Достапни линкови

Правната битка треба да оди до Меѓународниот суд на правдата, сметаат експертите


Донесувањето на резолуцијата за бегалците од воените дествија во Република Грција за време на Граѓанската и Втората светска војна експертите ја поздравуваат но сепак оценуваат дека не е доволно на овој начин да се делува во правната битка на Егејците за враќање на одземаните имоти за време на Граѓанската војна во Грција.

„Ова се однесува на индивидуалното ниво, значи да се поддржат тужбите коишто Егејците би ги поднеле против Грција. Но, би било добро да има и една правна перспектива, односно да се оди до Меѓународниот суд на правда, каде што ќе се бара едно генерално правно мислење за тоа кој бил мотивот за бегалците да ја напуштат Грција и дали имаат право да се вратат,“

вели Јана Лозановска експерт по меѓународно право.Таа исто така додава дека со донесувањето на ова резолуција ке им се даде поттик на македонците кои живеат во соседните држави да работат на решавање на проблемите со кои се соочуваат во земјите во кои живеат. Сепак како што посочува Лозановска ова е деликатно прашање, бидејќи останатите држави можат да го протолкуваат како мешање во нивната внатрешна политика.

„Ќе даде сигнал дека државата се грижи за Македонците во околните држави што е доста добро, но и малку деликатно, затоа што другите држави може да кажат дека тоа е мешање во внатрешните работи.“

Предлагачи на „Резолуцијата за бегалците од воените дејствија во Република Грција за време на Граѓанската и Втората светска војна“ се група пратеници од сите парламентарни партии.За дискусија по предлог резолуцијата се јавија само Славица Грковска Лошкова од СДСМ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Грковска Лошкова, истакна дека овој чин е можност во иднина да се оствари аманетот и да се исправи една голема историска неправда.

„Ова нема да биде последната од усвоените резолуции од ова Собрание и дека нашата грижа за сите наши било каде во светот ќе има сили овој парламентарен состав да ја искаже исто така на соодветен начин.“

Димовски посочи дека во 21 век е недозволиво да се премолчува дискриминацијата по етничка основа и да не се проговори гласно и јасно за неа.

„За нас е неприфатливо во 20 и во почетокот на 21 век да премолчуваме на дискриминацијата по етничка основа, на дискриминацијата која за жал се случуваше на Балканскиот полуостров.“

Инаку донесената резолуција предвидува Владата да ја помогне правната битка на Егејците за враќање на одземените имоти за време на Граѓанската војна во Грција, и на секои шест месеци да го информира Собранието до каде е постапката.
XS
SM
MD
LG