. Сепак потврдуваат дека опозицијата е во голема криза. Постојаното менување на истите ликови внатре во партиите предизвикува недостиг на нови и свежи идеи, а токму тоа е потребно за поквалитетен политички живот, вели аналитичарот Ибрахим Мехмети.

„Се работи за истите луѓе, коишто ротираат внатре во самите партии, но немаме нов квалитет на политичката сцена, којшто би можел да направи и да предизвика позначајна промена.“

Сепак Мехмети очекува дека нов лидер на опозицијата би ја направил опозицијата поактивна и поборбена на политичката сцена.

„Се разбира дека е лидершипот е многу важен, посебно кај опозиционите партии. Кај нас традиција е партиите во опозиција да ослабат.“

По синоќешната одлука на извршниот одбор, се очекува социјалдемократите уште денеска да го свикаат централниот одбор кој треба да ја верификува синоќешната одлука. Заев како заменик претседател на СДСМ ќе ја води партијата на наредните локални и претседателски избори.
XS
SM
MD
LG